ТЕНДЕРОТ Е КРИВ

| 7 јули, 2023

Браво за власта што сака да ја идентификуваме со распашани кафеанџии.

1 За првпат, најголемите скопски гимназии, за кои до лани имаше тепачка за упис, не се пополниле во првиот уписен рок.

Со што да ги задржиш децата во Македонија? Со говорите на Димитар Ковачевски дека само Уставот да го смениме и сѐ ќе биде подобро. Со фејсбук пораките на Бојан Маричиќ од Брисел дека бил на скрининг, ама само уште Бугарите да влезат во Преамбулата и ќе тргне работата. Со миротворецот Бујар Османи, претседавачот на ОБСЕ, кому попрво ќе му успее да ги смири Србија и Косово отколку Слупчане со ЕВН. Со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој за обвиненијата за кражбата од невидени размери што ја направи неговата партија со „Скопје 2014“, рече дека биле дефокусирање за негирање на македонскиот идентитет.

Не, бре. Децата сакаат да имаат подобар живот сега. Не сакаат веќе да ги слушаат тажните приказни на родителите и бабите и дедовците дека некој им украл половина двор, дека го изгубиле здравјето влечејќи се по судови, ама правда не дочекале.  Децата сакаат кога ќе тргнат на школо или на факултет да знаат за колку минути ќе им дојде автобусот, сакаат учебници на време, сакаат професори со интегритет, а не партиски измеќари. И кога ќе завршат школо, не сакаат  понижување на нивните родители со партиски уцени – ќе ти го вработиме детето во државна служба, ама цела фамилија да гласа за нас.

Децата сакаат живот сега. Не – откако ќе ги внесеме Бугарите во Уставот. Оти знаат дека и после промената на Уставот, и после вистинскиот почеток на преговорите со ЕУ, повторно животот ќе им зависи од локални бандити со крадени луксузни коли кои ни продаваат пуфки дека се крем на општеството. Ќе те згазат на пешачки, и пак на суд ти ќе бидеш крив.

2 И јас сакам, навидум обични работи. Сакам никој да не ме малтретира со дивоградби. Сакам чисти улици и искосена трева покрај патиштата. Сакам да возам по Партизанска без застој од паркирани шизици на трета лента. Сакам кога ќе одам на „Охридско лето“ да не се стравувам дали ќе загинам во Дебарца, ама не како партизаните во Втората светска војна, туку вака мирновременски, натовски и европски, на оние проклети 50-тина километри пат од нашите милијарда евра, што се гради веќе 10 години и нема абер да се заврши. Ни новиот пат го прават, ни стариот го поправаат. Не сакам кучиња да ме јадат на плоштадот на главниот град на државата. Сакам да одам на „Манаки“ во Битола како господин човек, да си се качам на воз, таму да си поминам убаво, да си се напијам и да си се вратам дома безбедно и одморено, без да се гонам со камионите на Плетвар по патот што ни го направил Тито.  Сакам кога ќе одам на скијање на Попова Шапка да ми дадат фискална сметка за паркирање. Сакам во „земјата на сонцето и на најубавите домати на свет“ да јадам здрав зеленчук, а не полеван од базените со киселина во рудниците на ДУИ-ВМРО-СДСМ. Сакам ако сум шеќераш, терапијата да ми стига навремено, а не дополнително министерот за здравство да ми го дига шеќерот оти „тендерот е крив“. Срам да му е на тендерот. Не сакам домашниот мир да ми го реметат кафеанџии што ги кршат сите закони, од узурпација на јавен простор, до прегласна музика по работно време, тормозат цели маала, ама никој ништо не им може, оти тие што треба да ги казнат им се купени муштерии.

Впрочем, СДСМ и го почна владеењето со промена на законот за забрана за пушење, за да им овозможи на кафеанџиите да ги узурпираат тротоарите со дивоградби што глумат тераси, а завршува со уапсени газди на локали осомничени за трговија на украдени коли. Браво за власта што сака да ја идентификуваме со распашани кафеанџии.

Ама, не. Ај да го смениме Уставот, па ќе дојдат европските фондови. Ќе дојдат за да може и нив да ги опљачкаат. Курто на Мурто да му мести тендери. И досега доаѓаа, па од неписменост не знаат да ги искористат. А тие што се писмени ги даваат на свои луѓе.

И кога ќе им го кажеш сето ова, уште и ќе ти се налутат. Ти си виновен оти бараш нормален живот, а не се виновни тие што тоа не ти го овозможуваат.

Не ми се слушаат веќе ни Ковачевски, ни Османи, ни Маричиќ колку ќе ни биде убаво кога ќе го смениме Уставот. Мицкоски пак, што седум години не смогна храброст ни да се извини за злото што го направи неговата партија, што и да каже ми е тотално безначајно. И со овој Устав никој не им брани на политичарите да ни обезбедат подобар живот. И на централната власт на СДСМ и ДУИ. И на локалните власти на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив. Тоа го очекуваме од нив. Оти ги избираме. И ги плаќаме за тоа. Кој им брани сега да ни го направат животот подобар?

3 Еве на пример, кој им брани на жителите на Слупчане уште од денеска да почнат да плаќаат струја? Цела Влада го моли Слупчане да плаќа струја. Екипи на ЕВН влегоа во селото да поправат дефект предизвикан заради крадење струја, со гаранции на министерот за еконономија Крешник Бектеши и на градоначалникот на Липково Еркан Арифи. Зошто се потребни министер и градоначалник од ДУИ како гаранција за екипите на ЕВН дека нема да бидат натепани? Зарем досега политичариве од ДУИ им биле гаранција на жителите – не се секирајте, не плаќајте струја, ние ви гарантираме дека никој ништо не ви може.

Чекај сега. Ова е само прва фаза на мировните преговори меѓу ЕВН и Слупчане – само за да се острани дефектот. Во втората фаза, кога ЕВН ќе треба да им ги смени струјомерите, може и миротворци на ОН ќе треба да се викаат. А пак, кога ќе треба жителите да се натераат да плаќаат струја, веројатно и мировна конференција ќе се организира, со медијатори во Осло, да не биде ни Скопје, ни Виена. Оти ги дискриминираат и ги тераат да плаќаат струја само затоа што се Албанци.

Кога го веат албанското знаме во Македонија, знаат ли дека и во Албанија мора да се плаќа струја? Во која НАТО земја неплаќањето струја станува прашање на човекови права? Во која НАТО земја неплаќањето струја се третира како етнички проблем?  Во која НАТО земја министер ѝ гарантира на австриска фирма дека може да влезе да поправа дефект, што го предизвикале истите тие што му дале гаранција на миниистерот дека нема да ги натепаат екипите што доаѓаат да им го поправат дефектот?

4 Вработени во јавната администрација земаат неплатени одмори по три месеци и заминуваат на сезонска работа во Хрватска, а тука работното место им мирува. Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу вели дека „оваа појава е лоша и на долг рок, бидејќи тие луѓе заминуваат, таму остваруваат контакти, добиваат понуди за друга работа и можеме да ги загубиме и вработените во јавниот сектор“.

Сочувствувам со грижата на министерот дека ќе изгубиме вработени во јавниот сектор. Кај имаат сигурна плата, кај имаат гарантиран платен годишен одмор, кај имаат споени викенди со сите државни и верски празници, кај уште никој не смее да им забрани да земат три месеци неплатен одмор, кај местото никој не смее да им го земе, сега уште и да се секираме дека ќе направеле контакти во Хрватска и ќе сме останеле без јавна администрација. Толку не сме се загрижиле што останавме без лекари, инженери, мајстори и полицајци, чиешто образовани го плаќаме скапо од колевка до дипломирање, колку што се загриживме дека некој кој тука не можеш да го најдеш да ти удри печат на шалтер, таму ќе се истакне како редач на лежалки на плажа и собарка. Ние тука не можеме да добиеме услуга зошто тие се на печалба на наша сметка. Кој ќе работи на нивно место, ако ги нема четири месеци? Или, толку се многу што не се чувствува нивното отсуство.  Како што не се чувствуваше ни во време на ковидкризата кога работеа од дома.

Како што искоментира еден наш читател за темава: Оваа јавна администрација е голем таксират за граѓаните.

Сепак, има голем напредок од 2017 кога министерот Дамјан Манчевски ги молеше административците кои седат дома, а земаат плата, да дојдат на работа.

Туку, што има ние да се грижиме. Партиите нека се секираат дека ќе останат без јавна администрација. Тие им се сигурните гласачи.

5 ЕУ ѝ предложила на Владата да испрати оценска мисија за работа на Судскиот совет. А Судскиот совет со соопштение најбесрамно ја поздрави одлуката на ЕУ.

Што ќе оценува европската мисија во Судскиот совет? Единственото нешто што може таму да го оцени е бесрамноста на членовите на Судскиот совет.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST