ДОЗВОЛА ЗА КРАДЕЊЕ

| 12 април, 2024

Ние Охрид уште не можеме да го доупропастиме, никако од УНЕСКО да се спасиме, а сме запнале да ги чуваме спомените од „Златно славејче“.  

1 Продолжува конзистентната политика во Македонија да се наградуваат ајдуците, а да се казнуваат даночните обврзници.

Европската комисија бара во рок од 30 до 45 дена државата да врати 2,2 милиони евра што се злоупотребени во рамки на програмата за образование на ЕУ „Еразмус плус“ во периодот од 2016 до 2018 година. Тоа значи дека сите ние со идната месечна плата треба да вратиме 2,2 милиони евра за кои Европската канцеларија за борба против измама ОЛАФ пронашла низа неправилности кај грантови доделени на 22 корисници.

Измамата била пријавена во македонското обвинителство уште во 2019 година. Ама за случајот нема истрага. Уште е во предистражна постапка.

Кај им ги плаќаме отштетите за застарените случаи на откриените криминалци, па сега ќе ни земаат пари за да се раздолжиме кон ЕУ и за овие што од ЕУ ги фатиле дека крадат.

Чекај малку. Ај нека намалат малку со приказните за ЕУ. Нека почнат да применуваат европски практики дома. Тие луѓе што проневериле европски пари си имаат име, презиме, потпис, печат на фирма… Се знае кои се. Што има ние да плаќаме за нив? Ова е исто како полициски билтен. Фатиле крадец, знаат кој е, знаат што украл и колку украл и соопштуваат дека пронајдените украдени работи и пари им ги вратиле на сопственикот.

Во случајов, европската канцеларија за борба против измами ги фатила во проневерата. Нема што тука да се мудрува по стандарди на македонската правда. Па предистрага, па истрага, па обвинителот бил поставен од ДУИ, па судијата бил од ВМРО, ама близок до  СДСМ, па имало превод, па немало превод, па поротникот се пензионирал, па судијата се разболел, па  судијката ја унапредиле, па судењето почнало одново, па пресудата се изгубила по пат од Апелација до Основен суд… И – застаре делото, а ЕУ си ги бара парите – сега.

Тука е крајот на приказната. А не уште и да го слушаме вицепремиерот Бојан Маричиќ да ни кажува: „бараме начин како дел од средствата да се вратат, а дел да бидат одбиени од некои идни проекти“. Излегува како ЕУ да е кај нас во претплата. Дајте ни уште пари за да ви вратиме дел од украдените пари. За да ви ги вратиме парите на тие што ве искрадоа, ќе им скинеме пари на тие што (можеби) немаат намера да крадат.

Ех, да можеше на Европејците да им платиме со компензација, па да им ги дадеме нашите политичари, таму нека им раскажуваат за ЕУ стандарди, борба против корупција, добро владеење и транспарентност. Ем ќе се спасевме од нив, ем долгот кон Европската комисија ќе го намалевме. За жал, ништо од бизнисот. Излегува дека врти, сучи, пак ајдуците се во ќар.

2Затоа и не ја следам изборната кампања. Штом видам некој македонски политичар на телевизија не го ни слушам што има да каже. Веднаш вртам на канал со криминалистички серии и филмови. Таму барем приказната има крај. Криминалците ги фаќаат и ги судат. А кај нас нема крај. И да го фатат крадецот, ќе го пуштат. Или ќе му застари делото. Или ќе го амнестира шефот на државата. И иако против него се воделе истраги и имало судски процеси, пак може да се кандидира за пратеник. И дури и да е на црна листа на САД со сериозни сознанија за корупција, пак може да се кандидира за претседател на државата. И да биде градоначалник.  А ако победи неговата партија, ќе ни стане и некој министер.

За сите нив нема кривична, ама има политичка одговорност. Џанам страшна работа. Гледам многу тешко им паѓа политичката одговорност. Од телевизија не се имаат симнато, од билборди ни се смеат во лице.

Погледнете ги само колку страдаат од политичка одговорност сите што ги гледавме по судниците со години на кои Собранието им ги застаре делата. Ептен се намачени. Еве на пример, најтешко му паѓа политичката одговорност на Никола Груевски. Не оти треба да учи унгарски за да му тргне бизнисот во Будимпешта. Туку не смее да пропушти ниту еден празник да не ни честита на фејсбук.

Во Македонија е докажано дека одговорноста на политичарите завршува на денот на гласањето. На тие што ќе ги изгласаме да победат на избори веднаш им даваме дозвола за крадење.

3Петнаесет години се зборува за потребата од реновирање на Универзалната сала во Скопје. Салата почна да се распаѓа и веќе деветта година не работи. И само што почна реконструкцијата – се запали.

Сега, кога Универзалната сала и буквално ја нема, ајде да пробаме да разговараме за неа без емоциите за „уништените спомени на скопјани“ и „уништениот симбол на солидарноста“.

Универзалната сала беше монтажен објект подигнат по земјотресот 1963. На скопјани сега им пречи што се уништи еден монтажен објект, а не им пречеше кога на местото на монтажните постземјотресни бараки никнуваа згради што го уништија домувањето во индивидуални куќи. И населбите Козле, Тафталиџе, Влае, Водно беа симбол на солидарноста. Тие населби кои беа правени со донации и план за хумано живеење сега станаа неподносливи за живот. Една нормална населба не остана. Куќите со по едно семејство и една кола што си ја паркираа во двор станаа згради со по дваесетина семејства и најмалку толку коли што се паркирани на улица. Кога се запали Универзалната сала, барем до неа можеа да пристапат Брзата помош и противпожарните возила. Во уништените населби низ Скопје сега не може да пристапи ни ѓубрарка да им го собере ѓубрето на станарите.

Затоа, најдобро е државата да го продаде земјиштето под изгорената Универзалната сала „за џабалак“ на некој од оние „инвеститори“ и „угледни бизнисмени“ омилени и на власта и на опозицијата. Па „градот убав пак ќе никне“ со една инвестиција за комуналии што ќе ги покрие платите на локалната администрација. Тоа ќе биде една прекрасна зграда – комбинација на малку сала, малку катна гаража, малку трговски центар и едно дваесетина ката станчиња и градинка во подрумот.

Кога треба да се изгради некое јавно добро, политичарите ќе најдат милион оправдувања зошто не се гради. Овој бил надлежен, овој бил ненадлежен, па ќе отвараме дебата, па што ќе кажат граѓаните, па што ќе каже стручната фела, па дозвола од општината, па дозвола од Град Скопје, па дозвола од државата, па проблеми со експропријација на земјиштето, па што ќе каже оваа институција, па онаа институција… А кога е во прашање задоволување на алчноста на власта и нивните инвеститори, тогаш не е важно ни што викаат граѓаните, ни што вика стручната јавност, ни што викаат екологистите, ни што викаат невладини организации, не ги вознемируваат ни протести… Ако е приватен интерес – не може да биде: Не. Мора да биде: Да.

Скопскиот саем го продадовме за трговски центар и станбени згради. Водно го изоравме за да градиме вавилонски кули. Цело Скопје е уништено, а ние за големата монтажна барака во која се одржуваа концерти плачеме. Оти, каква-таква, ни беше единствена.

Абе ние Охрид уште не можеме да го доупропастиме, никако од УНЕСКО да се спасиме, а сме запнале да ги чуваме спомените од „Златно славејче“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST