МКД И ОСТАНАТИ

| 6 јануари, 2023

Дишете длабоко со нелуфтирање

1Македонија го презема претседавањето со ОБСЕ. Министерот за надворешни работи Бујар Османи го промовираше претседателството со слоганот „За луѓето се работи“. И, оп – одма привилегирана лента за влез во државата за некои луѓе. За некои луѓе се работи.

Гарант некој од тие 69-те заслужни македонски граѓани кои живеат во странство има побарано  дипломатски пасош, па Бујар рекол: Ај ќе ви смислам нешто. И ја смисли лепенката за привилегирани луѓе со која се сликаше на Скопскиот аеродром. Неоти ќе функционира и тоа. Прво, затоа што лицата што се најдоа на списокот за привилегирани патници живеат во земји каде што луѓето не ги дискриминираат така апла отворено, и тоа со државен пропис, туку ако сакаат да си поминат побрзо на аеродром, ќе си платат брза лента. И второ, затоа што кај нас не функционираат ни одамна отворените ленти за патници со македонски пасоши и за останати, па нема да функционира ни оваа лента од Бујаровата листа на патници.

Да имавме нормален третман на македонските граници, па да ја разбереш и оваа егзибиција на Бујар Османи. Ама, речиси секогаш кога се враќам во државата се нервирам зошто не функционира посебната лента за македонски граѓани. Наместо со радост да си доаѓаш дома, да ти преседне враќањето уште на граница. Власта не може нам, кои плаќаме данок во оваа држава и ѝ ја обезбедуваме платата, да ни овозможи достоинствено да си се вратиме дома, па ќе им обезбедува привилегиран влез на тие што си отишле и плаќаат данок на други држави.

Малку ни е што кога патуваме низ ЕУ нè третираат како граѓани од пониска класа, малку ни е што за британска виза моравме да играме оро пред амбасада, малку ни е што по европските аеродроми те пикаат по некои ходничиња за „останати“, па уште и сопствената држава уште на граница ти дава чувство дека не си добредојден.

Каква порака ни испраќа власта со воведувањето привилегирана лента за успешни македонски граѓани што живеат во странство? Си останал во Македонија? Е па, не си успешен. Си се зафркнал. Ние што живееме тука и немаме други пасоши освен македонскиот сме се помириле со тоа да ја трпиме неспособноста на власта.

2 Кога после еден продолжен викенд, пред неколку месеци, прашавме зошто никој не ги менува ни прегорените зелени и црвени сигнални светилки на граничните премини, за да знаеш од далеку во која колона да се наредиш, од МВР ни рекоа дека менувањето светилки е во надлежност на Царината. Од Царината ни рекоа дека менувањето светилки на граничните премини е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Во Министерството не се ни осмеливме да прашаме оти не сакаме да нè третираат како малоумни.

Е затоа не функционира МКД лентата. Туку, така… Од немукает, од неодговорност, од неорганизираност, од мрза, од небавење со својата работа, од неказнивост, од префрлање на одговорноста еден на друг… А ич не е тешко. Имаш лента „МКД“. И имаш лента „ЕУ и останати“. Како бре, кога одиш во странство никогаш не ти текнува да застанеш во колоната за „ЕУ“, туку дисциплинирано си чекаш во онаа за „останати“? Оти таму може и да те казнат. Се однесуваш според правилата на државата. Ама таму државата си ги почитува своите правила. Исто како што си ги почитува своите граѓани. А во Македонија не ги почитуваш правилата затоа што гледаш дека и самата држава не ги почитува.

Уверен сум дека ич не е тешко да се организира повторно да профункционираат МКД лентите на граничните премини. Не е решавање задача по нуклеарна физика. Многу е едноставно. Само министерот за внатрешни работи треба да даде наредба, а командирите на полициските станици на фрекфентните гранични премини таа наредба да ја спроведат. Ако не ја спроведат, да бидат казнети. Толку од предизвикот.

Важно – „за луѓето се работи“. Па и ние што имаме само македонски пасош сме некои луѓе. Ние немаме резервна татковина. Нам дајте ни привилегиран влез и излез од дома. Барем толку ни должите што ви ја трпиме неодговорноста.

3 Половина век сите власти имаат само една магична мерка за спречување на загадувањето. Тоа е  “Не луфтирајте”. Сондата од Марс, кај и да е ќе се врати, а ние уште дишеме само со нелуфтирање.

4 На 5 јануари 2018 година во оваа колумна го имам напишано ова:

Имам сериозен проблем како се сфаќа доаѓањето на животот во Македонија. Тоа стана особено видливо во предновогодишната еуфорија. Според кој закон, законите во Македонија не важат пред Нова година и за време на празници? Разбирам дека 11-годишното  владеење на ВМРО-ДПМНЕ со селективна правда и „пиштење, вриштење“ кај политичките противници остави сериозни последици во тоа како се сфаќа почитувањето на законите. Ама па, не скапавме по улици цели две години уривајќи го режимот за вмровската селективна правда и селективна неказнивост да се замени со сдсмовска анархија.

Скоро цел месец пред Нова година иако е со закон забрането, се пушеше во сите кафеани, се паркираше по тротоари, тревници, пешачки острови и коловози и масовно не се издаваа фискални сметки. И најстрашно од сѐ, не казнуваа ниту инспекциите, ниту полицијата.

Дојде живот. И ако се побуниш дека оваа супстандардна анархија не е живот, одма цинично ти одговараат: „Е па ако не, ај ВМРО да го вратиме!“.

Не бе. Нејќам да го вратиме ВМРО. Бог да чува. Ама нејќам да ме мавтосувате и дека ова е живот. Сме виделе и подобро. И не знам зошто оваа анархија на која сме сведоци треба да се смета како  враќање на животот? Па уште и за сите.

На крајот на краиштата, не зборуваме веќе за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е веќе минато. И тоа лошо минато. Зборуваме за СДСМ и коалицијата на власт. И зборуваме за враќање на владеењето на правото. За враќање на цивилизациски вредности. А не за нивно укинување. А излегува дека власта баш  тоа го прави.

Ова е напишано точно пред пет години. Тогаш си мислев, рано им е, ќе се оправат.

Туку, дај да си прославиме уште Божик. Да си се порадуваме малку. Од понеделник ќе му ја мислиме, ако решат да се оправаат.