СЕМЕЈНА ДРАМА

| 24 февруари, 2023

Уште и за борба против непотизмот да почнат да рецитираат, ќе си помислиш, не дај боже - овие решиле да нè умрат. Од смеење. 

1 Ја следам чат-пат собраниската седница за реконструкцијата на Владата, ама не можам да ги испофаќам конците чие дете ќе стане обвинител, чија жена е судијка, чиј татко е адвокат… Искрено, не сум толку преокупиран со мислите дали новата реконструирана влада ќе ни обезбеди европски прогрес, колку што се трудам да си замислам како ли изгледаат семејните прослави на политичарите. Замислете: синот обвинител, ќерката судијка, таткото пратеник, мајката адвокатка, дедото министер, бабата член на Судски совет, братучедот член на Антикорупциска…

Политичариве толку имаат напикано свои блиски по судовите и по обвинителствата, што утре можат да си избираат кој роднина да им спреми обвинение, а кој роднина да ги суди. Ни АКМИС системот не треба да се мести. Секако ќе ти се падне некој роднина за судија. И замислете како ќе изгледа кога сите оние деца, родители, баби, дедовци и братучеди од семејните прослави ќе се најдат заедно во судница. Судењата ќе бидат вистински семејни драми, во буквална смисла.

2 И досега не се знаеше што фајде имаме од реконструкција на Владата. Толку долго се вергла, што веќе не се знае зошто се прави. Особено по двонеделната расправа во Собранието, ептен не ми е јасно што им требаше на Димитар Ковачевски и на Али Ахмети оваа екскурзија со Алијанса за Албанците.

Не дека имам нешто против Алијанса, или против министрите на Арбен Таравари. Та Алијанса биле, та Алтернатива, та ДУИ, та СДСМ, та ВМРО-ДПМНЕ  – исто ти се фаќа. Кој си нема попаметна работа нека ги гледа преносите од Собранието, како пратениците си ги вадат сите гнасотии до 2 саат по полноќ. Ти крадеш! А ти кога крадеше? Ти вработуваш роднини! А ти кога вработуваше роднини? Дури ни за сеир не вреди да се гледаат. Зборуваме за Собрание што не се ни собира за да сработи нешто. Зборуваме за пратеници чиешто мерило за успех не е колку закони донеле, туку колку илјади евра наплатиле на име на патни трошоци.

Па не сме оперирани од мозок. Барем толку паметиме што правеа овие од опозицијата што сега ја обвинуваат власта. Само што се уморивме и нè фаќа летаргија, оти СДСМ нè доведе до дереџе ВМРО-ДПМНЕ да ги обвинува за истото она што тие го правеа и поради што паднаа од власт. Па сега дури ни за кафеански прераскажувања „виде како му го плесна в лице“ не вреди да се губи време.

3 Додека власта и опозицијата си бројат кој колку украл и кој колкумина вработил на државна плата, протестираа лекарите и сестрите од јавното здравство. Кому му протестираа? Нека си запамтат што барале на протестот, па кога ќе го изберат новиот министер и новиот заменик-министер за здравство пак нека протестираат. Така и реконструкцијата на Владата може ќе добие некоја смисла. Досега е бесмислена.

Во болницата во Прилеп умреле двајца пациенти по рутинска операција – од сепса. Прилепчани велат, редовен вторник во прилепската болница. Операционите сали се затворени, нема операции, хирурзите немаат работа, пациентите се возат наваму-натаму, кој во Битола, кој во Охрид, кој во Скопје. Ама не е важно дека Прилеп во моментов нема болница, кога е многу поважно дека Алијанса ќе има министер за здравство, и немам поим која друга партија, која и да е, сеедно, ќе има нов заменик-министер за здравство. Божем министрите и замениците се таму за да ги решаваат проблемите во јавното здравство, а не за да ја задоволат лакомоста на партиските структури.

Исто како и вториот директор на Фондот за здравствено осигурување, за кого јавноста беше изненадена зошто не го прекинал патот во Америка кога се случи хакерскиот напад и целиот здравствен систем две недели беше блокиран. А зошто би се вратил? Па, вториот директор на Фондот ионака не е ставен таму за да работи. Не го поставила ДУИ за да има одговорност. Тој си е таму за баланс. За да не падне Владата. Да го држи стабилно мнозинството. Исто како и економските директори по клиниките. И тие се таму за да не падне Владата.

Од кадрите на ДУИ не треба да се бараат резултати, ниту отчет за што ги трошат нашите пари, зошто користат службени возила за приватно развозување, каде патуваат, зошто патуваат, кого вработуваат, зошто го плаќаат… Затоа што тие нè водат во ЕУ. Европска вредност е кога некој од ДУИ ќе биде обвинет за криминал, од ДУИ веднаш да вратат: А вие повикувате на војна?

4 Од СДСМ побрзаа додека се уште на власт да си отворат семејни фирми за струја. Ама за разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои се криеја зад други имиња, овие се транспарентни. Во ВМРО го имаа она „да не имаш некоја фирма што ти стои неактивна“, па ги шетаа парите натаму-наваму преку Белизе и други атрактивни даночни раеви за да отвараат фирми за градежништво, хотели, нафта… Жените не им отвараа фирми. А овие од СДСМ не кријат дека со бизниси со струја им се зафатиле жените, синовите, татковците, браќата.

Сè е исто. Само енергенсот се смени. Вмровците повеќе се по нафтата. А сдсмовците по фотоволтаиците.

А во ДУИ си ја имаат накривено капата. Тие си имаат стихотворба за рецитирање накитена со сите политички коректни фрази – Европа, зелена агенда, прогрес, одговорност, отчетност… Дали сами си веруваат во тоа што го рецитираат, или некој им верува, ним баш им е гајле. Топ не ги бие. Рецитираат и за борба со криминалот, па и за борба против корупцијата. Уште и за борба против непотизмот да почнат да рецитираат, ќе си помислиш, не дај боже – овие решиле да нè умрат. Од смеење.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST