РЕЗЕРВНА ТАТКОВИНА

| 29 октомври, 2021

Како гласач, многу сакам да знам дали таа или тој што бараат моја поддршка за да носат одлуки во мое име, покрај мојата татковина имаат и друга. Кога си функционер, и прашањето колку пасоши имаш дома станува јавен интерес.

1 Како што избраните функционери декларираат во Антикорупциска комисија со колку пари во банка и имот влегуваат во политиката, така и кога се кандидираат за јавна функција нека декларираат во ДИК со колку државјанства влегуваат во политиката. Тоа е најмалку што може да се направи, за во иднина двојното државјанство да не биде тема во политичка кампања. А би било корисно и за политичките партии да знаат кого кандидираат и кого поддржуваат.

Некому можеби прашањето за двојното државјанство на пратениците, министрите, градоначалниците, советниците и сите избрани функционери им пречи. Некому му е сеедно. Некој можеби баш двојното државјанство на јавниот функционер ќе го прифати како предност. Ама, во секој случај, корисно е да си го имаме како информација пред да излеземе да гласаме.

Не сметам дека политичарите мора да се откажат од странското државјанство ако сакаат да вршат јавна функција, како што е случај во други држави. Ама, како гласач многу сакам да знам дали таа или тој што бараат моја поддршка за да носат одлуки во мое име, покрај мојата татковина имаат и своја, резервна татковина. Тоа веќе не е приватна работа. Кога си функционер, и прашањето колку пасоши имаш дома станува јавен интерес. Оти, им ги даваме на управување јавните пари. Ако нè испокрадат, ќе си избегаат во другата дома.

Нема тука лутиш, никаква „црна пропаганда“, национализам… Сакам како гласач да направам објективна проценка за ликот што ми ветува дека ќе направи нешто за мене, со моите пари, во мојот град и во мојата држава. Толку е едноставно.

2 Особено чувствително за гласачите, а богами и за партиите е кога некој кандидат за јавна функција покрај македонското би имал и бугарско државјанство. Особено сега, кога последните две години Бугарија самата се декларираше дека ни е непријател и покрај потпишаниот Договор за добрососедство и пријателство. Оти, не само што ја блокира европската иднина на Македонија, туку го негира постоењето Македонци и македонски јазик. А бугарските пасоши што ги исподели на тукашните Македонци ги користи како најмоќно оружје против Македонија. И допрва ќе го користи.

Можеме ние колку сакаме да се ставаме над ситуацијата и да мудруваме за принципи и за законитост. Ама, ај да ги ставиме работите во контекст. Не е срамота да имаш бугарско државјанство. Ама, има разлика во перцепцијата за јавната функција што треба да ја врши некој кому втората татковина му е Бугарија – земјата што во овој политички момент ѝ е душман на Македонија. Да не излезе после вистина шегата дека со пушка сме избркале, а со пенкало сме вратиле „бугарска администрација“.

Притоа, не правам муабет за тие што се понижуваа во редиците пред бугарската амбасада во Скопје и конзулатот во Битола и собираа пари за мито да дојдат до бугарскиот пасош на ЕУ за да работат во Германија, Шведска, Холандија, Италија… Бегале од сиромаштија. Тие не живеат во Петрич и не се кандидираат на избори во Македонија. Зборувам за овие што како функционери ни продаваат патриотизам и македонштина, а преку ноќ си ги предадоа своите баби и дедовци пеејќи им бугарски песни на службениците на Каракачанов.

3 Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на САД, кажа дека американската амбасадорка во Софија работи на решавање на прашањата за прекршување на човековите права, одговарајќи на прашање во Конгресот за проблемите на македонското малцинство во Бугарија.

Бугарија има 16 пресуди од Европскиот суд за човекови права за прекршување на човековите права и правото за здружување на македонското малцинство, затоа што на македонските здруженија не им е дозволено да се регистрираат.

Во исто време, бугарскиот претседател Румен Радев и поранешниот премиер Бојко Борисов во Софија ги примаат претставниците на регистрираните здруженија на Бугарите во Македонија и ги засилуваат уцените кон Македонија со ново барање – Бугарите да влезат во Уставот, или нема почеток на преговорите со ЕУ.

Бугарија смее да бара права за Бугарите во Македонија. Македонија не смее да бара права за Македонците во Бугарија. Тоа се тие „европски вредности“ за кои во САД се дискутира и во Конгресот, а во ЕУ ти викаат „тие се внатре, ти си надвор“.

4 И така, локалните избори во Македонија од автобуски превоз, паркови, градинки и собирање ѓубре се преселија на геостратешка политика. Така барем најави премиерот Заев, кога изјави дека ако СДСМ го изгуби Скопје, тој ќе си даде оставка. Со таа изјава тој не внесе оптимизам кај тие од кои очекува гласови. Напротив, ги охрабри тие што сакаат да го сменат.

Кочи, Заев. Каква е таа порака? Ем губитничка, ем арогантна. Не ме сакате, не ви играм повеќе. Граѓаните си кажаа што мислат за грешките што ги направи СДСМ. Ама, не се ни претргнаа со којзнае каква поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. Само ДУИ си ги освои истите гласови како на минатогодишните парламентарни избори.

На овие локални избори гласачите го казнија СДСМ не затоа што не добивме датум за ЕУ, туку затоа што немарно и арогантно владееше и ги сервисираше само партиските интереси. Го изгуби од вид граѓанскиот интерес, нешто поради што падна ВМРО-ДПМНЕ пред само 5 години. И не мора да биде „или сè или ништо“. Нема да биде ништо страшно да видиме како ќе се однесуваат здружено ВМРО-ДПМНЕ и Левица во локалните власти. Поправете се СДСМ, покажете на дело дека сте ја научиле лекцијата, пробајте да си ги вратите симпатиите. Нека споредуваат луѓето кој како владее и владеел.

На крајот на краиштата, оваа Влада доби мандат за владеење минатата година. Гласачите на парламентарните избори гласаа за стабилност. А стабилност, меѓу другото, подразбира и да нема избори секоја година.