КОЛКУ МОЖЕШ ЌЕ СЕ СПАСИШ

| 22 ноември, 2024

Честитај ѝ на Македонија

1 Како ќе се испереме што ја донесовме неспособнава Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје? Така што ќе ги измалтретираме граѓаните за да мислат дека ние сме ги спасиле од Данела.

Е такво е однесувањето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Главниот град е заложник на идејата да нѐ спасат од нивната Данела. Ова сеирџиско гледање на власта како Скопје се задушува во ѓубре и сообраќаен хаос е да заборавиме дека тие ја устоличија како градоначалничка. И да заборавиме дека имаат мнозинство во Советот на Град Скопје и во повеќето скопски општини, а од неодамна и во сите државни институции. Во нивни раце е решението. Преку ноќ ли сфатија дека Скопје е пред колапс? Па две и пол години ВМРО-ДПМНЕ знае дека нивната кандидатка е непособна. И наместо Советот во кој имаат мнозинство да си го фати Градот во свои раце и да ги санира последиците од нејзината неспособност, тие ја оставија уште повеќе да тоне. Со тоа што ќе покажат дека е неспособна нема сами да дојдат автобусите, ниту пак Скопје ќе се исчисти.

Видете што убаво тоне, ама ние, од ВМРО-ДПМНЕ, ќе дојдеме и ќе ве спасиме со нашите идеи. А ние,  граѓаните, сме колатерална штета во битката на владејачката коалиција и скопската градоначалничка. Нема потреба сега ВМРО-ДПМНЕ да се труди ни докажува дека Данела е неспособна кавгаџика. Се уверивме самите дека не ја бива. Тоа одамна го знаеме.

Впрочем, кој при чиста свест сега би гласал за Данела? Видовме на парламентарните избори, кога не стоеше ВМРО-ДПМНЕ зад неа дека освои само 3.500 гласа, од кои во Скопје нешто над 1.500. Повеќе телефонски броеви имам во мобилниот. Ама, па и кој би гласал за некого што намерно ги жртвува граѓаните? Вмровците ја оставија на наша сметка да го урнисува градот.

2 Вицепремиерот Александар Николоски рече дека „за жал, скопјани ќе мора да ги почекаат локалните избори за да се реши проблемот со јавниот градски превоз“.

А до идната есен, што правиме? Не умри магаре до зелена трева.

Значи, или веќе ги имаат пазарено автобусите и одма после локалните избори ќе ги појават на улиците, што не верувам, оти 250 автобуси не се купуваат во самопослуга. Или, знаат како ќе го решат проблемот со јавниот превоз во главниот град, ама не сакаат да ни кажат. Ќе чекаат скопјани пак да гласаат за нивниот кандидат, па ќе ни ја откријат тајната. И тоа ќе важи само ако градоначалникот пак не се скара со граѓаните. Ако не, ќе чекаме уште нови четири години, па пак ќе нѐ спасуваат.  Со наши пари ќе ги поправаат нивните штети.

Е, сега, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се љубители на нотарски изјави, не би било лошо за идните избори да го натераат нивниот кандидат, или кандидатка за градоначалник, како и за членови на Советот да потпишат дека нема да ги малтретираат граѓаните. И коалиционите партнери нека ги натераат да потпишат нотарски изјави, да не се правдаат после дека немаат мнозинство.

Вицепремиерот Николоски рече и дека „јавниот превоз во Скопје е далеку од тоа што треба да биде, но секој да си ја носи својата одговорност“.

Е па, скопјанки и скопјани, носете си ја својата одговорност. Тие што си гласаа за бесплатен јавен превоз сега нека не доцнат на работа, нека не се жалат дека децата им губат часови, дека не стигнале на закажан термин за преглед… Следниот пат нека си ја чукнат главата. Белким, како полнолетни граѓани, досега сфатиле дека во животот ништо не е бесплатно. Нека мислат за кого гласаат.

3 Впрочем, еве гледаме колку ѝ е гајле на партијата за граѓаните. Само ќе ги искористи за да си направи краткорочен профит, како што обично бива. Џабе ние бараме решенија од политичарите, кога тие нема да ги најдат ако немаат ќар од тоа. Политички, или друг ќар, сеедно.

Затоа и очекувањата ни се сѐ помали. Затоа и луѓето веќе гледаат само како да се отселат од земјава. А во меѓувреме се грижат како да си ги решат акутните проблеми – како да стигнеш на време на работа, како да не умреш чекајќи термин за лекарски испитувања, како да се не се разболиш хронично дишејќи загаден воздух… Што е тоа, ако не – голо преживување? Купи ден, продај, до следната лага на избори. Просто, веќе немаме сила да артикулираме ни протест, ни бунт, ни пркос. Оти знаеме дека политичарите нема да најдат решение. Ним граѓаните не им се ни на крај памет. Затоа и ги доживуваме како елементарна непогода. Кој колку може, нека се спаси.

4 А доказ дека на власт не се политичари со чувство за за јавен интерес туку партиски апартчици, е баналниот пример околу честитките за изборот на Радмила Шеќеринска за заменичка-генерален секретар на НАТО.

Американската амбасадорка Анџела Агелер на социјалните мрежи му честиташе на премиерот Христијан Мицкоски и на Владата за нивното залагање за нејзината кандидатура, а Мицкоски ѝ се јавил на Шеќеринска и лично ѝ честитал.

Не зборуваме за лично јавување. Зборуваме за официјална честитка од Владата која не беше споделена со јавноста. Зборуваме за јавен запис којшто не е оставен за архивите. И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, врховната командантка на Армијата што  е дел од НАТО, лично ѝ се јавила на Шеќеринска да ѝ честита. Ама и таа не остави јавен запис. Синким ова е приватен настан, па приватно ќе ѝ честиташ.

Приватно може очи да не сакаат да ѝ видат на Шеќеринска. Премиерот рече дека и покрај предизвиците, немале дилема дека ќе ја поддржат, што и да му значи тоа. Не ни е по ќеф де, ама глупаво е да бидеме против наш човек. И кога веќе немале дилема дека требало да ја поддржат и сметаат дека со тоа направиле добар потег, тогаш веќе можеле и да срочат една честитка за јавноста, а не да си молчат додека стигнуваат честитки од странство и да чекаат новинарски прашања, ако може и нарачани, да кажат дека и тие лично ѝ се јавиле да честитаат.

На крајот на краиштата, не го гледај ова како успех на Радмила Шеќеринска. Гледај го како успех на Македонија, една од најмладите и една од најмалите членки на НАТО, со висока позиција во Алијансата. Не ѝ честитај на Шеќеринска. Честитај ѝ на Македонија.

АУДИО ПОДКАСТ