ШКАРТ БРАКЧИЊА

| 29 април, 2022

Која приватна компанија може да издржи производство на 20.000 шкарт производи?

1 Не можеш да им забележуваш на луѓето што бараат пари од државата. Не можеш ни да им забележуваш оти за сè што не им чини, виновна им е државата. Така е затоа што триесет години сите досегашни власти си направија привилегирана класа. Вработени на државно. Со помош на партијата која тогаш била на власт. И таа привилегирана класа смета дека нејзе ѝ е природно дадено правото државата да ја одржува со привилегии. Да бара пари од државата. Без да праша дали државата има пари. И без да праша од каде би имала пари. Едноставно, мора да им даде пари. Како размазени деца што се трескаат од земја во самопослуга.

Чиниш, државата е нешто апстрактно, нешто таму горе од кое може да се земе, да се ќари, да се зафркне… Како државата да не сме сите ние даночните обврзници што го полниме буџетот за да функционира баш – државата. Ама и власта и опозицијата не се загрижени како им е на тие што го полнат буџетот. Ним им се важни тие што ги трошат парите од буџетот. Тоа гласачко тело им е под контрола. Затоа и го сервисираат само него.

Ковид криза, енергетска криза, војна во Украина, криза со храна… Целото стопанство е во грч. Цели фабрики можеби ќе престанат да работат. За мали фирми, пак, ич муабет не правиме. Луѓе ќе останат без плати. Ама важно администрацијата ќе штрајкува. Оти било понижувачки да имаат малку поголеми плати од минималната плата на работниците од приватните фирми што им ги обезбедуваат нивните плати.  Па и К-15 ќе им дадат. Да ја направат државната работа уште поатрактивна за вработување. А на приватниот бизнис уште повеќе да му го искомплицираат животот.

Дајте ни пари сега, па утре ќе викаме „уааа…“ по државата. Тие пари со кои ќе се задолжиме за да ја сервисираме администрацијата утре ќе треба да се враќаат. Кој ќе ги враќа, кога вредните се отселија од државата, а амбициозните деца отидоа на школување на универзитетите во странство? Од што ќе ги враќаме парите, кога веќе ни пиперки не правиме како што треба? Владата ќе ѝ даде на привилегираната класа од позајмените пари, ама после ќе се самоубиваме како Грците во 2008 кога изгубија и куќи и бизниси од потрошеното, а незаработено. Банките и кај нас ќе си дојдат по своето. Само што Грција е во ЕУ па имаше кој да ја спаси. Нас нема кој да нè спасува.

2 Не е пријатно што оваа тема се прекрши на наставниците и децата. Имаше солидарност и разбирање на почетокот на штрајкот. Ама после, малку им биле 10 проценти покачена плата. Па прифатија 12 проценти. Па се предомислија и продолжија да штрајкуваат. Па си споија Велигден со Први мај и Рамазан бајрам. И кога тоа ќе се искомбинира со нервозите околу крајот на учебната година, уписите во средно школо, матурските испити, уписите на факултети и „спонтаните“ протести за продолжување на штрајкот, симпатиите се изгубија.

Индексот на човечки капитал на Светската банка за 2020 година покажува дека дете родено во Македонија денес, кога ќе порасне ќе постигне само 56 проценти од својот потенцијал.

Така што, супер се лепат за уво приказните за платите на наставниците во Финска. Ама за Финска ќе збориме кога ќе ги имаме финските резултати од ПИСА тестовите на учениците. А не да бидеме меѓу последните во Европа.

На крајот на краиштата, наставниците се учени, писмени, разбрани луѓе. Не можам да поверувам дека до сега не чуле оти во Европа има војна, дека струјата поскапува секаде во светот, дека има криза со снабдување со гас и нафта. И дека не ја разбираат основната логика оти за да има пари за нив, мора да се земе од други. Ама нели, кругот е мал, а во него сме сите. Тоа што сега тие имаат моќ да уценуваат со судбините на децата, нема да нè спаси утре сите заедно да не пропаднеме.

3 Штрајкуваат и вработените во Управата за водење матични книги. Поголеми плати бараат во Управата во која што не само што со недели и месеци се чека да се издаде матичен документ, туку Државниот завод за ревизија утврдил дека годишно се издаваат над 20.000 погрешни документи.

Од нивниот синдикат рекоа дека никој не го вреднувал нивниот труд. Како да им го вреднува? Тие заслужуваат поголеми плати само ако наместо по учинок, им се вреднуваат според број на грешки. Ако им се плаќа по грешка, ќе банкротира државата.

Викаат, е добро де, ама кој работи, тој и греши. Ама зошто да грешат за мои пари? Нека си грешат за свои пари.

Замислете ги касиерките во самопослугите што работат за минимална плата да грешат. Кој ќе им ги плаќа грешките? Муштериите? Или сами ќе си ги платат и ќе ги избркаат од работа. Замислете ги шивачките со минимална плата да грешат толку многу што ќе произведат 20.000 парчиња шкарт? Кој ќе им ги плаќа грешките?

И што се случува? Работниците во приватниот сектор што не смеат да згрешат, сега треба да обезбедат зголемување на платата на вработените во државниот сектор што можат да згрешат 20.000 пати годишно. И тие работници наместо да бидат шкартирани, уште и ќе штрајкуваат за поголема плата и ќе ја уценуваат цела држава – само венчаници „за бракчиња“ ќе издавале.

Па која приватна компанија може да издржи производство на 20.000 шкарт производи?

4 ВМРО-ДПМНЕ претпладне во соопштение вели дека ги поддржува штрајковите на наставниците и на јавната администрација и ја критикува Владата дека не им дава поголеми плати. Попладне, ВМРО-ДПМНЕ во друго соопштение ја критикува Владата дека ќе се задолжи со 900 милиони евра за да обезбеди ликвидност на државата.

ВМРО-ДПМНЕ, како партија што била на власт прилично долго време, би требало да знае дека има само два начина да се покачат платите кога нема пари. Или да се земе кредит. Или да се вратат парите што нивното партиско раководство ги изнесе низ разни Белизеа и други атрактивни офшор дестинации.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST