ДИВА СВИЊА

| 16 декември, 2022

Во оваа држава се казнети само даночните обврзници што редовно си ги плаќаат даноците и казните

1 Апелациониот суд Скопје ја укина 12-годишната затворска казна за масовното незаконско прислушување за Сашо Мијалков, осуден како поранешен директор на УБК во предметот „Тврдина-Таргет“. Тоа беше главниот предмет и основата за формирањето на институцијата Специјално јавно обвинителство (СЈО) што ги истражуваше сомнежите за криминал кои ги слушавме во „бомбите“ на Заев. Седум години надежи за правда и очекувања за правна држава фрлени низ ветер.

Со оваа пресуда на Апелациониот суд се покажа дека не само што незаконското прислушување на илјадници граѓани е дозволено, туку и сите криминали кои со свои уши ги чувме дека се правени се исплатливи. Во оваа држава се казнети само даночните обврзници што редовно си ги плаќаат даноците и казните.

2 Кога вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска ќе каже „Е вака веќе не може“ ми текнува на вицот за ловџијата што отишол во криволов на диви свињи. Ја отепал свињата, си ја ставил на грб и си ја носел низ шумата. Го фатила шумска полиција и го прашала: Кај одиш? – Еве се шетам низ шумата? А ловеше ли свињи? – Не, Бог да чува. А ова што го носиш на грбот што ти е? Се свртел ловџијата и вика: Иииии, што збориш? Од каде па сега ова?

Па така и Грковска се зачуди каква е оваа пресуда за Мијалков, кому во 2025 година ќе му застари делото, па нема шанси некогаш да биде осуден за масовното нелегално прислушување. Грковска бара Апелациониот суд детално да ја образложи оваа одлука „за која има сомнеж дека не оди во правец на владеење на правото и еднаквост пред законот“.

Зошто се чуди вицепремиерката, кога Собранието пред две години изгласало измена на Законот за движење и управување со предметите, според која не смее да се објавува неправосилна пресуда. Мнозинството ја изгласало оваа измена. Пратениците од нејзината партија СДСМ ја гласале. Без нив не можела да помине. На почетокот на секоја пресуда стои „Во име на граѓаните…“ Во име на кои граѓани се носат ваквите пресуди? И зошто Собранието изгласало пресудите да се кријат од граѓаните?

СДСМ е шеста година на власт, еве веќе е  на половина на вториот мандат, во првиот мандат имаше дури и вицепремиер за антикорупција кој го улови путерот со изминат рок, а вицепремиерката вели „Вака веќе не може“.

Е па – еве може.

Вака звучи смешно. Но, трагично е. Затоа што кога и вицепремиерка ќе каже „Вака веќе не може“ тоа веќе не е израз на чудење. Тоа е изразување немоќ.

3 Драги даночни обврзници, сите вие што редовно си ги плаќате сметките за комуналии, одвојувате од вашите плати за здравствено, пензиско и социјално осигурување, плаќате персонален данок и казни за погрешно паркирање, покажете малку солидарност. Ајде да им ја платиме и струјата на оние сироти директори во државни, општински и јавни претпријатија поставени од партиите, кои мораат да имаат службена кола, секретарка и шофер, ама останале без пари да платат струја.

Ајде сите ние солидарно да ги наградиме неспособните затоа што неодговорно ги трошеле нашите пари. Знаат да си изберат најнов ајфон, ама не знаат да платат сметка. Прашањето е: До кога вака? Која е гаранцијата дека утре ќе почнат да ги плаќаат сметките за струја? Со што гарантираат дека од утре одговорно ќе ги трошат парите што ќе им ги префрлат од Буџетот? Со лагите на нивните партиски лидери за тоа колку се способни и одговорни нивните директори? Па се покажа дека ваквото простување на долговите не функционира. Владата на Заев им ги покри долговите на Општините, па видовме што направија градоначалниците со тие пари. Како Рамиз Мерко во Струга, ќе тријат раце, охохо, ќе си купам ново ауди, ова не ми личи, амортизирано е веќе…

Даночните обврзници два пати плаќаат за иста услуга. Ние веќе еднаш сме им платиле на тие директори за редовно да си ги плаќаат сметките. Сега втор пат ќе им платиме. Од тука почнува коруптивното трошење на јавните пари.

4Долговите не се направени само последнава година кога поскапе струјата. Некои универзитетски клиники не ги плаќале сметките со години. Во нив партиите имаат поставено економски директори.

Ќе го постават од партија, ќе ослободат некоја лекарска соба да му најдат канцеларија, оти бива ли директор без кабинет, па службена кола, па шофер, оти бива ли директор без шофер, па секретарка, оти бива ли сам да се јавува по кафеани да резервира ручеци, па најнов мобилен, оти бива ли да му се потроши батеријата додека е на семинар во странство, па ќе вработам едно десетина „од нашите“, оти бива ли партијата да ми даде директорско место, а јас ништо да не вратам… И оп, се појавува месијата Димитар Ковачевски и им вика: Без грижа, јапонските, германските и холандските даночни обврзници ќе ви купат ехо и рентген апарати и амбулантни возила, а македонските даночни обврзници ќе платат за струјата што не сте ја платиле, исто како што веќе ви ја платиле и колата, и возачот, и секретарката и како што ги плаќаат паушалите на „нашите“ советници.

Па вака секој може да биде директор со неограничени средства. Бидејќи станува збор за болници, директорот знае дека болницата може да остане без лекови и со расипани апарати, ама државата не смее да си дозволи на болница да ѝ биде исклучена струјата, па си вика: Што ве вртам, бе! Не плаќам струја. Прашај го лидерот дали може да ме смениш. Не можеш.

Премиерот Ковачевски неодамна во болницата „8 Септември“, при промоција на некаков апарат обезбеден со италијанска поддршка рече: Имаме врвни доктори, врвна опрема, ама не ни чини системот. Па еве ви го системот, премиере! Сменете го. За почеток, укинете ги економските директори на клиниките каде што ги има. Се виде дека се непотребни како функција. Наместо да го штедат, тие го оштетуваат Буџетот.

5 Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска уште од изборната кампања, па во текот на целава прва година од мандатот манипулира дека е напаѓана, под закана, шиканирана и инсистира дека е жртва само затоа што е жена, која ете се замешала во машка работа.

Таа замена на тези не ѝ држи, кога после цела година на чело на главниот град се виде колку е способна да управува. Не успеа ни едно обично новогодишно украсување да изведе, а ние се чудевме како прв пат во историјата го остави главниот град без јавен превоз.

Не е проблемот на Данела тоа што е жена, туку тоа што е неспособна за функцијата што ја врши. И баш тоа криење на неспособноста зад женскоста е навреда за жените. Особено за оние кои секојдневно успешно работат.

6 Во учебникот по Историја и општество за петто одделение напишано е дека Монт Еверест на Хималаите е висок 29.035 метри, а Мртвото море е 1.400 метри под морското рамниште. Стои и дека Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија.

Секој учебник го потпишуваат авторите и рецензентите. Пред да излезе во печат го проверуваат и лектори и коректори. Ај авторите што не прават разлика меѓу стапки и метри, ама како на рецензентската комисија не ѝ паднало во очи дека има планина висока 29 километри! 29 километри. Дека има море километар и пол под морето!? А исток и запад!? Во градинка нè учеа како да ги знаеме страните на светот.

А Министерството за образование ќе испитува како е одобрен ваков учебник.

Наодите од истрагата се јасни: Неписменоста кај нас се мери во километри. А неодговорноста во стапки.