ПРИЈАТЕН ЛЕТ

| 5 јануари, 2024

А за нас што останавме: „Извинете за доцнењето, ви благодариме што летавте со нас“.

1 Кога го читаш соопштението на МВР за упадот во зградата на државната компанија М-НАВ на Скопскиот аеродром, чиниш дека е обично соопштение за некоја тепачка во оние недопирливите кафеани што го малтретираат центарот на Скопје. Демек, нарушување на јавниот ред. Ама, сувопарниот полициски речник преведен на нормален јазик значи ова: Банда упаднала во Контролната кула на Скопскиот аеродром и натепала контролори на летање додека биле на работно место. Нападот го предводел висок функционер на ДУИ, кој со својата електронска картичка спровел уште седум бандити.  Нападот на Контролната кула го направиле зашто контролорите се побуниле против партиски вработувања. И натепаа Албанци оти се предавници на каузата за партиски вработувања.

Па луѓе мои, ни Талибанците не влегоа во Контролната кула во Кабул, во најкритичниот момент во 2021, кога Американците се повлекуваа од Авганистан и им дозволија да си заминат тие што сакаа да си заминат, а кај нас партиски битанги влегоа во Контролна кула да бранат партиски вработувања со боксови врз контролорите додека работат на прелети. А директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди вели дека тоа било мало кошкање меѓу колеги како што има во секоја фирма. Изгледа дека во фирмите кај што шефовите се од ДУИ, ова е нормално однесување во работна средина – никој ништо не ни може. А ако се побуни, донеси другарчиња за да го кошкаат.

И веројатно, како што вика директорот, контролорите на летање навистина биле замаени. Не бил Беким Незири, тој што со службената картичка им ги отворал вратите на бандитите. Крсто Мукоски дошол да им ги отвора.

Кога ќе влезеш во оградена територија на Контролна кула на аеродром, практично имаш пристап до самата писта и до платформата каде што се паркираат авионите. Па, ако вака лесно се влегува на писта, тоа значи дека  утре можат и во авиони да влегуваат, да ги киднапираат, ако не се задоволни од балансерот за правична застапеност на екипажите. Или, да пукаат огномети и да фрлаат од петардите на Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, угледниот бизнисмен што е сопственик на трговски центар. Бидејќи станува збор за загрозување на безбедноста во авиосообраќајот, во друга држава упад во Контролна кула би се сметал за терористички акт и властите соодветно би реагирале. Кај нас, на терористички акт соодветно се реагира со владина седница закажана за 5 дена по тероризмот.

2 Ама, чуму брзање кога министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека тој не е надлежен за друштвото во државна сопственост М-НАВ и гарантира дека безбедноста на летањето во Македонија не е загрозена. Безбедно е. Само малку контролорите на летање ги тепаат на работа. Безбедно е. Му удираат боксови на колегата додека гледа во екранот на радарот, а ти спокојно водиш авион со 180 патници на слетување во магла. И после, додека ти е пауза за одмор, наместо да се релаксираш, правиш копии од снимките на безбедносните камери, за секој случај, да не му текне на некој од менаџментот да ги избрише.

Безбедно е летањето во Македонија. Ама, најбезбедно е да се одлета од тука. А за нас што останавме: „Извинете за доцнењето, ви благодариме што летавте со нас“.

3 Нападот на Контролната кула се случи баш на роденденот на Али Ахмети. Случајно, баш тогаш се појави и снимката што ја објави вицепремиерот Артан Груби од некоја прослава во неговиот владин кабинет, каде што на лидерот му свири жива музика, а тој пее и пуши во друштво.

Премиерот Димитар Ковачевски го немаше меѓу распеаната дружина. Не го фатила камерата. Тој им ги празнел пепелниците и внимавал дали им се полни чашите да не треба да им дотури од пијачките. Белким до толку го почитуваат, па не го испратиле да им докупи цигари.

4 Истиот ден, во некоја паралелна реалност на Македонија во ЕУ, се сретнаа вицепремиерот Бојан Маричиќ и американската амбасадорка Анџела Агелер и  разговарале за „посветеноста на остварувањето на европската агенда со нашите стратешки партнери“ и заклучиле дека „тоа е од интерес на сите наши граѓани“.

Што сѐ не направија Американците за нас откако нѐ признаа за независна и суверена држава. Ни го истуркаа членството во ОН, нѐ признаа под уставно име, го пробиваа грчкото ембарго, нѐ внесоа во НАТО, ни обучија стотина судии и обвинители, ни ги тренираа политичарите да бидат одговорни лидери, ни ги шетаа градоначалниците низ Америка да ги учат на добро владеење, транспарентност и борба против корупција, војската ни ја обучија, нè вооружија, ни го заштитија културното наследство, ни ги зајакнаа медиумите… И што уште им остана за да нѐ спасат од самите себе? Уште некако да нѐ протуркаат и во ЕУ.

Е па, за да им оди на Американците побрзо туркањето во ЕУ, за да можат да си го симнат гајлето за Македонија од глава, изгледа ќе треба да си ја прошират црната листа и со некои појаки фактори во ДУИ, отколку што е Рамис Мерко. Оти, ставањето само на градоначалникот на Струга на американската црната листа не направи некоја разлика во практикувањето на доброто владеење на „миленичињата на Калето“.

5 Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев си поднесе оставка. Според пресудата на Управниот суд, тој 8 месеци незаконски ја извршувал функцијата, бидејќи членовите на Судскиот совет незаконски ја разрешија Весна Дамева.

Штом членовите на Судскиот совет незаконски ја смениле претседателката, значи тие не знаат ни закон да прочитаат. А треба да оценуваат дали судиите применуваат право по закон.

Звучи шашаво, ама дејствува. И немаат намера да си дадат оставки. Веројатно се спремаат да го оценуваат работењето на управните судии што им пресудија дека немаат поим ни од право, ни од судство. За срам, пак, муабет не правиме.

6 Туку, дај да истераме уште еден празник. Од четирите последни соопштенија на веб-страницата на Владата, три се за празници и неработни денови.

Бадник, Божик, кај кого падна паричката, па Христос се роди, па вистина се роди, па мир на земјата, спокој во душите, башибозук во контролната кула…

Би било добро граѓаните на Македонија да имаат капацитет за подолго паметење. Вака, упадот во М-НАВ што во нормална земја на НАТО би се толкувал како терористички акт, до вторник, кога ќе заседава Владата, навистина ќе се сведе на – кошкање. А до тогаш може и пожар да избие во М-НАВ, како што изби 2020 година во Инспекторатот за животна средина и 2013 во Главната пошта.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST