СИТЕ СМЕ ФИКУСИ

| 18 март, 2022

Кога Владата ќе рече дека јавната администрација треба да штеди, станува појасно колку расипнички троши.

1 Ѓорге, врати се. Сите сме фикуси. Тоа е пораката на Апелациониот суд откако пресуди условна осуда од шест месеци затвор и пола милион денари за штета, што Здравко Савески и Владимир Куноски ја направиле со кршењето на излогот на претседателската канцеларија на 13 април 2016 што беше предвесник на Шарената револуција.  Графитот „Фикус низаеден“ долго време стоеше на ѕидот на канцеларијата во центарот на Скопје, како сведоштво на граѓанскиот протест против криминалите на власта што ги слушнавме во прислушкуваните разговори.

Протестите ексалираа откако претседателот Ѓорге Иванов амнестираше 56 функционери од власта на Груевски и нивни помошници и сведоци за кои СЈО поведе постапки за тежок криминал. Протестите против аболицијата траеја два месеца, Иванов ја повлече аболицијата, дел од функционерите што претходно беа помилувани се осудени и издржуваат казна затвор, најблиските соработници на Никола Груевски на последните рочишта признаа вина и се извинија на граѓаните за непријатностите што ги чуле во бомбите… Ништо од ова немаше да се случи ако ги немаше тие протести и Шарената револуција. Да не беа тие протести немаше да се откријат ни криминалите. А ни Груевски немаше да избега во Будимпешта.

И сега Апелација во стилот „Сè по закон шефе“, ќе глуми правна држава на Савески и Куноски еден месец пред да им застари делото за кое се судени. Со најскапо платениот џам од излогот и столиците од канцеларијата на Иванов. А за правосилност на пресудите за најкрупните функционери од претседателскиот список на амнестирани ќе почекаме да застарат со враќање на повторно судење по стоти пат.

2 Владата донесе одлука за штедење во сите институции што се на државен буџет. Соопшти дека донела „мерки за рационализација“. Ајде да пробаме да објасниме што значи тоа.

На пример, што значи дека „Владата ги задолжи сите буџетски корисници за 50 % да ги намалат трошоците за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користењето на службените возила“. Преведено на разбирлив јазик, тоа значи дека за половина треба да го намалат расипништвото со државни пари. И останува прашањето: Зошто меркиве за штедење за репрезентација и службени коли да не останат и кога ќе заврши кризата?

Или, што значи кога Владата ќе соопшти дека „сите буџетски корисници се задолжени да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на делегации при патувања во странство“?

Тоа значи на службени патувања да се оди само кога треба. И кога имаш работа. И што значи да се намали бројот на делегациите што одат во странство? Дека треба да патуваат само тие што треба да завршат работа.

Така е во приватните фирми. Таму одат на службен пат само тие што имаат да завршат работа. И што плаќаат даноци, за после државните институции да имаат од каде да штедат на расипништвото. Настрана што приватните фирми плаќаат даноци и за измислени институции,  измислени функции и придружни работни места. Тие нема потреба ни да постојат, а не пак уште и да трошат за службени патувања.

Но најинтересна е препораката на Владата до регулаторните тела, општините и локалните  претпријатија „да се воздржат од помалку суштински расходи“.

Значи треба да штедат од суштинските, а да се воздржуваат од „помалку суштински расходи“. Тоа „помалку суштински расходи“ едноставно значи „непотребно трошење“. Или, уште поедноставно кажано – расипништво со државни пари.

Всушност, со оваа соопштение и без превод дојдовме до заклучок: Кога Владата ќе рече дека јавната администрација треба да штеди, станува појасно колку непотребно троши.

3 Советот на јавни обвинители реизбра пет обвинителки во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Ама, претседателот на Советот Антонио Јолевски не знаеше да наброи ниту еден случај на корупција и организиран криминал што го водат четири од петте обвинителки и да  објасни како баш тие се најдобрите кандидати да продолжат во тоа обвинителство уште 4 години. Како што не објасни ни зошто другите кандидати не беа избрани. На забелешките зошто Советот за обвинители ги избира тие што не испорачале резултати, тој рече дека не може секој да се снајде само во еден мандат. Па на реизбраните им даде шанса да се покажат во наредните 4 години. А на тие што отпаднаа им посака да имаат повеќе среќа на следниот конкурс.

Ај, на следниот конкурс може повеќе среќа ќе има обвинителот што се спогоди со Зоран Милески – Кичевскиот, за шесте месеци затвор за сообраќајката со мртви и повредени што ја направи на Стража додека беше в затвор, ама пуштен да се лекува. На овој конкурс немаше толку среќа.

4На сета мака со датумот за почеток на преговори со ЕУ и бугарското вето, почнавме и да се смееме со гачките на евробирократите што доаѓаат тука божем да нè утешат. Високиот преставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел во Скопје изјави „Не можам да ви ветам датум, но можам да ви ветам волја, а каде што има волја има и начин“.

Не му е лесно на Борел. Мора нешто паметно да смисли, како што смислуваше комесарот за проширување на ЕУ Оли Рен во декември 2007, две години откако Македонија доби кандидатски статус. И тој тогаш раскажуваше  вицови за Јан Сибелиус кој кога жена му го прашала кога ќе си дојде дома ѝ одговорил дека не е претскажувач, туку композитор.

Кога веќе Борел решил да ни кажува поговорки, како онаа „Кај што има волја, има и начин“, имаме и ние една добра за нашава сага со ЕУ – „Кај што има сила, нема правдина“. Ако поговорките се сè што имаат да кажат евробирократите, тогаш ич нека не доаѓаат. И тие ќе заштедат на службени патувања.

5 Русија ја нападна Украина. Изврши брутална воена агресија врз суверена земја. Тука нема две земји што војуваат. Има земја што нападна и земја што се брани. Агресорот бомбардира станбени згради, болници, театри… Има веќе илјадници загинати цивили. Има три милиони бегалци за три недели.

И ако во овој случај не можеш да разликуваш добро од зло, сите дебати, анализи и мудрувања не се ништо друго туку чамче муабет за пред кооперација. И држење пиксла на слава.