КОМПЛЕКСНА ДИЈАГНОЗА

| 25 март, 2022

Ние сме одлучиле. Прашање е дали ЕУ одлучила  Македонија да влезе во ЕУ. Или ќе нè остави на Русија?

1 Ептен се израдував од победата на македонската фудбалска репрезентација против Италија. Уште ме држи добро расположение. Па и на сликата од трибините кога во ложа го видов министерот за правда Никола Тупанчевски, во друштво на претседателот на судот во Кавадарци Лазар Нанев и вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи, не ѝ придадов некое значење. Иако, ова е прв позабележителен настап во јавноста на министерот за правда откако е избрана Владата на Ковачевски.

Отпосле ми текна. Ми беше малку чудна комбинацијата од министер за правда, виш јавен обвинител и претседател на суд заедно на фудбал, па уште и во Палермо, во Италија. Не дека не можат самите да си дозволат карта за фудбал и пат до Италија, туку така си се думам, случајно ли се нашле во истата ложа, се дружат ли приватно, да не имало во Палермо некоја работилница на ЕУ за владеење на правото, за борба против корупцијата и реформи во судството, за отчетност и за добро владеење … Или, едноставно, си фатиле врски во Фудбалската федерација на Македонија. А тројцата се луѓе со влијание. Нели, во животот ништо не е бесплатно.

Ама па и ако биле приватно, земале ли одмор, отвориле ли боледување, неплатено отсуство им одобриле, си ги делегирале ли обврските на други додека не се на работа…. Замисли да сакаат сега и во Португалија да одат, а веќе си ги потрошиле слободните денови.

Дента кога министерот за правда го вееше македонското знаме во Палермо, во Скопје имаше некоја Меѓународна судска конференција на која американската амбасадорка Кејт Брнз, повикувајќи се на истражување на „Евротинк“ кажа дека „само 8 отсто од граѓаните на Северна Македонија имаат доверба во судството и обвинителството“. Тупанчевски не пропуштил ништо битно затоа што не можеше да биде присустен на таа конференција. Американската амбасадорка не откри нешто ново што тој не го знаел претходно.

Иако, за волја на вистината, малку делува збунувачки дека 8 отсто од граѓаните веруваат на судството. Да не утнале нешто со примерокот за анкетирање? Каде ли ги нашле толку многу?

2Радоста е голема, ама она што ме вознемирува е кога ќе видам тинејџери на улица како прославувајќи спортска победа на Македонија извикуваат: „Чиста Македонија„ и „Само мртов Шиптар е добар Шиптар“. Притоа, некои од нив беа облечени со дресови и дуксери на Џани Алијоски и Аријан Адеми.

Каква е таа ментална матрица во главите на овие млади луѓе, за во моменти на егзалтација од радост да посакуваш смрт на некој што те израдувал? Па од толку радост уште и дрес си облекол со неговото име. Улица да ги воспитуваше немаше да ги воспита вака да се радуваат на успехот на својата земја.

3 Со грант од 300.000 долари од американска филантропска организација ќе се конзервира Теодосијанската палата во археолошкиот локалитет Стоби. Некои луѓе што живееле тука, уште во четвртиот век успеале на римскиот император Теодосиј да му изградат палата. А ние, седумнаесет века подоцна не можеме да го заштитиме тоа што нашите претци го изградиле. Па Американците ќе ни платат.

Што е за право, Американците се должни да си ја завршат работата. Во 2003 година, со пари од буџетот на САД почнаа археолошките ископувања на Римскиот форум во Стоби. Сега нека продолжат кај што застанале.

Од американскиот Амбасадорски фонд за заштита на културно наследство, во Македонија досега се вложени 1,4 милиони долари во 15 проекти. Со пари на американските даночни обврзници се реставрирани фреските и зградата на манастирскиот комплекс и црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, заштитени се ранохристијанските фрески и крстилницата на Епископската базилика во Стоби, како и словенските и грчките ракописи од 9-тиот и 10-тиот век во Охрид, адаптиран е Турскиот амам во Тетово во Национална галерија, конзервирана е фасадата на Шарена џамија во Тетово, заштитени се археолошките ископини во Хераклеја, конзервиран е манастирот „Света Богородица“ од 11 век во Вељуса и Чифте амамот во старата скопска чаршија…

Зошто го прават тоа? Па се знае. Затоа што се империјалисти што сакаат да доминираат во светот. Зашто сакаат да нè обезличат. Да ни го земат името македонско и идентитетот. До таму отишле, што во 2004 година ги реновирале кровот и ѕидовите на „Свети Спас“ во Скопје, црквата во чиј двор е гробот на Гоце Делчев. Оти МПЦ тогаш немала да даде 30.000 долари. Штедела за да гради станови во висококатници.

Ама не. Ние Путин ќе си го величаме, оти бил заштитник на православието. А Руската црква не ја признава македонската. Како што не ја ни признава украинската црква, оти Украинците не ги признава за живи.

Тоа е отприлика истата онаа ментална матрица како децана што викаат „чиста Македонија“, а носат маички со името на Адеми. Украина е виновна оти Русија извршила агресија врз неа.

Да се мечтае за живот на Запад, а да ја славиш Русија. Да играш лотарија за да се преселиш во Америка, да се запишуваш на списоци за чекање работна виза за Германија, да измислуваш бугарско потекло за да вадиш бугарски пасош да живееш во демократии како што се Британија, Холандија, Шведска, Норвешка, а притоа да му се восхитуваш на Путин и на цврстата рака.  Да ја претставуваш Русија како левичарски штит против империјализмот на Западот, а да им се воодушевуваш на руските олигарси кои националното богатство од нафта и гас го трампаат за луксуз само на нивните деца што им живеат на Запад.

Комплексна е дијагнозата.

4 На дебата организирана од Германската амбасада во Скопје, Сузане Шуц, директорка за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи на Германија рече дека во контекст на руската агресија на Украина „ова е момент за земјите од Западен Балкан да продолжат со реформите, но и навистина да изберат на која страна се“.

„Дали сте за ЕУ, или сте за Русија, против ЕУ?“, праша директорката Шуц.

За нас во Македонија тоа прашање не важи. Ние сме одлучиле. Веќе сме членка на НАТО и знаеме каде припаѓаме. Триесет години сакаме да бидеме дел од ЕУ.

Прашање е дали ЕУ одлучила. Дали сте вие за Македонија и Западниот Балкан да влезат во ЕУ? Или ќе нè оставите на Русија?