ИЗБРКАНИ ОД ДОМА

| 24 ноември, 2023

Дали згрешивме што останавме? И дали грешиме што им бараме чаре на децата, да си фатат џаде со време?

1 Се погоди во странство да сретнам Македонци кои последнава деценија си заминале од дома. Тоа се луѓе за кои знам дека во Македонија имале супер успешна кариера, ама сепак си заминале. Си муабетиме: Како е тука? Се снајдовте ли? Како ви е фамилијата, што ви учат децата, како ви се родителите, другарите, одржувате ли врска со пријателите… И како заклучок на овој најобичен лежерен муабет за секојдневните нешта од животот, еден ја изговара реченицата: Всушност,  државата мене ме избрка.

Колку едноставен и прецизен одговор – државата мене ме избрка.

Мислам дека не сме свесни колкава е загубата за сите нас што останавме да живееме во Македонија кога нашите сограѓани во своите најзрели години од животот, кога можат најмногу да му дадат на општеството, си заминуваат да даваат придонес за развојот на некои туѓи држави. Се селат сосе фамили, се дошколуваат, преучуваат факултети, почнуваат живот од ново. Ви раскажувам за луѓе кои во Македонија веќе имале завидна кариера и оставиле печат во своите струки. Имале добра работа, станови, широк круг пријатели, забава, кафеани, одмори, викенди, општествен статус… Ќе си речеш, ништо не им фалело.

Ама, им фалела правда. Избегале од неправда. Не биле спремни да прават компромис со своите принципи. Сфатиле колку е саат и во еден момент од животот решиле да почнат одново. Кога со неправда ќе ти го земат мирот, ќе си речеш, па подобро е да изгубиш неколку месеци или години од животот, отколку сите преостанати. Сѐ може да ти земат, ама умот не можат. И да ти го земат едното моливче, ќе си наостриш ново.

2 Позната е народната изрека: Дојдоа будалите, ги избркаа паметните.

Ама таа изрека не е баш пригодна за ова време. Бидејќи тие што ги бркаат паметните од Македонија воопшто не се будали. Попрво би рекол дека се силеџии.

Дојдоа силеџиите, ги избркаа мирните.

Дојдоа нечесните, ги избркаа чесните.

Дојдоа неспособните, ги избркаа способните.

Дојдоа лигушите, ги избркаа луѓето со интегритет.

Неработниците напредуваат, работниците назадуваат.

Корумпираните уживаат, чесните страдаат.

Неплаќачите се наградуваат, плаќачите се казнуваат.

Медиокритетите се восхитуваат на гламурот на апашите и ги воспеваат раните на насилниците. Ги величаат нивните „храбрости“.

Важат за паметни тие што успеаја да ги уништат институциите.

Урнисан е државниот поредок.

Ред ни прават тие што го прават нередот.

3Ме поразува тоа дека оваа земја си ги брка оние со кои може да се гордее. Ги брка од дома оние кои може да ѝ помогнат да стане нормална држава. Па, дури и кога ќе постигнат светски успех, овие, што се виновни за нивното заминување, ќе се фалат со нив – еј, тие се наши. Ама, ела нека се вратат. Брзо ќе ги згазат оти нивниот успех им пречи на некадарните.

Повеќе од 32 години пишувам за овие неправди. И на оваа професионална возраст честопати си се прашувам: Дали згрешивме што останавме? И дали грешиме што им бараме чаре на децата, да си фатат џаде со време?

АУДИО ПОДКАСТ