1 Не би сакал ни да замислам димензија на катастрофа што би била предизвикана од судир на два патнички авиона. Над населено место…
Воздухопловните власти отворија истрага за сериозен инцидент откако на 7 септември за малку се разминале два авиона некаде над Скопје. Како граѓанин, можеби оваа вест би ми предизвикала внимание, но не би ме загрижила премногу, бидејќи знам дека воздухопловниот сообраќај е строго регулиран, си има стручни иституции што си ја бркаат работата, а за среќа и авионите имаат системи за избегнување судири. Ама бидејќи живеам тука, малку ми е шубе оти во последниве две години имаше сериозни инциденти, додуша не на небото, туку во М-НАВ, баш институцијата за контрола на летовите, па останаа нерешени.
Прво, раководството се обиде да го поништи конкурсот за контролори на летање затоа што тестовите не ги поминаа нивните роднини и тие што беа на партиските списоци. А потоа, кога Синдикатот штрајкуваше поради партиски вработувања, во Контролната кула упаднаа партиски насилници што натепаа контролор на летање кој се солидаризирал со Синдикатот.
На крај, упадот во Контролната кула на Скопскиот аеродром од почетокот на годинава, што Обвинителството го водеше како загрозување на безбедноста на авиосообраќајот, се сведе на кошкање, ако не и вообичаено недоразбирање меѓу колеги.
Во воздухопловниот речник има разлика меѓу „инцидент“ и „сериозен инцидент“. Настанот од 7 септември воздухопловните власти го водат како „сериозен инцидент“. Но, со оглед на тоа каква завршница добиваа сериозните инциденти што се случуваа и во самиот М-НАВ, се сомневам дека сериозниов инцидент на небото ќе биде сериозно истражен. Попрецизно, верувам дека ќе биде сериозно истражен, оти во воздухопловството нема многу простор за дилетанти и импровизации, но, не верувам дека ќе има сериозна одговорност и сериозни последици за одговорните. Впрочем, како и за сѐ друго во државава, во која институциите се окупирани од партиите. Па уште кога ќе им се додаде и етнички зачин… најголеми се шансите сериозниот инцидент да испадне несериозно кошкање.
2 Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Фејсбук им се заблагодари на Управата за јавни приходи (УЈП), Министерството за внатрешни работи (МВР), Бирото за јавна безбедност и Царинската управа, затоа што со неа цел ден спроведувале акција за собирање докази за даночно затајување. Дел од нив биле директно со неа во Струмица, а некои во други градови.
До вчера си мислев дека министерка за финансии се занимава со финансиска политика. Не знаев дека работата ѝ е да прави сметководствени контроли.
Министерката Димитриеска-Кочоска пред десетина дена на еден подкаст кажа дека навечер оди низ зградата на Министертвото и ги гаси светлата по канцелариите. Вели: „Во 11.30 навечер, кој работи, ако јас не сум дала согласност?“. И раскажа дека во Министерството немаат репрезентација за кафе туку сами си купуваат ама „и тоа им го бројам, им велам, не трошете многу“. Веројатно ги прекорува, вода да не трошат, а и струја за загревање на ѓезвињата.
Арно ама, изгледа дека на министерката ѝ се здосадило од гасење светла и броење кафиња, па си рекла, ај сега малку да одам во акција да ми се пополни денот. Па, според она што го пишала на Фејсбук – „денес заедно со мене цел ден неуморно работеа“ – како таа да била лидерка на акцијата. Таа ги водела и инспекторите на УЈП и МВР. Не знам зошто не ги зела со себе и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за правда Игор Филков. Апси, суди и – чао пријатно, решен криминалот, а ни 100 дена од Владата не се поминати. Утре, кога ќе тргне во акција, нека го викне и Стојанче Ангелов да им ги крши вратите на фирмите.
Димитриеска-Кочоска е министерка. Не е истражителка, не е инспекторка, не е сметководителка, не е ревизорка. Не е пратеничка од опозицијата. Таа е политичарка на власт. Со многу одговорности и со многу моќ. Во некои земји, учеството на министер за финансии во собирање докази кај осомничени за кривични дела заедно со полицијата и истражители од обвинителството, би се сметало за политичко мешање во истрагата. Не сум правник, ама мислам дека дури и за нашиов, не баш нормален суд би биле проблематични така собрани докази.
Туку, настрана тоа, којзнае колкава штета била направена во самото Министерство за финансии додека министерката била на терен. Колку ли кафиња се испиле, колку ли светла останале неизгасени.
3 Поранешниот економски директор на Детската клиника сега е ангажиран како советник на новиот директор на клиниката. Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека не може да им забрани на директорите кого да си ангажираат за советници.
Владата ги укина економските директори на клиниките, ама ете, се најде формула како тие да продолжат да земаат државна плата. За 30 економски директори за плати досега одеа над половина милион евра годишно. Ако сите тие станат советници, исто ќе нѐ чини. Ама, барем штетата ќе биде помала, оти нема да можат да се занимаваат со набавки, службени патувања и партиски вработувања. Сега само плата ќе земаат.
Ко Заев што викаше кога ги поставуваше советниците: За лепче да има.
4Во Скопје сѐ е средено, сѐ функционира беспрекорно, па градоначалничката Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, а која Мицкоски сега ја нарекува „независната кандидатка“, си вика: „Што да правам, што да правам, сѐ сум си завршила, ај да се фатам за работа да не ме плаќаат џабе“. Па немајќи други обврски, реши да прави постамент на кружниот тек кај „Континентал“ на влезот во Скопје. Ќе го враќа споменикот на Ќосето. Само уште масовниот убиец со кама в рака ни фалеше.
Премиерот Христијан Мицкоски, како една од десетте заповеди што ги кажа во празничниот говор на 8 Септември го спомена враќањето на младите во државата.
И еве ги. Брзаат да се вратат. Да му се радуваат на Ќосето. Таман му е местото на споменикот. Кога ќе возат од Скопскиот аеродром кон центарот на метрополата, прво на Ќосето ќе налетаат.
Многу убаво кажува Мицкоски: „Надежта дека ќе успееме се чувствува насекаде низ земјава“.
АУДИО ВЕРЗИЈА