БРЗА ПЉАЧКА

| 11 август, 2023

Можат ли кафеаните што малтретираат цели населби со гласна музика до сабајле на момент да си помислат дека некој комшија хирург што тие го оставиле ненаспан цела ноќ утре ќе треба да им оперира некој близок?

1 Поминаа дваесет и кусур години од воениот конфликт со паравоената ОНА во земјава. Ако сакаше власта досега да направи споменици на загинатите војници, полицајци и резервисти на Карпалак, Вејце и Љуботенски бачила, ќе направеше. Та СДСМ, та ВМРО-ДПМНЕ. Особено онаа од ВМРО-ДПМНЕ што пред десет години без процедури, без почитување никакви закони, најде начин како да истури дестици и десетици споменици, речиси преку ноќ, низ центарот на Скопје. А оваа од СДСМ па уште и се расправа со еден градоначалник на Желино кој им игра мајтап – не било во негова надлежност да одобрува проект за споменик кај Карпалак.

Да видиш дали немаше да добие дозвола некој од омилените градежни инвеститори на власта ако посакаше баш на Карпалак да изгради мало објектче со стотина станови и едно трговско центарче. Можеше само како општествено одговорна компанија да вети дека ќе донира спомен-обележје на загинатите резервисти во 2001. Е тогаш веќе ќе беше она Заевото: „Не може да биде: Не! Мора да биде: Да! Одма ќе направеа пренамена на плацот, ќе дооформеа парцела со евтина продажба на државно земјиште, ќе сменеа услови за градба… Да видиш како тогаш ниту градоначалник ќе се правеше ненадлежен, ниту советниците ќе имаат нешто против, а богами ни Владата не ќе мораше да се прави недоветна ко сега – еве ние сакаме да дигнеме споменик, ама ДУИ не ни дава.

2 Впрочем, зошто Владата не побара дозвола за градба на споменик кај Карпалак од истата институција што ја издаде дозволата за споменикот на УЧК во Слупчане? Зошто не ангажираат некој консултант од Слупчане, тој да им ја истурка процедурата со дозвола за споменик и во Општина Желино на ист начин како што таму ја истуркале дозволата за споменикот на УЧК висок 20 метри? Се уверивме во нивната експертиза и умешност за преговарање на начинот како беше решена слупчанската буна против ЕВН.

Норвешка на почетокот на 1990-тите посредуваше во мировните преговори помеѓу Израел и Ослободителната армија на Палестина, па во Осло се потпиша договор за почеток на мировен процес помеѓу Израел и Палестина. Ама, Норвешка допрва треба да јаде уште многу сомуни леб за да го достигне успехот на слупчанските преговори. Израел и Палестина уште не живеат во мир, а Слупчане и ЕВН постигнаа мир кој е крунисан со уникатен договор, како што не постигнал никој досега: Секој да плаќа струја колку што потрошил.

3 Слупчане е еден од позитивните примери на таканаречениот европски фронт на владината коалиција што ги обвинува сите што ја критикуваат власта дека се заостанати антиевропејци.

Туку, што сме се фатиле со Слупчане во кое не можеле да влезат екипи на ЕВН да сменат струјомери, кога оваа власт нема ефективна контрола ниту во центарот на главниот град. Две кафеани со години малтретираат илјадници граѓани со гласна музика и ништо не им може ни локалната ни централната власт. Едно село и две кафеани се лицето на корумпираната власт во европска Македонија.

Оди некаде во ЕУ и кажи им на гласачите дека во населба за живеење треба да има кафеани што малтретираат со гласна музика до рано наутро. Нека оди, на пример во Берлин, инспектор за бучава да им каже на станарите – затварајте си ги прозорците среде лето за да измерам децибели, оти законот така вели, а газдата на кафеаната нема да ми го прифати мерењето ако прозорците ви се отворени. Замислете во Париз газда на кафеана што малтретира илјадници станари со гласна музика да им понуди на комшиите пијачка со попуст. Не можете да спиете? Па дојдете си кај нас поевтино да пиете.

Што? Во Берлин да не нема забава?

Не е никаков проблем тоа што има кафеани среде резиденцијален дел во центар на главен град или во густо населена населба за живеење. Секаде низ ЕУ има такви кафеани. Проблем е што кога кафеаниве секој ден до сабајле пуштаат гласна музика, кога треба да им се пуштат инспектори, или не дај боже да се казнат, раката им се тресе и на локалните и на државните политичари. Па дури и ако случајно се одважат да им пишат казна, казната им е преполовена ако платат во рок од осум дена. И никогаш не знаеме дали ја платиле.

На толку фалење на локалната власт дека излегла инспекција, како не се најде барем еден градоначалник да иницира законски измени во казнувањето – ако три пати те казнат за ист прекршок, да ти ја земат лиценцата за работа. На толку попување со ЕУ стандарди на централната власт, како никој од овие европскиве министри и пратеници нема храброст да предложи закон според кој не може кој било дуќан да врши каква било дејност. Не може да има кафеана во секоја зграда. Ниту пржилница на риби. Денес фризерница, утре ќебапчилница. Денес козметички салон, утре месарница со фрижидери од чија бучава тресе во сите станови. Во ист контејнер и ѓубрето од станарите и недојадените порции од муштериите во кафеаните и картонските амбалажи од самопослугите.

Што вика европскиот фронт од власта? Во ЕУ може така?

Да не навлегуваме во дебата зошто власта е немоќна да се справи ниту со две кафеани, а не пак со цело село. Самата си знае од каде ја црпат моќта кафеанџиите. Ме интересира човечката димензија на ова малтретирање на станарите. Можат ли овие што малтретираат цели населби со гласна музика до сабајле на момент да си помислат дека некој комшија хирург што тие го оставиле ненаспан цела ноќ утре ќе им оперира некој близок? Или дека возач на автобус што не можел да спие со затворени прозорци на 40 степени во август, утре ќе им ги вози децата на екскурзија?

4 Но, што туку се повикуваме на институции, ЕУ стандарди и заштита на правата на граѓаните, кога нас државата не може да нè заштити ни од кражби што се прават преку финанските друштва за брзи кредити со украдени податоци од личните карти и пасошите.

Секојдневно се јавуваат нови жртви на измамници со кражба на личните податоци. Измамниците се јавуваат во туѓо име, пуштаат на е-пошта скенирани или сликани туѓи лични карти или пасоши, подигаат брз кредит на туѓо име, со едно јавување, без да се појават лично да се идентификуваат, нарачуваат парите да легнат на сметка во некоја продавница, си ја подигаат стоката, или со брза пошта курир им ја остава на измислена адреса и после на измамените им доаѓа да си ги платат и основицата и каматите и трошоците за нотар и извршител за кредит што не го зеле.

Значи, не треба ни да изгубиш лична карта. Доволно е некој да ти ја слика. Или да ја симне од некоја апликација каде што стои скенирана и архивирана. И после – плаќај туѓи кредити цел живот.  Престрашно е.

Од брз кредит станува брза пљачка.

За контрола на финансиските друштва задолжено е Министерството за финансии. Народниот правобранител, кај кого веќе има десетина претставки од измамени граѓани бара од Министерството да испрати инспекции во друштвата. Ама, Министерството вика дека тоа е проблем на МВР.

И тоа е уште едно од оригиналните чуда во Македонија.  Министерството за финансии одбива да се бави со својата работа. Значи, не збориме за инспектори за бучава, корумпирана локална власт, арогантни партиски војници, маалски силеџии… Збориме за Министерство за финансии.

Да повториме: Министерство за финансии, што одбива да открие како се прават финансиски измами во друштва што се под негова контрола.

А ние наивни, бараме свест и совест од кафеанџии што пуштаат гласна музика, додека државата што успешно ги поминала скрининзите на сите кластери во Брисел овозможува брутална пљачка на граѓаните.

Е па, така ни е кога сме заостанати немтури под влијание на руски ботови и не сакаме да се забавуваме.

АУДИО ПОДКАСТ