БИТОЛСКО ЏАМЧЕ

| 11 февруари, 2022

Владата ја покачи платата на работниците. Сега треба и на неработниците.

1 Владата ја покачи минималната плата за работниците. Е сега треба да им се покачат и платите на неработниците. Од УПОЗ, Синдикатот на државните и јавните службеници во министерствата, Владата, Собранието и едно чудо познати и непознати агенции, заводи, управи се заканија дека ќе организираат протести, затоа што може да се случи некои од нивните членови по последното покачување на минималната плата на 18.000 денари да имаат малку повисока плата од таа, што според нив би било „омаловажување и понижување“.

Не станува збор за наставници, лекари, полицајци, војници што се на плата од буџетот. Станува збор за онаа огромна армија помлади и постари референти, помошници, советници на помошниците, возачи, секретарки и измислени работни места што со години се регрутира од партиите како која ќе дојде на власт.  Секаде каде што се напикани, напикани се по партиски заслуги или по етнички клуч и секогаш кога ќе ти затребаат, нив ги нема. За нив е понижување да имаат малку поголема плата од работничката минимална плата. А не е понижување работниците со својата минимална плата да заработуваат и за платите на јавната администрација.

Толку бесрамно се сметаат за привилегирана класа, што веќе не се ни кријат па си дозволуваат Синдикат да ги изусти зборовите„омаловажување“ и „понижување“ затоа што им ја покачиле платата на работниците од кои тие земаат плата. Осилени се. Имаат минат труд. Којзнае колку ора изиграле по комитските вечери, колку плакати излепиле, на колку митинзи вееле знамиња, колку часа отседеле на компјутер да тролаат по социјалните мрежи, колку пари им дале на локални партиски моќници. И сега партиите мора да си го одржуваат тоа гласачко тело. Тоа не е јавна администрација. Тоа се јавни гласачи. Тоа е партиска администрација што ни се продава како јавна администрација. Демек, во служба на граѓаните, а тие се во служба на партијата што ги вработила. Граѓаните – неуслужени. Ги молеа да се појават на работа, за време на пандемијата не ни одеа на работа, па се виде дека државата и општините функционираа и без нив, па после на сето седење дома си ги искористија и одморите, па уште и К-15 бараат да им дадат, никого не можат да избркаат за неработа, а и тие што ги избркаа судот ги врати, па уште и заостанатите плати им ги платија. Сè што се прави во државата се прави за тие да бидат среќни и задоволни. За да гласаат.

Бесконечно ќе се даваат субвенции затоа што треба да се гласа, тоа е мото на секоја влада досега.

2 За одржување на гласачката машина не се користат само плати и повластен пристап до државни тендери. Каде отишле парите од минималните плати на работниците се гледа и на примерот на Тетово. Таму при 300 редовно вработени во општинската администрација, поранешната градоначалничка Теута Арифи склучила хонорарни договори со уште 544 луѓе. До толку не работеле редовно вработените, па морало и хонорарци да се ангажираат.

Арно ама, новиот градоначалник Билал Касами открил дека само во 2021 година, од тие 554 хонорарци, 224 не работеле ништо. Башка што, според списоците за исплата, излезе дека многу малку Македонци имале што да понудат за мултиетничко Тетово, па Теута нешто не се претргнала по Бадентер и правична застапеност во хонорирањето. Ама затоа исплаќала и на некои што живеат во странство. И нормално е дека тие не можеле да си ја завршат работата за хонорарот што го примале. Замисли секој ден да треба да доаѓаш од Швајцарија.

Во градот во кој нема вода за пиење, кој се задушува од ѓубре и смог, во кој не функционира ни паркинг ни нормален сообраќај, на локалната власт од ДУИ ѝ биле поважни хонорарите на луѓето што ќе ѝ донесат гласови, па таа партиска лојалност ја купиле со 900.000 евра за хонорари од општинскиот буџет. А централната власт му префрлаше пари на Тетово да ги намали долговите. И ова не го прават командантите од ДУИ. Ова го прави интелектуалното крило, учените луѓе како Теута Арифи која имаше амбиции да стане амбасадорка во Вашингтон. А ако не стане, може и ќе падне коалицијата.  Па уште и му одговара на Касами помалку да се занимава со неа, а повеќе со Тетово. Па таа што не се занимаваше со Тетово додека беше градоначалничка?

Касами сега бара од тие што ништо не работеле да ги вратат парите. Многу ентузијастички. Тие не можат вработените што не се појавуваат на работа да ги избркаат од работа, а не пак хонорарци што не ни живеат тука да натераат да вратат пари.

3 Македонија од групата земји со „хибриден режим“ годинава напредуваше во „демократија со недостатоци“ на Индексот на демократрија на истражувачката група на „Економист“. Според петте критериуми по кои се врши рангирањето,  во четири области има оценка над просечната 6.03, а само во областа „политичка култура“ оценката е многу ниска – 3.13.

За каква политичка култура да зборуваме кога, на пример, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во само една објава на Фејсбук и тоа само во една реченица може да навреди тројца луѓе? Како кога по потпишувањето на договорот за минимална плата, а неприфаќањето на СДСМ во Собранието да се носи декларација за Гоце Делчев напиша „овој срам, како што бива според матрицата на вистинскиот стопан на Ковачевски, а тоа е Зоран Заев, на спектакуларен начин се постигна договор со лакејот од синдикатот за минимална плата“.

Едно е да не се согласуваш со некого, а друго е да бидеш некултурен. Имаат тие во партијата и други кои знаат да кажат дека не се согласуваат, ама не се прости. Ене им го Тимчо Муцунски, Гордана Силјановска, Сашо Клековски…ВМРОвци, ама културно зборуваат. А не – ти си идиот, криминалец, мафијаш, наркоман, пион, лакеј, глупав и – треба на плоштад да те бесиме.

Од лидерот треба да тргне првиот чекор. Не зборуваме за анонимни партиски ботови. Не зборуваме за навреди на социјалните мрежи. Зборуваме за лидер на најголема опозициска партија. Ама Мицкоски го направи некултурниот говор – норма. И тоа се пренесува по партиски соопштенија, прес-конференции, изјави на портпароли. Не знам како живеат со толкава омраза и гнев. А Димитар Апасиев од Левица само го надгради тоа што Мицкоски го направи нормално. Тоа, да не е срамота ако си некултурен. Затоа што тој простачки говор пали. А што е најтрагично, и двајцата се универзитетски професори.

Не се ни СДСМ нешто многу покултурни по тоа како им личат партиските соопштенија, иако во јавните настапи нивните функциионери сепак држат ниво. Само да не тргнат по простачкиот популизам на Мицкоски и на Апасиев, како што тргнаа по простачкиот пи-ар на Груевски за фалење на успесите на Владата. Како кога власта сега зголемувањето на минималната плата ја промовира со повратник од Германија кој вика дека 18.000 се сосем доволно за добар живот.

4 По четири години и во трето повторено судење во предметот на СЈО „Титаник“, неколкумина од највисокиот врв на тогашното ВМРО-ДПМНЕ како што беа Гордана Јанкуловска, Мартин Протуѓер и Миле Јанакиески признаа вина дека учествувале во изборни измами и се извинија на тие што се почувствувале навредени од тоа што го чуле во прислушкуваните разговори.

Мицкоски може колку сака да биде отровен во своите политички настапи. Ама, нема образ други да обвинува за криминал и мафијашко владеење додека не се извини за криминалните и мафијашките кабаети на неговата партија. Сето тоа загадување на јавниот простор што го прави со секојдневните политички изјави нема да го покрие фактот дека неговата партија крадела на избори и ја ограби државата. А лидерот им избега во Будимпешта за да се спаси од судење за грабежот.

5Премиерот Димитар Ковачевски му рапортирал на бугарскиот премиер Кирил Петков за случајот со скршениот излог на киоскот за свеќи и цвеќиња на битолските гробишта, сопственост на секретарот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“. Бившата жена му го скршила џамчето, тој се јавил во бугарскиот конзулат да се пожали и ете, лошата разделба на сопружниците стана меѓународен спор.

Среќа што Ковачевски му ја објаснил сопружничката драма на Петков, инаку за малку ќе имавме уште една пречка за почеток на преговорите со ЕУ. Ама, кога веќе Петков прашал што правиме со џамчето на Бугаринот од Битола, Ковачевски можел да го праша: А што прави Бугарија, членка на ЕУ, со 16-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за правото на македонското малцинство за регистрација на нивните здруженија? Или тоа не се прашува, оти Петков рече дека за темата македонско малцинство во Бугарија не сака ни да дискутира. А ние прифаќаме дискусија за сенешто, па и за тоа кој го скршил џамчето на битолските гробишта.

Не знам до каде ќе одиме со урнисувањето на достоинството во спорот со Бугарија. Кога веќе двајцата премиери се чуле, можеби Ковачевски кога му се оправдал на Петков – еве ние презедовме акција и откривме кој го скршил џамчето  – собрал храброст и го прашал: А вие што ќе преземете во врска со кршењето на човековите права во вашата земја – членка на ЕУ?

Какво сензитивно време дојде на ова патот кон ЕУ, не смееш ни намуртено да погледнеш некој што се чувствува како Бугарин. Одма пријава во конзулатот стегнува. И одма Петков на Ковачевски му се јавува.