ЧАЈ И ЦВЕКЛО

| 6 октомври, 2023

Ние здрави, тие изнакрадени.

1Многу би сакал, Владата да ни пушти снимка од седницата на којашто министрите го правеле списокот на прехранбени производи на кои данокот на додадена вредност се зголемува од 5 на 10 проценти. Баш би било интересно да се види како течела лицитацијата што е луксузна, а што е храна без која не се може. Односно, како што вели Министерството за финансии, „храна која не претставува основна човечка исхрана“.

Видел министерот за финансии Фатмир Бесими дека им снемува пари во буџетот. Сè испокрадоа, а уште имаат за земање, испотрошија сè за вдомување партиски другарчиња и задоволување на потребите на бизнис партнерите,  а уште треба да се вработува, доаѓаат избори. За администрација да има плата. Тоа е најважно. Оти, штрајкуваат само тие што трошат. Овие што прават пари не штрајкуваат, па може уште да им се зема. Прибраа апансас ретроактивно од ланската заработка нешто и од успешните компании, што го крстија солидарен данок за да биде легален арач, ама и тоа не е доволно. И така, смислија да го покачат ДДВ-то на храната. Ама, чекај сега, на која храна? Па на луксузната. А што е луксуз во 21 век во земја со пазарна економија, членка на НАТО и кандидатка за членка на ЕУ?  И така, отвориле сеопфатна дебата со сите чинители.

Тргнал муабетот со перки од ајкула. Па сфатиле дека никој не купува перки од ајкула и почнале со наддавање. Се префрлиле на туна и наддавајќи, се надминале себеси, па стасале до чаеви. Што е тоа чај, бе? Топла вода измислиле. Без ајвар може да се живее? Не. Тоа е традиционална храна. Ама, без лутеница може. Што има во лутеницата? Феферонки. Не претставува „традиционална храна“ според дефиницијата на Министерството за финансии. Пиши таму и феферонки луксуз, 10 проценти. Додај сусам, гриз, овесни снегулки, мусли, сладолед… Што па црн бибер? Во секоја манџа зачини ли се ставаат? Ајде нека јадат леб и сол, традиционално, како во македонските народни приказни. Ете, цената на лебот им ја замрзнавме. И шпагети нека варат. Што неблагодарен народ ќе беше, кај во ЕУ ќе ги внесеме до 2030, а тие уште и преку леб павлака бараат. Намаз од сирење може, ама ако сирењето е полномасно, значи е нездраво – пиши 10 проценти ДДВ. И компотите ќе ги оданочиме со 10 проценти. Многу шеќер имаат, уште и од дијабетес ќе треба да ги лечиме, па после секој месец на министерот ленти за мерење шеќери ќе му бараат, ќе се боцкаат, во стрес ќе живеат. И сладоледи ќе јадат, па после грло ќе ги боли, па какви се и за антибиотици ќе треба пари да одвојуваме.

Лицитирајќи што е луксуз, а што е потреба, што е здраво, а што е нездраво, некој викнал „цвекло“. Некоја фрустрација од детска градинка се појавила. И така и цвеклото се најде на списокот на луксузна храна. Вицепремиерот Фатмир Битиќи не знае дали цвеклото се нашло на списокот за луксуз по грешка, ама рече дека Владата е отворена за сугестии, па може да се направи ревизија на луксузната храна.

Што е за право, тие рекоа дека ќе прават ревизија и на нивното покачување на платите за 78 проценти, па еве, уште не направиле.

Нејсе, еве кај е вторник. Нова седница на Влада, нови цени на храната. Важно е за секого да има по нешто. Ние здрави, тие изнакрадени.

2 Светската банка прогнозираше дека до крајот на годинава, економскиот раст на Македонија ќе биде 1,8 проценти, а инфлацијата ќе се задржи на 9,1 проценти.

Тоа се импозантни резултати за власта, која за да се спаси себеси од затвор донесе закон со кој ги спасува и високопрофилните арамии од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а визионерски  постави солидна легислатива со која во иднина корупцијата не само што ќе се толерира, туку и ќе се охрабрува, па и ќе се наградува.

Купете си цвекло, сварете го без зачин на евтина струја и јадете го како да е перка од ајкула. И залијте го тоа со еден луксузен чај од камилица. Уживајте.

3 Владата расправала за зголемениот број мечки што се појавиле на територијата на Маврово и Ростуше и, како што соопшти, укажала дека „во најкраток рок треба да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта што се во непосредна близина на населените места или во самите населени места, а кои ги привлекуваат мечките“. Во соопштението од седницата напишаа дека „локалната самоуправа, во соработка со Јавната установа Национален парк Маврово, согласно нивните надлежности, треба да пристапи кон решавање на прашањето, со цел навремено чистење на сметот (дивите депонии) од сите населени места, како и од локалните патишта“.

Значи, од што сме затрупани со ѓубре сега уште и мечки ќе нè јадат. Си јадеш мекица на Стража, уживаш онака во природната средина на паркингот затрупан со ѓубришта и оп – ќе ти дојде мечка и ќе те изеде  сосе мекицата, сосе 10-те проценти ДДВ од полномасното сирење, оти ниту Општината, а ниту Националниот парк Маврово не го чистат ѓубрето.

Само Стојанче Ангелов од Центарот за управување со кризи ги брка мечките.

Среќа, иде зима. Сè ѝ оди во прилог на Општина Маврово-Ростуше. Стојанче уште малку ќе ги брка мечките, после тие ќе се скријат во пештерите да си тераат зимски сон, па кога ќе се наспијат, ете дошол март, ама па тогаш ќе бидеме во изборна кампања, никој со мечките нема да се занимава.

Проблемот е решен. Согласно надлежностите и законите. Нема мечки, не мора ни ѓубрето да се собира.

4Нема ништо чудно во тоа што за командир на полициската станица на граничниот премин Блаце бил поставен рендгенолог, а полицаецот со високо образование кој конкурирал за тоа место не го избрале оти бил гласен синдикалец.

Рендгенологот е поставен согласно стручноста. На Блаце ќе скенира пасоши и лични карти. Соодветно на кадровската политика во државните служби, сега полицаецот нека го стават за раководител на некој оддел на Клиниката за онкологија и радиологија. Тој нека ги фаќа крадците на цитостатици.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST