БАЈ СИ, ПОПЕ

| 10 ноември, 2023

Ако сакаат да прават реформи по европски стандарди, кој може да им забрани?

1Бај си попе, бај си, јас пак кај мајка ќе си одам. Е така отприлика, вицепремиерот Бојан Маричиќ го претстави најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите. Тие напишале „немате напредок“ и правосудството и борбата против корупцијата ви се катастрофа, а Маричиќ вика добро де, ама дај ние сега да ги ставиме Бугарите во Уставот.

Како да е паднат од друга планета кога вели: „Не постои проблем во овој извештај што не можеме да го решиме во текот на преговорите со ЕУ, но за тоа да го направиме важно е да ја завршиме обрската со уставните измени“.

Значи – само обврската кон Брисел е важна. А каде е обврската кон сопствените граѓани? Каде е обрската кон сопствените даночни обврзници кои им ја обезбедуваат платата и службените патувања до Брисел? Па и ние што останавме да живееме тука сме заслужиле некој да нѐ погледне. Колку од сите оние работи што Европската комисија ги нотирала со „нема напредок“ можеа да бидат завршени изминативе шест години и без ЕУ? Или, барем да имаа напредок?

Да. Иднината е во ЕУ. И да – без поддршка на ЕУ не можат да се завршат некои капитални инвестиции, регионални поврзувања, усогласувања со широкиот пазар… Ама, да не се краде – тоа може и без ЕУ. Да се почитува закон – тоа може и без ЕУ. Власта да ги почитуваа чесните граѓани, а да не ги наградува нечесните – тоа може и без ЕУ. И ѓубрето може да се чисти без ЕУ. На метлите не им требаат европски знаменца. Дали треба да си членка на ЕУ за да паркираш таму кај што е дозволено? Дали треба да си во ЕУ за да можеш на Интернет да си извадиш документ од Матично? Дали треба да си членка на ЕУ за учениците да имаат учебници и свидетелства на време? Дали треба да си членка на ЕУ за да престанеш безмислосно да го распродаваш државното земјиште за да ги усреќиш бизнис другарчињата и да ги унесреќиш граѓаните на кои ќе им го намалиш квалитетот на живот? Дали треба да си членка на ЕУ за да престанеш со партиски пазарења и трупање администрација за да уништуваш национално богатство? Еј, држава без пошта сме. На крстопат на Балканот сме, без излез на море, а останавме без железница. Долг е списокот што сѐ може да се направи без почнати преговори со ЕУ и искрено, веќе ме боли да набројувам.

Ако веќе власта е толку загрижена за обврските кон Брисел, тогаш зошто не го послуша Брисел да не ги шверцува под европско знаменце измените на Кривичниот законик со кој легализираше неказнивост за крадење на високо ниво? Па уште и ни раскажуваат приказни од типот „Побаравме од ЕУ да ни достави информации за Судскиот совет“. Од Брисел да дојдат да ни кажат. Па Судскиот совет е во Скопје. Ги знаеме и членовите на Судскиот совет и судиите и кој со кого е изврзан и кои бизнисмени се замешани и кои политичари се во спрега со бизнисите и судиите… Сите тие се угледни граѓани, интелектуална елита, џанам, крем на општеството. Мала е Македонија, сите се знаеме, не треба Брисел да нѐ запознава меѓусебно.

Каква врска имаат сите оние „нема напредок“ во извештајот на Европската комисија со обврската за уставните измени? Дали ако Бугарите веќе беа внесени во Преамбулата овој извештај ќе беше различен? И далеку поважно: дали оваа држава ќе беше подобро место за живеење отколку што е сега?

2 Не можам да го сфатам сериозно еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кога критикува дека Македонија нема никаков напредок во борбата против корупција, а неговата Унгарија ни го чува како политички азилант додека не му застарат делата највисокопрофилниот политичар обвинет за корупција Никола Груевски. Не можам да сфатам како Украина успеа за време на војна да има напредок во практикувањето на правната држава. Не знам по кои критериуми Европската комисија ги оценувала Украина, Молдавија и Грузија кои не контролираат делови од својата територија, а го поминале поглавјето за добрососедски односи. И за Босна ми е жал, зарем нивната војна беше помалку трагична од украинската, па и Босанците да заслужат безусловен почеток на преговори?

Ама, тоа е политика. Политиката не е фер. ЕУ не е фер, тоа барем на случајот со Македонија го има докажано повеќепати. А нам ни треба ЕУ повеќе отколку што ние ѝ требаме на ЕУ. И – тоа е тоа.

Војната во Украина го врати на дневен ред проширувањето на ЕУ. Зборуваат за моментум, отворени прозорци, ветришта, пари, поволни кредити, реформи на ЕУ, постепено приклучување кон ЕУ… Ама како да се искористи овој ветер со власт комбинирана од неспособноста, мрзеливоста и корумпираноста на СДСМ засилена со духот на силеџиството, неписменоста и корумпираноста на ДУИ чија заедничка европска идеја водилка е просјачкиот менталитет: „Ќе ни дадат пари“. За да биде уште поочајно, дополнително, за власт се спрема ВМРО-ДПМНЕ која испокраде сѐ што можеше да се искраде и ја киднапираше државата до таа мерка што институциите уште не можат да си дојдат на себе.

Уште отсега ми се лоши што ќе слушаме во изборните кампањи. Пак ќе зборат за ЕУ. Може ли да не се занимаваме што ќе биде со ЕУ, туку што ќе биде со нас? Да видиме што можеме да направиме дома додека ја имаме помошта и поддршката од ЕУ. Да не зборуваме за Македонија во ЕУ – во некоја иднина. Туку да зборуваме за демократска и просперитетна Македонија во која владее правната држава сега. После, ќе зборуваме и за ЕУ. Нема ни да забележиме кога ќе влеземе ако секојдневниот живот ни е по европски терк.

Ако сакаат да прават реформи по европски стандарди, кој може да им забрани? Ама не сакаат. Оти во таква земја не се краде неказнето.

3 Како што се наближуваат избори, така ДУИ почнува да ги вади приказните за Голема Албанија. Како не им се здосади? Толку ли нивните гласачи немаат други животни предизвици?

Децата што се родени во војната 2001, веќе завршуваат факултети и се редат на списоците за работни визи во Германија, Швајцарија, Шведска… Тие што не студирале веќе се отселени. Кому ја нуди ДУИ приказната за голема Албанија? На тие што останаа тука и треба да се довработат во државни институции за да им бидат верни гласачи и на бизнисмените на кои треба да им ги наместат државните тендери.

Али Ахмети и екипата немаат што да им понудат на гласачите, па до крај ќе ја вадат маста на митот за голема Албанија. А голема Албанија, всушност, е кодно име за пљачка.

4Во основните училишта низ скопската општина Карпош затруени со салмонела се 12 деца од најниските одделенија. Арно ама, родителите не сакале да зборуваат пред камера. Од кого се плашат? Од градоначалникот? Од директорот на школото? Од шефот на кујната?

Е тоа е вистинскиот изблик на македонштина. Да се случеше тоа во друга земја, родителите немаше да се симнат од камера. А кај нас, ќе те крадат, ќе ти одземаат животен простор, ќе ти влегуваат по дворови, со месеци нема да ти даваат плата, ама кубурот за попосле ќе си го чуваме. И ако може некој друг да ја преземе одговорноста дури и за тоа што го зборуваш.

Ако тоа што ти е отруено детето не ти е доволен предизвик да се охрабриш да збориш тогаш не ти е крива државата. Власта точно проценила колку може да те толчи.

ЕУ овој пат ќе ја изземеме од одговорност.

АУДИО ВЕРЗИЈА – АУДИО ПОДКАСТ