ЕУ БЕЗ ТЕБЕ

| 17 декември, 2021

Mоже „ЕУ со тебе“, ама не како Македонци со македонски јазик и не како антифашисти во Втората светска војна.

1 Еј, пак нема датум за почеток на преговори со ЕУ. Баш фино. Ха, ха, ха… Овие од ЕУ пак го излажаа Заев. Ха, ха ха… А дека ние ако бевме власт, ќе ги фатевме во лагата.

Кого излажаа? Само Заев и СДСМ ли ги излажаа? Па, сите нас што живееме тука и 30 години мечтаеме за ЕУ нè излажаа. Еве, баш неделава се навршија точно 16 години откако Македонија доби кандидатски статус.

Не можам да сфатам како некој воопшто може да се радува на третото вето на Бугарија. Кому гледаат сеир? На некоја туѓа земја ли ѝ гледаат сеир? Уживаат дека Бугарија им ја зафркнала земјата. Ја уништува иднината на нашите деца. Тоа ли е за фаќање сеир? Тоа ли е за радување? Освен ако не им извадиле бугарски пасоши и на своите деца.

Многу е неодговорно, и политички, ама и човечки, бугарското вето да ти биде тема со која ќе добиеш или ќе изгубиш власт. Барем околу тоа нека се договорат политичките елити. Во која демократска држава одлуката за стратешки прашања ја носи само партијата на власт? И во која земја опозицијата одмага во решавањето на проблем што е стратешки интерес на државата? И тоа одмага не затоа што има нешто паметно да каже, туку за да дојде на власт.

Впрочем, ние не ја знаеме позицијата на ВМРО-ДПМНЕ ниту предлозите за решавање на овој проблем. Со себап, еден ден ќе дојде на власт. Како тогаш ќе го се справи со непријателскиот акт на земја-членка на ЕУ?

2 Вистинското помирување ќе се случи кога СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе престанат меѓусебно да се обвинуваат за бугарското вето и кога ќе им дојде памет да се здружат да дефинираат национална стратегија како да излеземе од овој проблем. Да ни кажат на што сме. Па макар се договориле и за отстапки кон Бугарија. Па макар и ги прекинале преговорите. Конечно, макар и се откажале од членството во ЕУ.

Не знам како не сфаќаат дека државата е соочена со многу моќен непријател. Бугарија ем е поорганизирана држава од нашата, ем е членка на ЕУ. Не знам како не се свесни за димензијата на оваа блокада, што е многу пострашна од грчката. Признајте дека сте Бугари, па ќе ви дозволиме да почнете преговори со ЕУ – бара Бугарија.

Грција сакаше да го смени името на документот. Бугарија сака да ја смени содржината на документот. Со Грција преговаравме за географска одредница,  Вардарска, Скопска, Горна, Централна, ваква, таква.. А со Бугарија треба да преговараме дали постојат Македонци и македонски јазик. Со Грците, освен што ставивме додавка на името, ништо не изгубивме. Напротив, добивме членство во НАТО. А со Бугарите сè ќе изгубиме.

И ако тоа не е доволно силен аларм за будење на партиите од голата борба за власт, тогаш дај да си го активираме планот Б. За нас е доцна, да си бараме чаре за децата.

3И сега пак ќе се замајуваме, те за шест месеци ќе попуштеле, те за два месеца, не овој декември, следниот јуни, не ова претседателство, друго претседателство, не овие избори, другите…

Ние веќе нема што да направиме за да ги почнеме преговорите со ЕУ. Како да преговараш со некој кој ти вика дека не постоиш? Не е наша вина дека и во самата ЕУ кога е во прашање Македонија не се зборува за европски стандарди, туку рамнодушно гледаат како една земја-членка на ЕУ класично се изживува врз друга земја што сака да стане член на ЕУ.

Но, каква е нашата позиција за преговори, кога ние по дома си се обвинуваме кој е виновен за бугарското вето, а од Европската Унија ти викаат – вие немате никаква вина. Стварно е крајно глупаво самите меѓусебно да си се обвинуваме за барањата на Бугарија. А и зошто би биле виновни? Дека сме Македонци што зборуваат македонски јазик? Криви сме што сме живи?

Знаеме што ќе нè чека после шестиот месец на новиот бугарски премиер Кирил Петков. Ич не мора да ги чекаме неговите шест месеци. Проблемот може да се реши уште утре. Само треба да прифатиме дека нема Македонци и нема македонски јазик.

Така што, Македонија не влегува во ЕУ. И тоа не по своја вина.

4 Фасциниран сум од жилавоста и флексибилноста на ЕУ бирократијата за смислување компромисни фрази без оглед колку глупаво звучеле, како оној последниот заклучок дека „Советот со нетрпение го очекува одржувањето на првите меѓувладини конференции со Република Северна Македонија и со Албанија што е можно поскоро по одобрувањето на преговарачките рамки од страна на Советот”.

Работава е – „час поскоро“. Ние сме во „час поскоро“ фаза уште од 18 декември 2005, кога во 3 часот по полноќ, Тони Блер, премиер на Велика Британија како тогашен претседавач со Унијата, во Брисел го објави кандидатскиот статус на Македонија и изјави: „Визијата на ЕУ е обединета Европа во сите форми и тоа се однесува и на Македонија“.

Рекламата за промовирање европски вредности во Македонија пред неколку години одеше со слоганот „ЕУ за тебе“. Сега тече кампања „ЕУ со тебе“. Следната кампања ќа биде „ЕУ без тебе“.

Односно, може „ЕУ со тебе“, ама не како Македонци со македонски јазик и не како антифашисти во Втората светска војна.

5 Претседателот Стево Пендаровски вели дека не гледа закана по стабилноста на државата, откако Бугарија повторно ја блокираше Македонија.

Малку ли ни е оваа дестабилизација кога најголемите партии крв се гледаат како најголеми напријатели, а опозицијата го блокира Собранието по секоја цена и свесно ја држи државата во заложништво?