ЧАО БЕЛА

| 25 ноември, 2022

Со помош на Јапонија, Македонија доби и вселенска програма.

1 Апелациониот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда од 8 години затвор за Сашо Мијалков и предметот на СЈО „Трезор“, за набавката на опрема за следење на кумуникациите, го врати на повторно судење.

Американската амбасадорка Анџела Агелер можеби пак ќе биде зачудена зошто при толку дадени милиони долари за обуки, првостепениот суд повторно сторил „суштествени повреди при постапувањето во овој предмет“ и зошто на повисокиот суд му требаше година и пол тоа да го утврди. Вистинското прашање не е дали американската амбасадорка или кој било од другите амбасадори, чиишто држави истурија милиони донации за борба против корупција и правосудни реформи, се изненадени и од оваа пресуда. Вистинското прашање е зошто ние не сме изненадени? Исто како што не сме изненадени ни дека Апелациониот суд уште ја држи во фиока пресудата од 12 години затвор за поранешниот директор на УБК Мијалков и за главниот предмет „Тврдина-Таргет“  – за незаконското прислушување на илјадници граѓани.

Ние сме изненадени само од една работа – како сето ова го трпиме. Како уште си замислуваме дека имаме држава.

Освен, ако и ова не се спакува како дел од некоја голема геостратешка приказна, па Мијалков треба да помогне за уште една измена на Уставот.

2Во меѓувреме, Владата реди успех по успех. Премиерот Димитар Ковачевски сними видеоклипче од градилиштето на трасата Кичев-Охрид и напиша: Автопатот веќе не е недостижна цел! Синким под море го градат. Автопат од 57 километри што се гради од 2014 година, по повеќе од 8 години веќе „не е недостижна цел“.

И еден дел од трансформаторот за РЕК Битола успешно пристигна. Секој ден внимателно го следевме патешествието на секој изминат километар. Трансформаторот тргна од Турција, трансформаторот стигна со брод во Солун, трансформаторот тргна од Солун, трансформаторот на пат кон Битола, трансформаторот ја помина границата… ЕСМ објави дека „транспортот на новиот трансформатор е најголемиот и најтежок вонгабаритен транспорт кој воопшто некогаш бил организиран во земјава“.  Сè историски настани ѝ се паднаа на оваа Влада. Во 1970-тите, кога се градеше РЕК, кој да ти знае колку бил габаритен трансформаторот и како патувал.  Го донеле, го монтирале, знаевме само дека има струја.

Ако веќе правиме историски споредби и броиме пробиени километри што во 21 век веќе не се недостижна цел, да бевме во 19 век трансформаторот ќе го донеле по пругата што почнала да се гради 1891, а во 1894 Битола веќе била поврзана со Солун. Мала маана е што баш тој историски ден, кога во Битола пристигна еден дел од трансформаторот, беше забележен уште еден историски рекорд – возот од Скопје до Битола патуваше 10 часа.

3 На примопредавањето на ехо апарат што го донираше Јапонската амбасада на Одделот за педијатрија во Битолската болница, лекарите на амбасадорот му рекле: Овој апарат за нас е спејс шатл“.

Само во една недела јапонската влада донираше и рентген апарат за Клиничката болница во Штип и ехо и це-те-ге апарат за Гинеколошкото одделение во болницата во Кочани. Три апарати, од кои секој чини по околу 50.000 евра. Отприлика колку една службена кола за секој новоизбран функционер, директор на јавно претпријатие, или градоначалник. И помалку од џиповите на поповите што ги владеат епархиите на чија територија се болниците што ни ги опремуваат јапонските даночни обвзрници. До толку пари не можеше да обезбеди македонската држава за неопходни, основни апарати за дијагностика со години, што конечно, откако ги добија апаратите за работа, лекарите толку им се израдуваа, па им се чинат како „спејс шатли“.

Така што, власта не реди успеси само на полето на евроинтегративните процеси. Со помош на Јапонија, Македонија доби и вселенска програма.

4 ВМРО-ДПМНЕ го прошири списокот на причини зошто бара предвремени парламентарни избори. Најновата, а богами и најоригинална, е за да го спасат Скопје од Данела Арсовска, што беше нивен кандидат за градоначалник. На парламентарни избори ќе го спасуваат главниот град од себе.

СДСМ им е виновен за неспособноста на Данела. Им ја подметнале за кандидатка. А кога им викаа дека не плаќала струја во фирмите што ги работела, дека има бугарска лична карта, вмровското раководство се сликаше со успешната менаџерка, „мајката на градот“, и ја пееше „Бела чао“…

Е па, чао бела! Сега, белјата е веќе направена. Скопјани ќе си ја трпат Данела уште три години. Ама на ВМРО-ДПМНЕ не им пречи што главниот град е парализиран. Болката им е во парите. ВМРО-ДПМНЕ отворено си кажа дека ако Владата ѝ ги преземе ингеренциите на Данела Арсовска за капиталните проекти во главниот град, ќе бидат ангажирани сдсмовски фирми. Затоа Мицкоски бара парламентарни избори. Да победи ВМРО-ДПМНЕ па градските пари да одат за вмровски фирми.

5 А каков квалитет за големи пари даваат вмровските фирми се гледа во центарот на Скопје. Се распаѓа Театарот. Се распаѓа Уставниот суд со Археолошкиот музеј. Се распаѓа Плоштадот. Се распаѓаат фонтаните. Се распаѓа МЕПСО. Се распаѓа фасадата на Владата…

Поминаа пет години откако Министерот за култура Роберт Алаѓозоски направи специјална стручна комисија за оценка на објектите од „Скопје 2014“, која предложи повеќето објекти да се урнат. Еве, се гледа дека, покрај тоа што се грди и нефункционални, тие се и небезбедни. Не дај Боже, од еден краток спој со водата што протекува да избие пожар, од стампедо ќе се гине во Театарот. И да е само театарот. Повеќето владини згради од „Скопје 2014“ немаат технички прием.

И што се случи? Пет министри за култура се сменија, Владата на СДСМ ја стави ревизијата на стручните лица во фиока. Една, ама барем една судска постапка да истераа до крај на толку очевидни докази за крадење и неквалитетна градба. По пет години распаѓање на сите објекти, дочекаа уште и вмровците да им викаат „Не знаете ни да го окречите тоа што ви го изгради Груевски“.

Не бе, дечки. Оној театар што се распаѓа е толку нов што да беше добро направен уште немаше да му биде дојдено време за кречење.

Крадено е. Без усул е крадено. Во други земји ќе ги фатат политичарите за корупција, ама ќе им останат патиштата, железниците, аеродромите, пристаништата, државните објекти. Ние останавме и без пари и без театар, и без музеј, без Универзална сала, без пат кон Охрид, без железница, без пошта, без плоштад, без јавен превоз… И без главниот крадец останавме. На СДСМ и тоа му успеа – и тој да им избега. Па сега нека им се нуди од Будимпешта да им кречи.