СУПЕРМЕН ПРОТИВ ЊУТН

| 6 декември, 2024

Истерување ѓаволи како предизвик на даскалот

1 Скршениците на рацете и нозете ќе заздрават и за среќа, ниту едно дете од единаесетте што завршиле в болница не е сериозно повредено при изведбата на „Супермен предизвик“ на ТиткТок. Навистина, не знам што да кажам и што да мислам за оваа најнова будалштина, кога неколкумина создаваат мрежа од испружени раце за врз неа да летне Суперменот, па тие го отфрлаат нагоре и потоа да слета на нозе.

И ние сме дел од светот. И во други земји младите, па и не баш толку младите, завршуваат во болници, а некои богами и го губат животот обидувајќи се да совладаат разни предизвици кои им се поставени од Инстаграм и од ТикТок.

Живееме во 21 век. Мобилните телефони се како ткиво што е сраснато со нашите умови. На децата не можеш да им ги одземеш социјалните мрежи. Тие не знаат како е да се живее без нив. Но, како да се прави разлика кои содржини се корисни, а кои се штетни и треба да се фрлат во ѓубре? Кој да ги научи? Школото. Кое школо? Она со наставната програма од времето кога немало интернет, што ја спроведуваат наставнички меѓу два партиски митинга.

Пред неколку дена, Министерството за образование и наука (МОН) презентираше резултати од меѓународно тестирање според кои од 58 држави, учениците од Македонија се на 47 место по резултати за природни науки, а на 44 место по математичка писменост.

Според резултатот од ПИСА за 2022 година, од 81 држава, учениците од Македонија се на 71. место по јазична писменост, а на 61. место по математика.

Гледајќи ги видеата со македонскиве супермени, комбинирани со резултатите на меѓународните тестови, се потсетив на неколку родителски средби во училиште кога загрижените родители им се жалеа на класните раководители дека децата им биле многу оптоварени. Дека многу учеле. И дека не им ставале петки. Прво што ми падна на ум е дека ако навистина децата ни се толку оптоварени со учење, нема да имаат време да се фрлаат во воздух. Морало ли сите да имаат петки? Е па, еве ги петките по физика. Њутн и на ТокТок го победува Супермен.

И премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска се универзитетски професори. И тоа од нормален државен универзитет, не од оние приватните на кои за една година се полагаат 40 испити и се купуваат магистерски и докторски дипломи. Би сакал да верувам дека лично се чувствуваат навредени кога околу себе се опкружени со импровизатори со несоодветно образование, купени дипломи и лажни сертификати. Или, тоа им годи. Оти на таквите можеш да им командуваш а тие беспоговорно да те слушаат.

Вмровците милуваат премиерот Мицкоски понекогаш да го викаат „даскалот“. Можеби е време заедно со министерката Јаневска да се зафати со совладување на „Предизвик на даскалот“. Да го смени системот на образование. Ама и да го смени системот на наградување на неучените и неспособните само затоа што се послушни. Инаку, зошто децата би учеле, кога гледаат како се станува пратеник, министер, градоначалник, директор на јавно претпријатие, член на Управен одбор на државна фирма, советник во министерство. Треба да одиш во партија, не на факултет.

2 Кога пред неколку дена неколку медиуми објавија дека градоначалникот на Бутел ја видел Богородица на свеќник во локалната црква, ми текна дека и во 2012 година, тогашниот премиер Никола Груевски одеше на увид во црквата ,,Св. Димитрија” во Скопје да провери дали плачат фреските. Со него одеа ТВ екипи со камери, правеа анкети со верници, го снимаа одблизу зачуденото лице на богобојажливиот премиер. Со денови јавноста беше преокупирана со дебатата дали фреските навистина плачат, или станува збор за кондензација…

Дванаесет години подоцна, со денови јавноста е окупирана со едно деветгодишно дете, поради чие насилно однесување се бојкотира наставата во две скопски училишта. Министерката Весна Јаневска побара неколку дена за системски да го реши проблемот. И побара јавноста да не го стигматизира детето.

Море, ќути. Добро е што министерката за образование е докторка, медицинско лице, професорка на Медицински факултет, авторка на научни трудови… Затоа и се амбицирала да го реши случајот темелно. Вели дека на решавање на проблемот тимски работат три министерства. Инаку, можеби да не беше таа на тоа место, ќе го решаваа проблемот со детето со верски егзорцизам. Со истерување ѓаволи.

3 Слушам како премиерот Мицкоски речиси секојдневно ги навредува обвинителите. Жените дека имале менструален циклус, а мажите дека имале диареја и затоа не ги процесуирале случаите. А тие му молчат. Каде им е Здружението на јавни обвинители? Каде им е Советот на јавни обвинители? Каде се да му спукаат: Кој си ти така да нѐ навредуваш?

Па, обвинител си. Како си дозволуваш така да ти врши притисок? Поднеси му пријава на премиерот. По дефиниција, ти си појак од него. Ти можеш да го гониш. Тој не може.

Ако си корумпиран, молчи си. Ако си станал јавен обвинител оти си бил штиклиран во партиско тефтерче, молчи си. Ама, ако дозволуваш премиер на тебе како јавен обвинител да ти вика дека си неспособен и корумпиран, а ти не си корумпиран, а понизно не му враќаш на навредите –  тогаш стварно си неспособен.

4 Разрешениот врховен судија Стојанче Рибарев стана претседател на Советот за граѓански надзор на комуникациите. Тоа е истиот Рибарев кој во 2017 година како в. д. претседател на Кривичниот суд му нареди на судија да се врати од пат за да направи гласови 2:1 во Кривичен совет за да се спаси Никола Груевски од притвор. Беше разрешен затоа што со злоупотреба на електронскиот систем за распределба, местел предмети за висока корупција што се водеа против поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

По неговиот избор, СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ скандалозно го приватизира Советот за граѓански надзор и дека повторно ќе го има инструментот за масовно прислушување.

Советот е замислен како граѓанско тело што ја контролира работата на институциите што можат законски да прислушуваат. Тој како институција е формиран уште во 2019 година. Арно ама, досега не профункционира.

Кој му е крив на СДСМ дека пет години не успеа да го заживее овој Совет додека беше на власт? Ѝ остави на ВМРО-ДПМНЕ на места во институции што треба да ловат злоупотреби на прислушување да си постави луѓе што ги спасуваа од затвор баш нивните кои крадеа и прислушуваа? Е толку беа мрзливи во СДСМ. И толку – баш им беше гајле. Мислам дека не ни знаеле дека постои такво тело и дека тие го формирале.

Ама сега веќе за нив не вреди да си трошиш муабет. Па, од пустата нивна мрзеливост, верувам дека во јавниот сервис, Македонската радио-телевизија (МРТВ), не ни забележаа дека СДСМ некогаш бил на власт.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST