НЕМА АИР ОД ДЕВЕ БАИР

| 18 јуни, 2021

Миле, ми текна. А да им кажеме дека ги утнале елаборатите?

1 Што бараше Заев во Бугарија, кога ден претходно од Софија му кажаа дека немаат намера да го тргнат ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ? Му рекоа „не доаѓај“, а тој рано-рано се спотера да гледа фудбал заедно со бугарскиот премиер Стефан Јанев. Дека тие ќе навивале за Македонија, а таму 70 отсто од населението изјавува дека не сакаат да нè видат и го поддржуваат ветото. Па уште и љубезен, љубезен, им дал и предлози за решавање на спорот во кој барањата им се тотално бесмислени. Им ја легитимира бесмисленоста.

Со Грците барем бевме начисто. Тие не се расфрлаа со лицемерна слаткоречивост од типот на „најблиски пријатели“, „браќа, сестри“, како што се изразува Бојко Борисов. Што си мислат за нас? Па тој го стави ветото. Тој им дозволи на Екатерина Захариева и на Красимир Каракачанов да се изживуваат врз нас. Тој направи проблем, а сега се фали дека ќе го реши. Со Заев се договориле дека ќе било грев ако дозволеле да ни се мразат луѓето од двете страни на границата.

А таман сè фино си беше тргнато до пред три-четири години. Со ветото, Бугарите создадоа четврта генерација омраза.

Моите баби и дедовци се родени кон крајот на 19. почеток на 20. век. Ги паметеа и Балканските и Првата светска војна. Бугарската војска не ја паметеа по арно.

Татко ми и мајка ми се родени во 20-те и 30-те години на 20. век. Двајцата се од партизански фамилии кои се бореле против бугарскиот фашистички окупатор. Да им била тогаш арна администрацијата, не би биле будали да гинат за да ја сменат.

Јас ја паметам Бугарија од времето на Студената војна. Ќе се воздржам од коментари по што ја паметам. Ама и ден денеска уште ги носам траумите од Деве Баир, како најмрачен и најнепријатен граничен премин од моите патувања во тоа време. А и сега баш не е најпријатно.

Ама, моите деца немаат ништо со тоа. Малку викенд во Банско, малку скијање на Боровец, сличен јазик, нешто разбираат, нешто не, иста храна, ист менталитет, исти обичаи… Баш им е гајле ним за прикажувањето на бабите од битолскиот затвор за време на бугарската администрација и доживувањата од партизанските одреди во Дебарца. Си тераа живот. Граница – ко граница.

И – што се случи? Бугарија им ја одзеде европската иднина на моите деца. Среде Европа се, а за нив нема пристапни фондови, нема европско образование, нема дружење со другите деца од Европа, нема слободно минување граници… Зошто? Па, нели во ЕУ можеш ако си машко слободно да се пишеш дека се чувствуваш женско?  Зошто тогаш моите деца во истата ЕУ не смеат да кажат дека се Македонци, затоа што бугарските европски политичари од нив бараат да кажат дека нивните предци биле Бугари? И зошто таа, истата Европска унија што се гордее со правото на самоопределување и различностите тоа го прифаќа? Затоа што за бугарските деца, кога ги примиле во ЕУ во 2007 нивната држава ги исполнила сите услови што сега нам ни ги бараат? А не ги примиле со протекции, затоа што на ЕУ и на САД им се брзаше да стигнат до Црното Море додека Русија пак не ставила рака. И тоа сега ѝ дава право на европска Бугарија да се изживува врз Македонија.

Океј. И со тоа сознание треба да научиме да живееме. Со сила убавина не бидува. Нема аир од Деве Баир. Таков поднаслов на оваа колумна имам ставено уште на 3 октомври 1992.  Речиси триесет години подоцна, уште нема аир од Деве Баир. И не се надевам ни дека ќе има, што и да предложил Заев.

2 Беше тоа џабе поминат ден во Софија за премиерот Заев. Наместо да си се прибере дома и да ги подбере неговите. И да не им наоѓа на сите оправдувања кога ќе утнат.

Замисли, колкав срам е за државата да признае дека нема пасоши и да ги извести сите други држави дека македонските државјани ќе патуваат со истечен рок на пасошот.

Ај што нема пасоши, туку три месеци нема ни регистарски таблички. Нема ни пластика за возачки дозволи. Им даваат ливчиња на возачите. Ама, нема ни свидетелства за учениците. Ним на салфетки нека им ги напишат оценките.

Ај за регистарските таблички – ќе си речеш, можеби не можеле да предвидат колку нови коли ќе се купат. Ама белким знаат колку деца ни се во школите. Кој ја утна работата? Некоја службеничка што имала дете под седум години, па поради ковидот седела дома цела година на државна плата? Или колегата кој имал стентови од пред 10 години, па и тој седел дома цела година. А сега користат стар одмор и чекаат К-15.

Замисли, во некоја нормална земја каде што луѓето имаат валидни лични документи да се појавиш на граница кај некој ревносен службеник,  со истечен пасош, без регистарска табличка на колата и без возачка дозвола. И да го убедуваш дека во твојата земја тоа е нормално. Што ќе си помисли тој? Дека некој го зафркава на скриена камера?

И која ли дипломатија ќе те извади од некоја соба за криминалци на граничен премин, кога пола од службениците не дигаат телефон, а пола се на одмор.

Мислам дека е најдобро, додека не се натокмат тендерите да бидат „сè по закон шефе“, да си патуваме со старите здравствени книшки. Па наместо да ни удираат печати во пасошите, да ни пишуваат дијагноза. Така ќе имаме документ нешто налик на дигиталниот ковид пасош. „One stop shop” и – сè во едно. Ем дијагноза за тебе со кој ум си тргнал така на пат, ем дијагноза за државата што те испратила.

3 Толку ли мислат дека се глупави гласачите, кога се обидуваат да им ја продадат приказната за одбивањето на елаборатите на Општина Центар дека не можат да го сменат урбанистичкиот план, па повторно по принципот „сè по закон шефе“, ќе мора да се дозволи градба на дваесеткатници кај хотелот „Холидеј ин“? Општината не докажала дека се спротивни на јавниот интерес.

Работава е: „Миле ми текна! А да ги утнеме елаборатите? Не, бе. И да не ги утнат, ќе им кажеме дека ги утнале“. Кој го вика тоа? Министерството за транспорт и врски што го продаде државното земјиште пред „Холидеј ин“ речиси за беспари, а сега ќе оценува дали било добро да се гради кај „Холидеј ин“. Кадија те тужи, кадија те суди.

СДСМ е четири години на власт во најголем број општини и пет години на власт на државно ниво. Да сакаа нешто да сменат од плановите на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги критикуваа и така ги излажаа гласачите за да гласаат за нив, ќе сменеа. А не уште и да ги реализираат плановите на ВМРО-ДПМНЕ.

Баш ме интересира со каков слоган ќе одат на локалните избори? Ние не сме надлежни! Ние не сме моќни!

4 Се навежбаа скопските пожарникари. Прво вежбаа за генерална проба, па имаа генерална проба за да вежбаат пред градоначалникот Петре Шилегов и министрите Оливер Спасовски и Венко Филипче.

Ако, не дај Боже, има пожар, пожарникарите ќе гасат на 11. кат. Ќе стигнат на време и амбулантните возила. Ама, како ли ќе пристапат од паркираните коли во тесните улички од урбаниот хаос што го оставија и го надградија?

Елаборат за тоа направивте ли?