ПРАВДА ЗА ЌОСЕТО

| 29 декември, 2023

Само апашите не се уморија. Нè фатија на кондиција, на маратонот кон ЕУ. Ќе ни држат трибини како да се вратат младите дома. За што да се вратат? На Ќосето ли да му се радуваат? Среќна Нова 2014!

Како што почна, не многу оптимистички, така и си завршува 2023. Со истите вести што сведочат за катастрофата во судството, правосудството, за неказнивоста, корупцијата, за балансерот за вработување што форсира етникуми наместо професионализам…

Ама ај, да не мислиме дека во 2024 ќе биде полошо. Изборна година е, па може да биде и подобро.

Ова се извадоци од тоа што сум сакал да кажам во текот на 2023.

Ви посакувам радост за празниците. И многу здравје во Новата година.

 

 

13 јануари

 

Решив да направам еден социјален експеримент. Ќе дигнам импровизиран најлон среде Плоштадот Македонија во Скопје. Во еден дел ќе продавам алишта. Во другиот дел ќе служам пијачки, а може и скара да распалам. Нормално дека пушењето ќе биде дозволено, затоа што станува збор за тераса затворена од сите страни. И колата ќе си ја паркирам веднаш до комерцијалното објектче. За дотур на стока ми е. Можам кога сакам да си се возам на пешачка зона, нема да ми трпи бизнисот поради таму некои неинвентивни пешаци. И музика ќе си пуштам. Нека ечи, нека се знае кој е главен. Таму барем немам комшии, ако никој не им мери децибили на најлонските тераси среде населби со илјадници станари, сигурно нема ни мене да ми мерат на Плоштад. Ај глеј си работа, не ми ги расипувај бизнисот.

Уште пушка ми фали да ги тепам кучињата што ми ги бркаат муштериите низ плоштадот, ама јас сум совесен граѓанин, ги почитувам законите. Нели, кај нас е „Сè по закон шефе“.

Мислите ли дека некој ќе дојде да ме тргне? Ќе ме казни? Можеби, некој пат. Ама чекај прво да се договорат под чија надлежност сум – на Град Скопје, или на Општина Центар. Па кога ќе ја утврдат надлежноста, ќе видиме дали имаат инспектори, на боледување ли се, грипот ли ги фатил, ако не, сигурно споиле новогодишни празници со зимски распуст. Па која инспекција да ми ја пратат? Можеби пазарна, оти маржата многу сум ја набил, а за пушењето не верувам, никого не казнуваат. Можеби ќе дојде инспектор за животна средина, оти и ѓубре многу ми се собира, а не ми се плаќа за специјален контејнер, или за оџакот од скарата, чади малку, ама па на скара мириса, нема ПМ честички да броиме. Може и градежна иснпекција ќе дојде, оти ќе ставам и некои столпчиња, да го личи ол инклузив објектчето… А бе, да не е раат човек. Во оваа држава да не можеш бизнис да потераш.  Ќе те сокапаат инспекции.

На полицајците ќе им дадам по некое кафе, сокче, да се напијат, да закрепнат, да се стоплат… Нема пријава, нема што да интервенираат, оти тие само по пријава интервенираат. После извесно време, може и ќе дојде некоја инспекција и ќе ти даде решение самиот да си се отстраниш. А ти викаш, не бе, вие дојдете да ме отстраните. А тие ти викаат – е чекај сега, немаме тендер за фирма што отстранува. Па ќе распишат тендер. Па ќе чекаат рок за жалби на тендерот. Па нов тендер. Па нов рок. А со тебе ќе преговараат: А бе, човек незаконски работиш, ај сам отстрани си се до овој петок. Ако не па, ај до другиот. Па после кога ќе ги пробијам сите рокови може и да ги замолам во Општина – ај нека помине сезоната за попусти, па после ќе затворам. И така, ќе си истераш бизнис до кај април, мај. Па може и избори ќе има, па нова власт ќе дојде. И додека власта се консолидира со нова кадровска политика, јас веќе компанија со традиција ќе бидам.

Е така функционира нашиот систем на основно ниво. Значи, не зборуваме за висока политка, за уставни измени, за корупција од грандиозни размери, за апелациони судии што чуваат пресуди по фиоки, па после за награда стануваат врховни судии. Не. Зборуваме за основни работи, за право на јавен простор, за право на проодни улици и тротоари, за право на регулиран паркинг, за право на дишење.  Ова е нашето секојдневие. Да ти се загорчува животот со работи кои може едноставно да функционираат, а не функционираат.

Тие што ги плаќаш да ти ги овозможат основните барања за нормална живејачка тоа не го прават. Не можам да поверувам дека се само неспособни. Повеќе би рекол дека е неспособност и неодговорност комбинирана со корупција. Што на крајот пак се сведува на – пари.

 

27 јануари

 

Македонија до сега успешно изгради добри меѓунационални односи и во принцип не би требало да има проблем да се внесат и Бугарите во Уставот, како што ќе се внесат и Хрватите и Црногорците. Ама, проблемите што ни ги прави Бугарија нема да престанат со промената на Преамбулата. Затоа што Бугарија едноставно не сака ни да ја види Македонија, а особено не сака да ја види рамноправна со неа во ЕУ.

На ЕУ и на САД веројатно тоа уште не им е јасно. Ама, со целата драма што ја направи Софија по охридскиот кафеански инцидент со претепување на секретарот на бугарскиот клуб именуван по царот што бил фашистички окупатор во Втората светска војна, се надевам дека тоа сознание ѝ станува појасно на власта. И десет пати да го смениме Уставот и сите Бугари по име и презиме да ги наредиме во Преамбулата, Бугарија нема да престане да го кочи нашиот напредок кон ЕУ. Со тоа сознание треба да се живее и да се бара чаре. Да се менува стратегија за зачленување во ЕУ. Оти понижувањата што ќе ги трпиме од Бугарија ќе немаат крај.

Многу лековерни излеговме. Француски предлог, не е баш добар, ама добар е, ајде да побрзаме оти на ЕУ ѝ се брза, ајде тоа е најдоброто што можеме да го добиеме, нередниот предлог ќе биде полош, ајде да не ја одвојат Албанија, ајде војна во Украина, брзо, брзо, прифаќај што и да е, па макар тоа предизвикало внатрешна дестабилизација. И сега – тоа е што е.

Смачено ми е веќе да дебатирам на прашањето: А имаме ли алтернатива? Не. Немаме. Нашата цел е ЕУ. И не е прашањето дали имаме алтернатива. Туку како да стасаме до целта. Оти, очигледно е дека овој пат што го одбрала власта не дава резултати. Треба да се менува пристапот. Треба упорно да бараме помош од вистинските пријатели. И треба да се искористат сите домашни умови, а не секој што го критикува овој снисходлив пристап да се обвинува дека е антиевропеец.  Во секој случај, алтернативата не може да значи себепонижување.

Уште сега се гледа дека и по промената на Уставот ќе има ново бугарско вето. Тоа ќе го симне СДСМ од власт, ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе се натпреваруваат со популизам и кој потврд национализам ќе пропагира, а ДУИ и останатите партии на Албанците ќе се вратат на воинствената реторика од 2001.

ЕУ ќе добие нестабилна Македонија со засилено проруско влијание.  Тоа ли ѝ треба на ЕУ?

 

3 март

 

Во Македонија нема евроскептицизам. Има еврореализам. Наспроти евроопортунизам. Тој еврореализам произлегува од разочараноста и од ЕУ и од дома. Разочараноста доаѓа прво од бугарското наметнување на санстефанските соништа во агендата за проширување на ЕУ, потоа се надоврзува на молчењето на останатите 26 земји-членки, а преминува во очај и безизлезност поради неспособноста на македонските политички елити кои ја кријат корумпираноста зад ЕУ интеграциите, а не ги спроведуваат европските вредности во пракса.  Бамборат за ЕУ не оти ги занимаат европски вредности, туку затоа што ќе добивале европски фондови. Ја грабнаа приказната за евроинтеграцијата за да грабнат поголеми провизии.

Причината зошто ние лошо живееме не е затоа што не сме во ЕУ. Лошо ни е затоа што корупцијата и криминалот се вгнездени во партиските елити, а граѓаните се веќе толку резигнирани што дозволуваат да бидат ограбени од тие што ги гласале на избори.  Партиски се краде како да ќе нема утре, се краде по вертикала и по хоризонтала, веќе не се ни кријат, не пак да им е срам.

Сите сме веќе уморни. И од Бугарија, и од европските неисполнети ветувања, а најмногу од заробената држава искрадена од партиите. Само апашите не се уморија. Нè фатија на кондиција, на маратонот кон ЕУ.

 

31 март

 

Ќе ја задолжиме државата за да го сервисираме сигурното гласачко тело. А кој ќе ги враќа кредитите? Функционерите ли ќе ги враќаат парите од зголемените плати? Администрацијата што ја купуваат за гласови пред секои избори ли ќе ги враќа кредитите? Пак приватниот сектор ќе ги враќа долговите на државата. Истиот приватен сектор што Владата го шиканира на секој чекор.

Ама ќе дојде ден кога веќе ќе нема пари за давање. Ај што ќе нема кој да плаќа, туку ќе нема ни кој да гласа. Ќе им остане само администрацијата, па ќе треба да почнат и од неа да земаат.

Кај нас нема штрајкови во приватните фирми. Штрајкува само администрацијата. Само ним нешто им фали, само ним им е мала платата, само тие се нешто несреќни и незадоволни. И само тие наоѓаат начин како да ја притиснат власта за да им ја покачи платата. Оти, тие не се на пазарот на трудот. Тие се на партискиот пазар.

 

7 април

 

Како капак на сета регресија, бележиме иницијатива за враќање на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето, кој од пред Судот го отстрани Скопската локална власт додека градоначалник беше Петре Шилегов. Го бара градоначалничката Данела Арсовска. Ама бидејќи Oпштина Центар не ѝ дозволи да го врати на старото место и ја упати дозвола да бара од Собранието, се јави Левица од Општина Аеродром и заедно со ВМРО-ДПМНЕ изгласаа иницијатива да си го постават Ќосето во Аеродром. Сега таа иницијатива ќе оди во Собранието.

Власта на СДСМ, успеа да тргне само еден споменик од стотиците што ги нарача Груевки, ама ни тој немаше храброст да го стопи.  Да го снема. Да не постои Ќосето, да не му текнува никому да го бара. Бевме оптимисти дека ќе го урнат барем она чудовиште што Груевски заедно со Субрата Рој го промовираше како споменик на Мајка Тереза, што го блокира излезот од Плоштадот Македонија, не е безбедно и е најочебијна дивоградба, а тие ни една галија не успеаја да отстранат.

Како да сме пак во 2013. Сега ќе го бараме Ќосето, како тогаш што ги баравме спомениците што преку ноќ ги истураа низ центарот на Скопје, трагавме од каде ќе ги донесат, во кои депоа се кријат, каде се лијат. Десет години поминаа од тоа лудило. Каде бевме, каде дојдовме. Од Ќосето – до Ќосето.

Важно, ќе држиме трибини и ќе мудруваме како да се вратат Македонците што студираат во Словенија. За што да се вратат? На Ќосето ли да му се радуваат? За Ќосето ли да се вратат?

 

14 април

 

Владата ни вика: Не прашувајте нè за пари. Ние гледаме во иднината.

Море, гледате вие само во вашите џебови. И гледате пред да паднете од власт што повеќе да соберете, за да си купите спокојно отседување кога ќе бидете во опозиција.

Ние веќе немаме дилема каква иднина нè чека со оваа СДСМДУИ власт. Во тунелот сме. Ама, тоа светло што го гледаме на крајот на тунелот  не е излез. Тоа е светло од возот ВМРОЛЕВИЦА што доаѓа од спротивната насока на истиот колосек и ќе нè остави заглавени во истиов тунел. Има уште еден, паралелелен колосек, кој божем оди кон ЕУ, ама и тоа светло што го гледаме не е светлата европска иднина. Тоа е светлото на возот што доаѓа од Бугарија со толкава сила, што сака да те прегази. Да те нема.

Кој пат да го фатиш, останавме заглавени во тунелот. А светлото сè побрзо се приближува.

 

19 мај

 

Всушност, имам впечаток дека кој и да дојде од ЕУ и што и да каже – џабе е. Од европските лидери, ние само на зборовите на Радев им веруваме. Тој сè што кажа, сè оствари.

 

23 јуни

 

Најмал проблем е што Мерко е ставен на црната листа на САД. Поголем проблем е што сите ние сме на црна листа во сопствената држава. Нè ставиле политичарите што ги бираме на избори, партиите што ни го земаат умот со нивните ветувања за борба против корупцијата, судиите и обвинителите што ги плаќаме да ни ја обезбедат правдата, полицијата од која очекуваме да нè заштити од криминалци и насилници.

Нашите животи се на црна листа.

 

7 јули

 

Не ми се слушаат веќе ни Ковачевски, ни Османи, ни Маричиќ колку ќе ни биде убаво кога ќе го смениме Уставот. Мицкоски пак, што седум години не смогна храброст ни да се извини за злото што го направи неговата партија, што и да каже ми е тотално безначајно. И со овој Устав никој не им брани на политичарите да ни обезбедат подобар живот. И на централната власт на СДСМ и ДУИ. И на локалните власти на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив. Тоа го очекуваме од нив. Оти ги избираме. И ги плаќаме за тоа. Кој им брани сега да ни го направат животот подобар?

 

18 август

 

Не е дека нема алтернатива. Има алтернатива што нема кој да ја понуди. Алтернативата е чесно владеење. А не дури и сега, кога е дојден ножот до коска, па нè плашат со изолација и ни викаат дека е историски момент и дека сега му е мајката да се искористи последната шанса, тие не престануваат со товарење на сè што може да се товари. Оти, ниту една шанса за товарење не смее да биде последна и да се пропушти, особено сега кога се ближи крај на мандатот.

И тука да ја затвориме темата – има или нема алтернатива.

 

8 септември

 

Па не е баш толку страшно тоа што со измените на Кривичниот закон Собранието изгласа помали казни за функционерите што ќе украдат пари од буџетот. Гледајте на тоа проевропски. Ќе си ја поправиме статистиката за успешна борба против корупција. Поглавје ли е, кластер ли е  – успешно е затворено. Уште пред да почнат преговорите со ЕУ.

Со ова инвентивно решение, изгласано набрзинка, со европско знаменце, за да се фати брзата лента за ЕУ, најбрзата од ЕУ со различните брзини, наместо криминалците да се прилагодуваат кон законите, ние законите ги прилагодуваме на криминалците. Наместо да се казнуваат корумпираните судии што беа махери во тегнење на судските процеси против политичарите и по стариот закон, ние им прилагодивме нов закон за да им го олесниме застарувањето на делата на обвинетите.

Кај нас закон полесно се менува отколку пресуда против политичар да стане правосилна. И Устав побрзо ќе смениме, отколку што функционери што краделе од нашите пари ќе одат во затвор.

Ви пречи неказнивоста? Е па еве, отсега неказнивоста ќе си биде озаконета. Конечно и ние да понудиме уникатно решение за ЕУ со кое ќе придонесеме кон перцепцијата за чесно владеење. Нема пресуда, нема криминал. Нема осудени политичари, нема корупција.

 

13 октомври

 

Значи, овојпат навистина е време за граѓанско востание. Со пенкало, се разбира. Ама со квалитетно мастило. Не со она на Зоран Заев, што почна да бледнее само што СДСМ и ДУИ стапија на власт. А не и со мастилото на ВМРО-ДПМНЕ, оти и по седум години живееме со пустошот во институциите што го остави нивното владеење. А пак Левица, освен плукање и пцости, не ни има мастило да понуди.

 

27 октомври

 

По 30 години замор и разочарувања, веќе не нѐ интересира што ќе ни донесе ЕУ во некоја далечна иднина. Нам ни е важно што ни носи Владата сега? – Ништо. Што ни носат локалните власти сега? Ништо. Не само што не ни носат, туку и ни земаат.

Ни ги одзедоа правдата и правдината.

Ни го одземаат животниот простор, тротоарите, улиците, парковите, шумите, планинините…

Ни ги одземаат водите и чистиот воздух.

Ни го одземаат квалитетот на живот со коруптивно менување урбанистички планови, без инфраструктура што ќе го поддржи градењето без усул.

Ни го одземаат спокојот затоа што кафеанџиите им се многу поважни од граѓаните на кои им пречи силеџиската бучава.

Ни го одзедоа јавното здравство, ни го одзедоа школството…

Едноставно, како да ни ја одзедоа и надежда и вербата дека може ќе биде поарно. Не мора да зборуваме за европски вредности. Овде не се почитува никаква вредност. Овде ни животот нема вредност.

И кога сето ова ќе им го кажеш, веднаш ќе те обвинат за евроскпетицизам.

Не бре, луѓе. Не сме ние евроскептици. Ние само не дозволуваме да ни ја потценуваат интелигенцијата.

 

24 ноември

 

Дали згрешивме што останавме? И дали грешиме што им бараме чаре на децата, да си фатат џаде со време?

 

8 декември 23

 

Неказнивоста станува ендемска. Од погрешно паркирање, до рекетирање. Од две-три шлаканици на политички противник до киднапирање дете. Од „пушти го будалата, го знаеме, тој е наш“, до убиство на дете.

И ако ни е е толку тешко да сфатиме колку е опасна за сите нас таа неказнивост што секојдневно ни го убива општеството, тогаш постојано треба да се потсетуваме на сликата на 14-годишното девојче што го спакувале во вреќа, го ставиле во гепек и го застрелале. Зошто го убиле? Зашто им се можело. Зашто се почувствувале силни. Зашто им се плашеле. Зашто биле охрабрени од лајковите на социјалните мрежи. Зашто се чувствувале заштитени. Затоа што не биле казнети и биле недопирливи.

Неказнивоста не е апстрактен поим, ниту гола фраза. Неказнивоста е убиство на дете. Неказнивоста во Македонија доби лик и име. Се вика Вања. Кога ќе зборуваме за неказнивост, нека ни се појавува сликата на Вања. Ако можеме да продолжиме да живееме со тоа сознание без да ни пречи, тогаш ни нема оправање.