ГАСИ СТРУЈА

| 18 ноември, 2022

Нек’ дојде живот.

1 Ова што СДСМ законски сака да го врати државното рекламирање во приватните медиуми, при што над 4 милиони евра наши пари од буџетот ќе одат за пет национални телевизии, ме потсетува на една секвенца од прислушуваните разговори што ги објавуваше Зоран Заев. Мартин Протоѓер, првиот човек до Никола Груевски и шеф на идеолошката контрола, му се јавува на газдата на Канал 5 Емил Стојменов и му вика некоја емисија што не им се допаѓа да ја пуштат со пречки во сигналот, а газдава уште порадикален му одговара: „Дури мислев и струјава да ја исклучам во телевизијава, нек си ибе мајката“. Па Мартин, уште и фин, му сугерира „Не бе не, нека се пушти со пречки, со лош тон, луѓево да не можат да гледаат и ќе сменат кога ќе видат“.

Само пет години поминаа откако се чудевме дека Владата на Груевски потрошила 38 милиони евра од 2008 до 2015 за владини кампањи. Најмногу отидоа во Сител и Канал 5. Тогаш од СДСМ плачеа дека им ја исклучуваат струјата и им прават пречки во програмата. Сега, тие би да исклучуваат. Оти, мала беше штетата што ја направи ВМРО-ДПМНЕ со поткупувањето на медиумите, па сега СДСМ да направи поголема. За да останат на власт ќе си легнат и со џелатот во ист кревет. Со истите тие што здушно учествуваа во злосторствата на власта, примаа пари од Владата да водат хајки против неистомислениците, повикуваа со кајрони на мобилизација за одбрана на Груевски и бандата, криеја настани кои власта на секаше да се објават, лепеа клинци на лицата на политичките противници, се закануваа со надгробни плочи…

Сега во СДСМ велат дека многу им требале телевизиите. За што им требаат? Доволно е само да не крадат и добро да работат, и нема да имаат потреба со наши пари да си купуваат медиумска љубов и разбирање.

А јавниот сервис МРТВ што не го средат? Пет години го заборавија дека постои, го урнисаа. А Македонското радио, а Стотројка?  Тоа што треба да е национално културно богатство го баталија, за да даваат на приватниве телевизии за „Звезде Гранда“.

Ептен гранде проект смислиле. Им требале телевизите за да имаат каде да пуштаат јавни кампањи. А бе, ај… Им требаат за да ги поткупуваат газдите, за овие да им наредуваат на новинарите што смее, а што не смее да се објави. Неписмените и некадарните новинари ќе им се плашат, писмените и професионалните новинари ќе си молчат да не си ја загубат работата.

Баш им е гајле ним за јавниот интерес. Тие газди единаесет години ѝ служеа на ВМРО-ДПМНЕ. Сега ќе ѝ служат на СДСМ. А ако дојде ред, пак ќе ѝ служат на ВМРО-ДПМНЕ. Не им е важна ним одговорноста што ја имаат кон јавноста. Важно им е само како да им пловат јахтите.

Многу им се добри плановите на СДСМ да ја задржат власта на следните избори. Ама за овие пет-шест години не смислија ништо ново. Уште препишуваат од белешките на Никола Груевски.

Е па, пак ќе снемува струја, драги гледачи.

2 Во исто време додека во Владата смислуваат како да потрошат 5 милиони евра од буџетот за да си купат љубов од телевизиите, смислија и како да го намалат бројот на студенти корисници на субвенциониран оброк. Ај што го поскапеа субвенционираниот оброк, го поскапеа, оти сите цени се отидени угоре. Ама мислеле и како да ги заострат критериумите, па смислија дека субвенциониран оброк не смее да имаат корисниците на стипендија и студентите што во фамилијата имаат членови кои имаат минимална плата. Па кој да користи субвенционирана храна, ако не тие што имаат минимална плата? Тие што во семејствата немаат никаква плата?

Понекогаш си мислам дека некој им прави саботажа на сдсмовците. Дека ВМРО-ДПМНЕ подмолно им смислува глупави решенија и по некои тајни канали им ги испраќа во кабинетите, а овие од што се мрзеливи без да ги читаат ги пуштаат во процедура. Да се прикаже дека се работи нешто, де. Да се стави на Фејсбук. Лајкови ќе ни ставаат од штабовите.

Или пак, власта сосема има изгубено контакт со реалноста. Како инаку да објасниш дека среде светска криза некоја социјалдемократска влада решила да штеди баш на студентите. И тоа на храната. И тоа од храната за најсиромашните студенти.

3 Среќа што претседателот на државата Стево Пендаровски има контакт со реалноста, кога вели дека тој не би го пуштил својот син да живее во студентски дом. Во интервју за ТВ 24, рече дека „условите во студентскиот дом Стив Наумов беа грозни и одвратни уште пред 25 години и не гледам дека нешто суштинско се променило“.

А условите во домовите можат ли да се сменат самите од себе?  Или ќе се поправат само со гледање од близина?

Стево Пендаровски пак заборави дека е претседател. Да, навистина, тој како шеф на државата не е одговорен за студентските домови. Ама, Стево Пендаровски денеска не е истиот Стево Пендаровски од пред 25 години. Мала разлика е што сега е претседател на државата. На крајот на краиштата, воопшто не ме интересира што ќе констатира некојси граѓанин Стево Пендаровски за условите во домовите. Не ме интересира дури ни што мисли претседателот Стево Пендаровски за истата тема. Ме интересира што прави за да биде подобро.

4 Исто како и министерот за здравство Беким Сали, кој констатирал дека нема лекови за болните од рак, ама не знае кога ќе бидат набавени оти тој не ги набавувал. Оперираните и тие што поминале хемотерапија и зрачење не примаат имунотерапија повеќе од два месеца.

„Секако не се очекува пациенти да купуваат терапија за себе, државата, т. е. Клиниката треба да се грижи за навремено снабдување, но јас сум оптимист и очекувам да бидат надминати овие пречки“, рече министерот Сали.

Што надеж им даде на луѓево министерот за здравство! Малку им е мачна болеста со која се борат, малку им се тормозењата на Онкологија и неизвесноста кога ќе го добијат лекот, да бараат врски кому да платат мито, па сега уште и оптимизмот на министерот мораат да го трпат.

5 Не бе не, нека се пушти со пречки, со лош тон, луѓево да не можат да гледаат и ќе сменат кога ќе видат.

Море, исклучи струја, нек’ си ибе мајката.

Нек’ дојде живот.