СРЦЕ НА КРСТОПАТ

| 28 октомври, 2022

Ние ја градиме пругата, пругата нѐ гради нас

1 Три дена антитерористички единици на МВР ги ослободуваат учениците од настава поради дојави за поставени бомби во средните училишта во Скопје. Три дена не се најдени испраќачите на заканувачките електронски пораки.

Ова е специјална војна по дефиниција. Создава несигурност, креира паника и ги троши ресурсите на полицијата. Иако, со оглед на тоа колку ни се кадарни партизираните институции, нам не ни треба специјална војна за да се чувствуваме несигурни. Самата недоверба на граѓаните во институциите е посериозна од која било специјална војна.

2 Овојпат сум убеден дека ќе почне да се гради пругата кон Бугарија. Ма, сто посто сум убеден дека 34 километри од делницата, сосе 5,5 километри тунели и надвозници ќе се направат до крајот на 2025 година. Како нема да се направат за 3 години? Тој непресушен оптимизам за градење на пругата кон Бугарија ни трае уште од 8 октомври 1994, кога првпат беше ставен камен темелник. Оптимизмот достигнува врвови на секои 5-6 години, кога одново се најавува изградба на пругата кон Бугарија. Само во оваа колумна за пругата имам пишувано над 20 пати за 30 години.  И еве, по речиси три децении, оптимизмот не нѐ напуштил. Ми се чини дека го има надминато и оној за браната „Чебрен“. А оптимизмот за патот Велес-Прилеп преку Бабуна одамна се изгуби. И Чебрен и Бабуна се најавуваат од октомври 1994.

Пругата кон Бугарија не е обичен градежен зафат. Тоа е мит со кој еве расте веќе втора генерација Македонци. Секоја најава за камен-темелник само го подгрева митот. Како пруга нема друга.

Ние ја градиме пругата, пругата нѐ гради нас.

3 Фала ѝ на ЕУ за 80-те милиони евра што ќе ги даде како помош на Македонија за ублажување на енергетската криза. Наше гајле е сега како ќе ги трошиме и дали парите ќе ја постигнат целта без корупција. Фала ѝ на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен што го поздрави потпишувањето на договорот на Македонија со Фронтекс на македонски јазик и што самата твитна на македонски јазик.

Ама, зошто мораше овие две убави вести да се поклопат со омрзнатиот збор „северномакедонци“ што таа го изговори за време на прес- конференцијата со премиерот Ковачевски? Сѐ ќе направи како што треба, ќе го испочитува македонскиот јазик, ама ќе каже еднаш „северномакедонци“ и забораваш сѐ убаво што зборела.

Од каде би знаеле странските државници дека тоа прашање кај нас е многу чувствтелно, ако некој тоа упорно не им го кажува? Многу е глупаво ние дома да си ги вадиме очите – северџани, меверџани, вакви, такви, а да не реагираме надвор, каде што треба. Впрочем, Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон веќе еднаш се извинија кога споменаа „северномакедонци“. Можат тие и сто пати да згрешат, ама од тука треба сто пати институционално да се реагира. Нека си забележат тие што им ги прават белешките за прес-конференциите и изјавите дека северномакедонци не постојат. Дека постојат граѓани на Северна Македонија во која живеат Македонци кои многу се навредуваат ако некој ги нарече северномакедонци. Исто како што има и Албанци кои, не дај боже, некој да згреши да ги нарече Македонци. Одма чизмите заборавени од 2001 од таванот ги вадат. Вака излегува дека на „странскиот фактор“ повеќе му е грижа да не ги навреди Албанците, а за Македонците се покажа дека можат многу навреди и понижувања да истрпат на патот кон ЕУ.

Секој ваков гаф за европските лидери и функционери можеби е незначаен, но за нас е увод во нови политички поделби. Одново и одново. Ќе се вртиме во круг на патот кон ЕУ. Божем за стабилност зборуваме, а нашето одење кон ЕУ стана најголем фактор на политичка нестабилост.

4 За време на продолжениот празничен викенд, како по обичај, повторно се направија гужви на граничните премини. На Богородица, на влез од Грција пет-шест колони возила мора да се престројат во две, ама луѓето не знаат каде бидејќи семафорите што покажуваат отворена лента не работат. Посебната лента за македонски државјани не функционира, знакот МК џебе е залепен. Истиот сообраќаен хаос е и на Табановце, на влезот од Србија, на границата што го спојува „Отворен Балкан“.

Семафорите не работат оти се прегорени светилките. Светилките нема кој да ги смени. Куќичките биле на Министерството за транспорт и врски, тие ѝ биле дадени на Царината, а Царината ѝ ги давала на полицијата. Три државни институции, оправдувања безброј. А светло над куќичките нема. Има само нервозни граѓани од чии даноци се плаќаат вработените во државните институции чија работа е да направат ред.

Секогаш кога си доаѓам во земјава се прашувам дали на премиерот, на пратениците, на министрите на сите оние луѓе што се на високи функции во јавните претпријатија не им е непријатно кога си се прибираат дома? На пример еве, возиш, возиш низ Србија, нов асфалт, искосена трева околу рабниците, собрано ѓубре, нови мачкини очи, чисти патокази… и ја поминуваш границата, прво кучиња ќе те изедат, па раскопан асфалт, валкани кабини за патарини, обраснати рабници со трева и грмушки, расфрлано ѓубре… Или, кога влегуваш од Косово, па ќе те дочекаат оние 12 километри дупки од кои ни првите два километра, што веќе историски ги најавуваат како пругата за Бугарија, уште не се почнати. Колку и да влегуваат преку ред, колку и да не чекаат на гранични премини, колку и да ги придружуваат со полиција па јурат по патиштата, не може да не забележат баш ништо.

Нели, кога си доаѓаш дома треба да ти дојде убаво на душата. Што човек треба да си хаосот да не ти пречи? Нели ги фаќа срам, па да си кажат – ало, а бе ова е моја работа. Еве и да не е моја, ама ќе најдам чија е, па ќе сторам сѐ да се заврши работата.

Затоа, веројатно е сосема нормално да бидеме нервозни додека се туркаме во гужва за да си влеземе во сопствената земја. Оти, нам природна состојба ни е да живееме во неред и во ѓубре. И власта таа природна потреба ни ја сервисира уште на граница, на влез во земјава. Да не случајно помислиме дека може да биде и подобро.

5 Затоа е сосема нормално и кога градската власт на Скопје и општинската власт на Кисела Вода се скараа за знак со срце на раскрсница на влез во општината.

Цели населби со згради нелегално се дигнаа, улици и паркинзи нелегално се пробиваат, Скопје нема пари за одржување на јавниот превоз, енергетска криза е, идат денови на загадување на воздухот, центарот сосе цела Грујова оставнина од Скопје 2014 се распаѓа буквално, тротоарите се зафатени, улиците се непроодни, ама приоритетот за решавање на хаосот е баш знакот „Ја сакам Кисела Вода“. Да се стави тој знак е приоритет за Општината, а приоритет за Градот е да се урне тој знак. Бидејќи, ни Градот ни Општината не гледаат ништо друго поважно. Срце на крстопат.

А зошто? За тоа кој да ја земе провизијата од 136-те милиони евра за пречистителната станица – ВМРО-ДПМНЕ или градоначалничката што тие ја донесоа на власт. Поарно ќе беше да ги немаше тие 136 милиони евра. Со тие пари ќе го блокираат Скопје следните три години.

6 Собранието се надмина себеси. Во еден ден, и тоа во петок, изгласа нов министер за локална самоуправа и двајца уставни судии. Месец и пол немавме министер, ама не се осети дека нешто многу ни фали. А судиите ги избираа пет месеци. И пак не ги избраа сите.

А бе, вест за несвест. Да се чуди човек на ефикасноста. Ова нашето Собрание е, или некое друго.