ГЛЕЈ СИ СЕИР

| 12 ноември, 2021

А режиме, режиме ќе паднеш режиме...

1 А бе, глеј си сеир и прави се како да не си од тука. Сеирот е супер работа. Ама не е смешно кога ќе ти текне дека и ти си дел од сеирот.

На пример, баш би сакал на случките од „драматичниот четврток“, кога требаше да падне Владата на Заев, да им пристапам со леснотија каква што демонстрираше Христијан Мицкоски. Додека траеше неизвесноста во Собранието, а луѓето грицкаа нокти пред телевизија навивајќи кој ќе победи на Собранискиот канал, Мицкоски рече дека бил на предавања на факултет и не знае што се случува. Еве, животот си тече, Владата ќа падне, тој од утре ќе биде мандатар… Кога попладнето виде дека не ја бива работата, рече дека му се згадило од политика. Ама, додека е вака послободен, оти не ќе може од утре како премиер кога ќе се фати за работа 24/7, па отиде во болница и се пофали со слика на Фејсбук дека извадил масно ткиво од вратот.

Ете, тоа е јавната порака на идниот премиер, наспроти пораката на сегашниот премиер кој во емотивен налет си даде оставка, па кога виде дека ја оплеска се примисли и рече „Не, ај сменете ме ако можете“.

Штета што не падна Владата. Не е до Македонија, туку светот ќе изгуби многу затоа што Мицкоски нема да биде премиер. Оти, тој ќе ја решеше енергетската криза со која се мачат сите земји. Трајко Славески ќе нè спасеше од инфлација и поскапување на храната – нешто што не ѝ успева на Ангела Меркел во Германија. Ама таа ионака си оди, баш ѝ е гајле. А со Вело Марковски ќе го снемаше ковидот. Апасиев ќе нè спасеше од трошоци за оружје за НАТО. А и таблите не ќе мораше да ги менуваме со албански јазик. Оти ќе го укинеше законот за двојазичност.

2 Штета што не падна Владата. Оти така и ДУИ ќе отидеше во опозиција. Не дека албанските гласачи имаат друг сериозен избор. Со ваква опозиција од другите албански партии, паѓањето на ДУИ е научна фантастика.

Впрочем, требаше да сфатиме дека иницијативата за туркање на Владата не е сериозна во моментот кога министерот за земјоделие Аријанит Хоџа зборуваше за уривање режим. Си поднесе оставка откако не успеа да ја турне Владата. Односно, не успеа самиот себеси да се турне. Како ли му било на Хоџа секој ден пред да трга на работа во Министерството? Си се гледа министерот дотеран во огледало и му вика на огледалото: „А режиме, режиме, ќе паднеш режиме“.

А не беше режим до ден после изборите, на 1 ноември, кога истиот Аријанит Хоџа рече дека Заев не треба да си дава оставка. Велеше „навистина е потребно да продолжи владејачкото мнозинство“. По неколку дена, мнозинството стана режим кога ДИК прифати приговор на ДУИ за прегласување на едно место во Желино каде што победи Беса.

И така прегласувањето во Желино, кое патем не се случи оти судот не ги прифати барањата на ДУИ, стана клучен фактор за стабилноста на владејачкото мнозинство, за иднината на земјата во НАТО, за Преспанскиот договор, за преговорите со Бугарија, за љубовта на Левица со Албанците. И за мир во земјата. И за мир во светот.

И за сознанието дека зборот „беса“ го менува значењето кога станува име на партија, оти политичарите понекогаш знаат да ги менуваат ставовите почесто отколку гаќите.

3 Е сега, откако не успеа да ја турне Владата, опозицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори. Е ајде, де.

За да има избори треба да се распушти Собранието. За распуштање на Собранието треба да гласаат 61 пратеник. И – пак се враќаме на „драматичниот четврток“.

Значи, не – 61 потпис. Не – мавтање со ливчиња на прес конференција. Не – сликање со кисели насмевки… Треба 61 пратеник да дигнат рака во Собрание. За распишување нови избори треба мнозинство. Не знам кој дел од оваа проста реченица не е јасен.

4 Откако Заев самиот си изработи уште една шанса за поправен испит, нека мисли како овојпат ќе ја искористи. А тие од СДСМ, наместо да продолжат да му се потсмеваат на ВМРО-ДПМНЕ за неуспешното туркање на власта, нека почнат да се занимаваат со своите грешки и неодговорното работење. А не да му плачат на Заев, аман не нè оставај сами, не си давај оставка. Оти, не за џабе ги изгубија локалните избори во речиси сите големи општини.

И нека не спијат на увото дека непартиските гласачи би гласале за нив само затоа што нема подобар избор.

5 Неуспешниот обид да се турне владата не е победа на СДСМ и на ДУИ. Но, може да е лекција за пратениците од опозицијата. Ако се паметни, белким сега видоа колку е неодржливо нивното однесување кога ја блокираат работата на Собранието за сè и сешто.

Не може кога пратеници на владејачкото мнозинство доаѓаат во скафандери да гласаат пакет мерки за ковид кризата тоа да биде биотероризам, а кога опозиционите пратеници доаѓаат во скафандери за да турнат Влада тоа да биде врв на демократијата. Му играа мајтап на Талат Џафери кога среде ковид криза ги молеше да влезат во салата, а тие си седеа пред врата, а сега тие обвинуваат дека пратениците од владејачкото мнозинство намерно не влегуваат во салата за да нема кворум.

Тоа се вика, со свој камен по своја глава. Ама, тој камен на сите од главата ни се удира. Особено што стана начин на парламентарно однесување. И особено што не сум убеден дека опозицијата и по оваа лекција ќе се занимава со нешто друго, освен со блокирање.

Мислите ли дека имаат некаква визија како понатаму? Па тие немаа идеја ни што ќе прават следниот ден откако ќе ја срушеа Владата.

Работава не ни е за сеир ни за смеење. Брзо заборавивме како е кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се добере до власт. Па уште и во комбинација со ДУИ…