ШУШКА МОЛИКА

| 1 декември, 2023

Зошто да чистиме ако не ни доаѓаат гости?

1 Значи, можело. Не било толку сложено да се искосат тревата и грмушките околу патот од Скопскиот аеродром  до салата „Борис Трајковски“ кадешто се одржуваше Министерскиот совет на ОБСЕ. Се пронајде и надлежниот што го управува уличното осветлување, па светнаа барем главните улици. И контејнерите по патеката низ која врвеа странските делегации беа испразнети. Се случи дури и незамисливото. Полицијата не дозволуваше да се паркира на првата лента од булеварите додека се пие кафе.

Отсекогаш сум се прашувал дали на политичарите и на директорите што се поставени за да одржуваат ред и хигиена не им пречи ѓубрето по улиците, паркинзите, патиштата и парковите? Дали воопшто го забележуваат ѓубрето? Како им е дома и на работа? Дали чистат секој ден, или само кога им доаѓаат гости?

Сега барем знаеме дека се свесни оти е срамота што живееме во ѓубре. Ама не им пречи ѓубрето, сѐ додека некој од странство не им каже дека би требало да им пречи. Повеќе ги почитуваат Блинкен и Лавров отколку сограѓаните. Од кожа ме вади фразата „ќе покажеме грда слика пред туристите“. А што ние живееме во грдата слика – тоа може. Повеќе се загрижија како ќе се претстават пред седумдесетте делегации што дојдоа на состанокот на ОБСЕ, отколку пред нас што им ги покриваме платите и патните трошоци.

Нам дома ни чест ни прават, ни улици ни чистат, ни светла ни палат, ни пат ни градат, ни автобуси и возови ни пуштаат, ни школски учебници ни печатат. Ние сме тука само за да ги гласаме.

2 Како што нам дома не ни пречи ѓубрето, а на странците им пречи, па одвреме-навреме и амбасадорите излегуваат да ни ги чистат парковите, така не ни пречат ни нашите корумпирани функционери, ама на странците им пречат.

И сега, откако Америка стави три-четворица високопрофилни политичари и бизнисмени на својата црна листа, и нашава Влада ќе правела законски измени за тие што се под санкции на САД, ЕУ или ОН да не можат да станат политички функционери или да се вработат во администрацијата.

Откако Владата предложи, а Собранието усвои законски измени со кои обвинетите за корупција по брза постапка, со европско знаменце, ги ослободи од кривично гонење и им ги застари делата, сега ќе носи нови закониски измени со кои ослободениве од криминал нема да можат да бидат функционери. Зошто? Затоа што се на црната листа на САД.

Вицепремиерката Славица Грковска рече дека ќе требало да се прават измени со кои „ако на некој функционер, којшто во моментот е на позиција му биде изречена таква санкција, мандатот веднаш да му прекине“. Па градоначалникот на Струга Рамис Мерко е на црната листа на САД, ама власта го спаси оти со измените на кривичниот законик застареа 15 истраги против него.

Грковска вели дека „однесувањето како ништо да не се случило после изрекувањето на таквите санкции ја урива довербата во институциите“.

Дека носењето на закон за амнестирање на функционери и носители на јавни функции што краделе од народните пари не ја урива довербата во институциите. Особено не ја урива довербата во Владата што ги предложи измените, во Собранието што ги изгласа и во функционерите што се амнестирани.

Значи, сега ќе носиме нов закон со кој треба да се заштитиме од тоа политичарите и партиите да назначат веќе искусни апаши за важни позиции. Америка веќе си се заштити од нив. А нам не само што не ни пречат. Туку и ќе им плаќаме отштета оти државата ги гонела дека нѐ краделе.

Анџак ќе го менуваме Уставот за Бугарите, дај на ист трошок да го додадеме и ова со американкиве црни листи. Сегашниов Устав не забранува некој да се бави со политика ако е под странски санкции. Ќе тужат за дискриминација. Па и за тоа ќе треба да им плаќаме отштета.

3 По истиот урнек настапува и претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, кој вели дека „ако оценската мисија на Европската унија заклучи дека Судскиот совет треба да биде распуштен, тие ќе ја почитуваат одлуката“. Вели и дека ќе ја почитува препораката „од релевентен фактор“.

Дека нашите закони и ние што им ги заработуваме платите не сме релевантни. Дека не е важно тоа што домашната јавност го мисли за Судскиот совет кој крши закони за да штити криминал и неправда, ама важно е што ќе каже ЕУ.

Корумпираното судство на чело со одметнатиот Судски совет нам ни ги уништува животите. Не ги уништува животите на граѓаните на ЕУ.

4 Властите немаат ни страв, ни срам, ни од странците, ни од нас. Тие само прават привид на владеење. Демек, еве нешто странците нѐ критикуваат, па нешто божем правиме.

Колку навистина им е гајле за јавниот интерес, еве една историска споредба:

Националниот парк Пелистер беше прогласен со закон донесен од Президиумот на Народна Република Македонија на 30 ноември 1948, како прво заштитено природно богатство во Македонија.

Значи – 1948 година. Три години по Втората светска војна, во разурната земја, кога едвај имало струја, вода и канализација, при мнозинство неписмено население, државата прогласува национален парк и заштитува природно богатство.

Точно 75 години подоцна, речиси на истиот датум – на 29 ноември 2023, од Националниот парк Пелистер биле исечени 165 стебла од ендемичниот бор молика и ела. Битолската полиција поднесе кривични пријави против шестмина, меѓу кои и директорот на Паркот и преседателот на Управниот одбор.

Тоа е сликата на современа Македонија, земја членка на НАТО, сериозен кандидат за ЕУ и успешен претседавач на ОБСЕ.

Шушка молика, ама шушкаат и парите.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST