ТУЖИ МЕ!

| 2 декември, 2022

Нема ние да го вратиме Груевски.

1 Блокадата на булеварот Илинден во центарот на Скопје со 200 приватни автобуси беше слика и прилика на суровата реалност во која живееме. Комбинација на корумпирани и неспособни политичари кои ги лажат гласачите, неморални бизнисмени закачени како пијавици за политичарите за да добијат што поголем дел од јавните пари и неефикасно и корумпирано судство од кое сите имаме дигнато раце дека може да испорача правда. Сето тоа преточено во само еден збор: Тужете!

А граѓаните? Кои граѓани? Кој воопшто води сметка за потребите и интересите на граѓаните?

Тужете! Така скопската градоначалничка Данела Арсовска ќе го реши проблемот со приватните превозници што се во мрежата на јавниот градски превоз. Не им го плаќа долгот иако има потпишано договор со нив и им вика: Тужете!  Не ви плаќам бе, тужете! Типичен деловен морал на бизнисмен од нејзината класа. Си купив џип, немам пари да ти платам. Тужи ме. Отидов на одмор, ќе ти платам кога ќе се вратам. Еј брат, па зарем до тие пари ти дошло. Немам сега, што да ти правам. Тужи ме.

Само што во случајов, ако Град Скопје некогаш го изгуби спорот, нема казната да ја плати Данела. Во случајов, „Тужете ме“ е класична злоупотреба на јавните фондови. Синким, ова е приватен закуп на спортска сала, па нема да плаќаш струја и нека те тужат.  Па уште вика и дека досега не видела оти добила опомена пред тужба. Како што е редот во македонскиот деловен морал – да може во меѓувреме, од опомената до тужбата, да ја ликвидираш фирмата. Па додека пресуди судот, да нема од кого да си го наплатиш долгот.

Казната ќе ја платат даночните обврзници. А скопјани, кај што немаат автобуси, ќе останат и без пари.

2 А, кога ќе ми текне дека лани ова време скопските таксисти се жалеа оти ако Данела го оствари ветувањето за бесплатен и ефикасен јавен превоз, тие ќе останат без работа, зашто никој нема да им се вози во колите. Многу сериозно ја сфатија Данела  кога во октомври 2021 викаше дека „Набавката на 250 еко автобуси ќе се реализира уште во првите 82 дена. За овие решенија не се потребни месеци, ниту години, туку се решаваат веднаш“. Чиниш спремни се автобусите во некоја фабрика, спакувани чекаат само таа да стапи на функција и нејзиниот патрон Христијан Мицкоски да стане премиер по предвремени избори и – тргнаа автобусите за Скопје.

А нивниот другар Ленин, како типичен македонски бизнисмен прикачен за политичар што може да му донесе заработка од јавните пари, велеше дека Скопје добил „жена-титан која ќе ви покаже колку и што може да направи за Скопје, без оглед колку злобно и неправедно беше напаѓана од клети луѓе и изроди“. На 2 ноември 2021, веднаш откако Данела победи на локалните избори, тој јавно се понуди: „секогаш ќе бидам тука да помогнам про боно и да направам сѐ што знам и умеам за мојот роден град Скопје“.

Е па, сега зошто ѝ се лути на Данела што не му плаќа? Таа буквално го сфатила дека ќе ѝ работи про боно. И тој ли стана „клет и злобен“, па кога сфати дека нема фајде од неа, „титан-жената“ стана „уличарка“.

А најзабавната улога во градскиот циркус ја игра ВМРО-ДПМНЕ. Упорни се сами себе да си се убедат дека Данела е кандидат на СДСМ. Не само што затвораат очи пред реалноста, туку и црн превез си ставиле да не гледаат. Сепак, и покрај сета патологија и кусо паметење во ова општество, не можат баш сите да нѐ убедат дека Данела на власт не ја донесоа баш вмровците кои по команда ја гласаа. Не сме сите до толку излапени. Па скоро беше март, кога Мицкоски заедно со најдобрата менаџерка на светот купуваше автобуси за Скопје, а таа го фалеше дека „претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски проактивно делува за подобрување на состојбите во Скопје“.

И Данела, исто како партијата што ја направи градоначалничка, живее во негирање на реалноста. При автентични фотографии и видеоснимки од гужвите на автобуските постојки и во автобусите, таа најладно нè убедува дека градскиот сообраќај е нормален, ама медиумите шират шпекулации, затоа што сите ја мразат и ѝ се закануваат. Тоа што има гужви е затоа што на луѓето им е ќеф да се дружат. По речиси три години ковид, сакаат да се зближат, да си помуабетат, да направат нови познананства… Во нејзините очи веројатно Скопје веќе има бесплатен и брз превоз. И автобусите се тука и се бесплатни, оти таа нема намера да плаќа без тужба. А и брзи се. Затоа не можеме да ги видиме.

3 Власта на државно ниво и СДСМ уживаат во сеирот. И ним како некој да им ставил превез на очите. Како да не се и тие дел од претставата.

Надмено и со сарказам викаа: гласајте ја бе Данела, гласајте си ја… И ја изгласаа луѓето. Петре Шилегов се караше со незадоволни граѓани. Им викаше: Да не ме гласаш. Ич да не ме гласаш. И ете – не го изгласаа.

Данела ја изгласаа вмровците, ама Петре Шилегов изгуби од разочараните партиски неопределени граѓани. Ама, во СДСМ уште не можат да сфатат дека за последните порази не им се виновни партиски неопределените гласачи.

Димитар Ковачевски кажува досетки по партиските митинзи, членовите му аплаудираат, му викаат браво шефе, многу сме јаки. Ама има луѓе што не одат по партиски трибини и што се обидуваат без предрасуди да ѝ укажат на грешките на власта, испраќаат сигнали дека нешто не чини, па имаат и нешто паметно да ѝ кажат. А СДСМ ги шиканира и навредува. Ги вика неутровмрана. И власта на секоја критика одговара: Вака Груевски ќе го вратите!

Викаат: „Си ја изгласавте Данела, бе. Ако ви е. Гласачите да размислат кого гласаат“.

А бе, гласачите ќе размислат. Ама, како би било вие од позиција на власт да помислите и на граѓаните, а не само на партиските и бизнис интереси на блиските?

Дај шанса 2017. Дај шанса 2018, Дај шанса 2019… Ама еве задутре 2023 веќе доаѓа.

Нема ние да го вратиме Груевски.

4 Над 400 студенти на Правниот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, од 2008 до 2012 година добиле уверенија за звање дипломиран правник како за четири години образование, а имале кредитни поени како за три години. Над 200 од нив пред фактички да дипломираат положиле правосуден испит.

Не знам зошто ги комплицираме работите. Зошто децата чии родители се од ДУИ не добиваат дипломи уште кога ќе се родат. Кога ќе ги запишат во матична книга на родените веднаш да им издадат и диплома по желба на родителите.

Па и потврдата за положен правосуден испит е човеково право. Зошто да го чека 20 години, кога може да го добие уште со самото раѓање.

5 Американските санкции за корумпираните политичари од Балканот имаат ефект и САД ќе продолжи со санкционирање на корумпирани функционери од регионот, вели Габриел Ескобар, заменик-помошник на државниот секретар на САД. Тој вели дека „кога граѓаните ќе дознаат во каква корупција биле вмешани санкционираните политичари, лидерите треба тие лица да ги тргнат од функциите и од изборните партиски листи“.

Целта на САД е ем да ги санкционираат корумпираните политичари од Западен Балкан, ем кога ние тука ќе дознаеме како политичарите ни ги краделе нашите пари, веќе да не гласаме за нив, затоа што и партиите ќе се откажат од нив и нема да ги кандидираат.

Ме изненадува ентузијазмот на американската администрација и довербата што ја имаат во демократскиот капацитет на партиите и партиските лидери од Западен Балкан. Американците стварно мислат дека на мнозинството граѓани им пречат корумпираните политичари.