СЛИКАЊЕ ЗА ФЕЈСБУК

| 4 ноември, 2022

Партизаните во гроб ни се превртуват со толкава брзина што можеме струја да произведуваме.

1 Последниов Самит на земјите од Западен Балкан во рамките на германската иницијатива Берлински процес ќе ми остане запаметен по сликата од министерот за надворешни работи Бујар Османи, како лежерно сам си шета на дожд низ Берлин во светли панталони. Баш убаво му стои берлинската улица на сликата што ја објави на Фејсбук.

Не е дека не верувам во Европската унија. Цела професионална кариера ми помина во вербата за ЕУ. Верувам и во искрените намери на Германија. Ако ништо друго, официјален Берлин барем со дело покажува проактивна политика за да го олесни влегувањето на Западен Балкан во ЕУ. Ама заморен сум. Поточно, не сум ни заморен. Едноставно, кога по стоти пат ќе слушнам некој европски лидер да каже дека „Европската унија не е комплетна без земјите од Западен Балкан“, ми треба голем напор да го одржам ентузијазмот за ЕУ по сето тоа што се случува во реалноста, кадешто по прашањето на интеграцијата на Македонија, со Европската унија владее Бугарија. Една земја-членка негира постоење на нација во соседството, а ЕУ тоа го прифати како критериум во процесот на проширување. Тој факт ми го уби ентузијазмот.

Реченицата „ЕУ не е комплетна без земјите од Западен Балкан“ ја слушаме уште од Солунскиот Самит на ЕУ во јуни 2003. Се тркала таа реченица уште откако официјално беше промовирана како ЕУ политика на Самитот што го организираше баш земјата-членка што најактивно го кочеше процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, поради бизарниот спор за името кој во декември 2011 го изгуби на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, ама не сакаше да ја спроведе пресудата.

Нејсе, со Грција некако ја оправивме работата. Влеговме во НАТО, се врати ЕУ ентузијазмот. Арно ама, сега на Бугарија ѝ дојде редот да ја користи Европската унија како моќна алатка да го сопира нашиот развој. И успешно ја користи.

Берлин во 2014 го смисли Берлинскиот процес. Париз годинава ја смисли Европската политичка заедница. Уште колку утешни награди, Самити за Западен Балкан и алтернативи за ЕУ ќе ни смислуваат за да нè држат во кондиција додека ги слушаме ветувањата за европска иднина? Џабе ќе бидат сите тие сликања за Фејсбук и Инстаграм, твитања и ракувања и уште сто пати повторената реченица дека „ЕУ не е комплетна без земјите од Западен Балкан“. Од сите ветувања, само уште Уставот да го смениме остана. Зашто така сака Бугарија.

2 Додека Германците во Берлин се радуваат на успехот дека ги убедиле лидерите од Западен Балкан да потпишат договор за полесно поминување на границите, во Софија не можат да се сопрат во смислувањето нови провокации што би го сопреле нашиот пат кон ЕУ. Нашиве политичари од власта внимаваат како да ги пречекаат Бугарите да не случајно ги налутат, а Бугарите гледаат како да ги начекаат. Ја испратија потпретседателката Илијана Јотова во Битола на Денот на ослободувањето на градот од фашизмот да отвара ловечки дом за „бугарските ловечки традиции од цар Самоил до денеска“ и со гарда да посетува гробишта на бугарски војници од Првата и Втората светска војна низ Битолско и Преспа. Партизаните во гроб ни се превртуват со толкава брзина што можеме струја да произведуваме.

Бугарското Министерство за надворешни работи било многу загрижено дека Собранието усвои закон со кој се забранува на здруженија и фондации да им се даваат имиња на фашисти и нивни соработници. Ние сме загрижени дека европска Бугарија промовира здруженија и клубови со имиња на фашисти и нивни соработници. А Европска унија ни вика – Вие само сменете го Уставот.

Не е проблем да го смениме Уставот. Што сè не сме смениле за таа пуста ЕУ, па сега проблем било Уставот да се сменел по стоти пат. Еве, ако треба ќе ги наброиме во Преамбулата сите 3.504 граѓани што се изјасниле како Бугари на пописот со име и презиме поединечно, ако тоа е последната пречка за влез во ЕУ. Проблем е што истата секунда кога ќе го смениме Уставот, Бугарија ќе излезе со нови барања пред ЕУ, опстојувајќи на политиката за негирање на македонскиот идентитет. Европската унија ѝ е последна шанса на Бугарија да го оствари она што со векови не успеала да го оствари со војна и тоа ќе го користи до крај.

3 Досега сум се соочил со можеби стотина деманти, реакции, барања за повлекување на текст и тужби за објавен текст, ама неделава првпат ми се случи некој да побара повлекување на фоторепортажа. ЈП „Комунална хигиена“ побара да повлечеме текст со фотографии што го документираат ѓубрето расфрлано во најстрогиот центар на главниот град – на Плоштадот Македонија, на кејот на Вардар и на пешачката зона на улица Македонија. Се заканија со тужба ако во рок од 24 часа не се извиниме што сме го сликале ѓубрето што тие не го собрале во центарот на Скопје.

Што да напишеме во извинувањето? Дека Скопје е чисто? Или ние имаме различни аршини што е чисто, а што е валкано, или на планетата на која што живее локалната власт, центарот на нашиот главен град е многу чист.

Е па, ај тогаш нека им биде по ќеф. Ние да се извиниме зошто Скопје е валкано. Ние да се срамиме. Оти тие се бесрамни.

4 Цел викенд нетрпеливо ќе чекаме дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе одлучи да ја прифати поканата на премиерот Димитар Ковачевски да оди на лидерска средба закажана за в понеделник, или нема да оди. Ако оди, зошто ќе оди, ако не оди, зошто нема да оди.

Кога вака ќе почне да се фемка, а медиумите со сета сериозност ќе му ги пренесуваат изјавите, ми текнува дека тоа е истиот Христијан Мицкоски кој пред една година сам се објави на Фејсбук како лежи гол на операциона маса со фластер на десната страна од вратот, а зад него беше медицинскиот тим што му извади масно ткиво баш истата ноќ кога во Собранието пропадна гласањето за недоверба на Владата.

Кога ќе ми текне на оваа слика, веднаш ме преплавува оптимизам за исходот на лидерската средба в понеделник. Каков лидер, таква лидерска средба.