ЕВРОРЕАЛИСТИ И ЕВРООПОРТУНИСТИ

| 3 март, 2023

Ја грабнаа приказната за евроинтеграцијата за да грабнат поголеми провизии.

1 Лажните дојави за бомби веќе не се вест. Ја преживеавме и неколкудневната криза за бел и полубел леб. Речиси три недели нема инсулин за дијабетичарите. Немало и некои други лекови и медицински средства за јавното здравство оти тендерите не биле завршени навреме. Имаме два-тројца нови министри и заменици и некое ново парламентарно мнозинство… Сè на сè – една обична работна недела во Македонија, без големи возбудувања од историско значење. Опуштено до толку, што премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши лично отидоа во инспекција на скопските самопослуги да пазарат леб.

Којзнае колку им е убаво во светот на нивните фејсбук реклами. На толку луѓе што ги плаќаме да одат со нив за да ги сликаат и да им ги објавуваат секојдневните достигнувања, веројатно веќе и самите почнале да веруваат во сопствените објави на социјалните мрежи. Затоа и на секое прашање за отчетност и транспарентност одговараат со контранапад – вие не сте за ЕУ.

Не е така. Огромно мнозинство македонски граѓани се за Европската Унија, и покрај тоа што бројките од истражувањата на јавното мислење последниве две-три години покажуваат намалена доверба во ЕУ. Во Македонија нема евроскептицизам. Има еврореализам. Наспроти евроопортунизам. Тој еврореализам произлегува од разочараноста и од ЕУ и од дома. Разочараноста доаѓа прво од бугарското наметнување на санстефанските соништа во агендата за проширување на ЕУ, потоа се надоврзува на молчењето на останатите 26 земји-членки, а преминува во очај и безизлезност поради неспособноста на македонските политички елити кои ја кријат корумпираноста зад ЕУ интеграциите, а не ги спроведуваат европските вредности во пракса.  Бамборат за ЕУ не оти ги занимаат европски вредности, туку затоа што ќе добивале европски фондови. Ја грабнаа приказната за евроинтеграцијата за да грабнат поголеми провизии.

Причината зошто ние лошо живееме не е затоа што не сме во ЕУ. Лошо ни е затоа што корупцијата и криминалот се вгнездени во партиските елити, а граѓаните се веќе толку резигнирани што дозволуваат да бидат ограбени од тие што ги гласале на избори.  Партиски се краде како да ќе нема утре, се краде по вертикала и по хоризонтала, веќе не се ни кријат, не пак да им е срам.

Сите сме веќе уморни. И од Бугарија, и од европските неисполнети ветувања, а најмногу од заробената држава искрадена од партиите. Само апашите не се уморија. Нè фатија на кондиција, на маратонот кон ЕУ.

2 Најголемата пречка за внесување на Бугарите во Уставот е токму – Бугарија. Не правиме муабет за тоа што некој тука напишал на Фејсбук „Уа Бугари, не ви доаѓам оваа зима во Банско“, туку за официјални изјави на највисоките бугарски политички преставници. Зборуваме за претседателот Румен Радев кој изјавува дека македонскиот народ е измислен. Зборуваме за декларација на  бугарското Собрание во која е запишано дека македонскиот јазик е бугарски. И зборуваме за Европска унија што тоа го прифаќа како нормално однесување на земја-членка.

Спремни ли сме ние да ја платиме таа цена за влез во ЕУ? Ако сме спремни, ајде, ќе го смениме Уставот. Па после, кога ќе каже Бугарија, ајде сега наведнете се уште малку, оти не ви се врзани чевлите по ЕУ стандарди, дали сме спремни да клекнеме уште пониско?

Политичарите секако ќе го сменат Уставот. Дали тоа ќе се случи во ноември годинава, или вгодина по изборите – сеедно. Но, целата драма околу менувањето на Уставот не е затоа што некој има нешто против Бугарите. Туку поради револтот од односот на Бугарија и молкот на Европската унија. И –  сомнежот дека ова малтретирање нема да прекине.

3 Со каква помпа се смени таблата со името на една улица во скопската општина Чаир, чиниш достигнување од паневропски размери. Војдан Чернодрински доби улица во Центар, а улицата што го носеше неговото име во Чаир отсега ќе се вика Оџа Атаулах Куртиши. Море, свечено откривање на таблата, море аплаузи, бацувања, море свечена академија во Албанскиот театар, стотина мажишта со собрале во работен ден, среде работно време ги оставиле сите други обврски да слушаат предавање за животот на оџата…

Името на улицата свето, а улицата – обична земска улица во Чаир. Ама, сега со промена на името на улицата ќе се смени и квалитетот на животот на граѓаните. Таа улица ќе се мете и ќе се мие редовно. Околу контејнерите на таа улица ќе нема ѓубре. Децата ќе одат безбедно на училиште оти ќе нема паркирани коли на тротоарите. Глутници улични кучиња нема да ги јадат минувачите. Сопствениците на домашни миленици ќе им ги собираат гомцата во ќесички. Никој нема да фрла отпушоци. Погрешно паркираните коли ќе ги дига пајак, а полицајците нема да се самоповредуваат од пајакот. Возачите по таа улица нема да возат лудо. А и ако возат, полицијата ќе смее да им пише казна.

Овие од ДУИ, та биле „огнени“, та биле „неогнени“, толку ли си го почитуваат своето гласачко тело, па промена на име на улица им продаваат како политички успех?

АУДИО ПОДКАСТ