БАКШИШ СУДИИ

| 16 јули, 2021

Најгрдо од сè е тоа што грдотијата никому не пречи.

1Готово е. Проблемот со корупцијата во судството, па и воопшто во државната администрација е лоциран. Не би имало корупција, ако не би постоеле медиуми што измислуваат дека има корупција. Тоа многу убаво го објасни претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев. Тој вели дека и нему му пристапувале голем број луѓе, граѓани и му викале „еј слушај, за оваа работа, вака, така…“. А тој им одговарал: „Ама ајде, ве молам…“.

„Така размислува нашиот граѓанин. Дека за нешто кога треба да заврши треба да даде, ај да бидам благ – бакшиш“, вели судијата Џолев и за тоа ги обвинува медиумите. „Го хранат нашиот граѓанин, го охрабруваат со наслови дека се корумпирани, го охрабруваат дека само ако понуди некаде пари може да заврши работа“.

Направивме Антикорупциска комисија, цел свет ја финансира за да лови корупција кај државни службеници, Владата измисли функција вицепремиер за борба против корупција, Стејт департментот и Европската комисија секоја година пишуваат извештаи за состојбата со корупцијата во Македонија, и сето тоа било џабе. Затоа што корупција – нема. Тоа некои медиуми си измислуваат наслови дека има корумпирани судии, луѓето читаат, одат на суд и даваат бакшиш.

Бакшиш се дава на келнер, ако си задоволен од услугата. Познавате ли некој келнер што одбил бакшиш? Па замисли, уште и да те пријави во Антикорупциска комисија. А тие уште и предмет ќе ти отворат.

А што даваат луѓето кои се задоволни од услугата на судијата? Мито даваат? Ма ајде, ве молам. Скраја да е. И тие даваат бакшиш, да се изразам поблаго, како што политички коректно се изрази судијата Џолев. А колку се остава? Па не знам, во кафеана обично околу десет проценти. Во суд колку? Пет од целото? Да не е многу? Ама ајде, ве молам.

Судиите се ставени пред свршен чин и под притисок на медиумите. Ако некој упорно ти нуди бакшиш, ќе го навредиш ако не го земеш. Еднаш, два пати ќе одбиеш, ама трет пат веќе ти станува непријатно да одбиваш.

2 Ако е вакво логото за триесетгодишнината од независноста на државата, каква ли ќе биде прославата на 8 Септември?

Тој агресивен дилетантизам во постапката за правењето на логото, а потоа и во одбраната на владината служба за односи со јавноста, ме потсети на една случка од кога ми беше мала ќерката. Ме среќава една госпоѓа во самопослуга, го гледа девојчето во детска количка и ми вика: „Тебе вака да те потшишаат. Кој ја шишаше?“. А јас, мрморејќи ѝ одговарам „Таму една“. На што госпоѓата уште еднаш фрла поглед да ја одмери фризурата на девојчето и ми враќа: „Море, изгледа ќе да е повеќемина да ја шишале. Така личи“.
Така и со логото за прославата на триесетгодишнината од референдумот за независност. Кој го црташе? Тим владини графички дизајнери. Е па, така личи.

Државата ни е убава. Природата ни е убава. Ама општеството ни е грдо. А, логото си е таман грдо, колку што ни е грдо општеството. Сè до каде што стасала и изгнасила човечка рака во убавата природа е грдо.
Грдо ни е ѓубрето по патиштата и тротоарите. Грди ни се дивите депонии. Грд ни е урбаниот хаос во градските населби со пренатрупаните згради, блокирани улици и метежот од паркирани коли. Грд ни е шутот исфрлен по селата и затнатите потоци и канали. Грд ни е Вардар што „ја краси Македонија“ со пластичните шишиња што пловат по него и се таложат на лажните галии. Грди ни се тоалетите во училиштата. Грди ни се болничките ходници. Грдо ни е узурпираното крајбрежје во Охрид и Струга и ѓубриштата во Преспа и Дојран. Грди ни се патиштата, неискосената трева од банкините, лошата сигнализација. Грди ни се железничките вагони…

Грда ни е и корупцијата што ја измислуваат медиумите. Грда е и недоветноста на институциите да бидат во служба на јавниот интерес. Грдо е што никој не е надлежен за ништо. Грдо е тоа што неспособни партиски подлизурковци добиваат функции за да одлучуваат за нашите животи.

А најгрдо од сè е тоа што грдотијата никому не пречи.

3Пред неколку дена објавивме наслов: „Обвинета вчера фати пролив на завршни зборови, денеска се пензионираше поротник и судењето на Канческа за Музејот на ВМРО се врати на почеток“. Станува збор за судски процес во предмет на СЈО што почнал пред четири години и сега се враќа на повторно судење.

Многумина реагираа дека сме го ставиле зборот „пролив“ во наслов. Многу било грдо. Им се згадило од зборот. А не им се згадило од целата манипулација да се врати судењето на почеток. Не им пречи дека случајот се влечкал четири години. Не им пречи дека е избран судија-поротник на возраст кога постои голема шанса до крај на процесот да се пензионира. И не им пречи дека баш ден пред неговото пензионирање, едната обвинета фатила пролив и рочиштето се одложило. Ама зборот „пролив“ им пречел. Глумат „граџанска финоча“. Им пречи збор, а не им пречи криминал и корупција.

4Шест судења на случаи на СЈО за високопрофилен криминал и корупција се вратени на почеток по четири години влечкање. Што ќе каже претседателот на Судот Иван Џолев за тоа? Дека судиите одбивале бакшиш?

Ова се случува за време на владеење на политичка гарнитура која ги доби изборите водејќи се од ентузијазмот на граѓанките и граѓаните желни за промени кои ги искажаа во слоганот „Нема правда, нема мир“. Е па, нема правда. А мирот е купен со партиски вработувања. Бакшишот не е евидентиран, зашто на него не се плаќа данок.