ПОЕЗИЈА И ПРОЗА

| 2 септември, 2022

Еден пороен дожд од неполн половина час во главниот град покажа колку голема лага е терминот „инвеститори“ во градежништвото чии интереси ги брани секоја локална, а и државна власт од 1991 досега.

1 Жали боже, за парите што ги даваат Американците за борба против корупцијата во Македонија. Во редицата грантови, од овие последниве 10,3 милиони долари што ги дава УСАИД за развој на демократијата, рекоа дека половина ќе одат за борба против корупција. Американската амбасадорка Кејт Брнз рече дека „со нетрпение очекуваат да видат на кој начин ќе се врати оваа инвестиција“.

Е па, ќе почекаат малку подолго од што се надеваат. Борбата против корупција  е сведена на 127 обуки за етички кодекс на новоизбрани функционери и тестови за интегритет, со кои се пофали вицепремиерката Славица Грковска. И со поетскиот говор на првиот вицепремиер Артан Груби, дека „зборот процент не смее да се однесува на провизија, туку на реализација на борбата против корупцијата“. Не верувам дека и самиот Груби верува во тоа што го зборува. Освен ако не мисли дека кажува вицови.

Не може Грковска толку обуки да организира и тестови за интегритет да направи, колку што може ништо од тоа да не се спроведе. Затоа што знаеме како се поставуваат функционерите. Таа партократија во општеството веќе е толку нормализирана, што никој веќе не ни глуми дека не е така, а уште помалку да се срами. Просторот за вонпартиско опстојување, не само во политиката, туку и  во бизнисот, културата, здравството, образованието, па и во спортот и естрадата, толку е стеснет што живот вон партијата практично не постои.

Фала им на Американците што даваат пари за од нас да направат нормално демократско општество, ама ни овие 10 милиони нема да го сменат начинот на мислење на мнозинството граѓани. Таа практика на клиентелизам и понизност кон партијата и обврската да се даде нешто за да се заврши работа веќе е толку востановена, што тешко ќе се менува само со обуки, тестови и платени медиумски кампањи против корупција. Може Артан Груби колку сака да рецитира поезија, ама прозата друго кажува.

2 Американците триесет години чекаат да видат резултати и во правосудството. Истиот ден кога објавија дека даваат нови 10 милиони долари за развој на демократијата, Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители го урна конкурсот за директор. Членовите, едноставно, не гласаа за кандидатите и не кажаа зошто не гласале.

Едно чудо судии и обвинители триесет години одеа на студиски престои во Америка. Милиони долари на американските даночни обврзници се потрошија да им кренат капацитет на македонските судии и обвинители, демек да ги образуваат за право и правдина. Ама тука правото и и правдината не функционираат така. Знаат македонските судии и обвинители дека кога ќе си се вратат дома нема да им треба тоа што го научиле во Америка. Едноставно, знаат каде се враќаат. Оти знаат и како се примени на работа. Знаат и како се избрани за судии и обвинители. А шефовите знаат и како станале шефови. Па, согласно на тоа локално добиено знаење, знаат и кому треба да служат.

Впрочем, таа приказна за правото и правдината ја видовме последниве пет-шест години, секојдневно следејќи ја лакрдијата на судските процеси поврзани со нелегалното прислушување и формирањето на Специјално обвинителство. Ние сме шампиони. Ние можеме да им држиме лекција на Американците како да не се спроведува правото. Почнувајќи од тоа како се одложуваат судски процеси до недоглед, со пензионирани поротници и адвокати на кои им требаат преведувачи, бесконечни патувања на пресуди од Основен до Апелационен суд, па до Врховен суд и назад, па сé до давање избор на осудените кој каде сака да служи затвор и колку ќе го чини полн пансион.

3 Тоа ти е отприлика исто како што сега глобалните климатски промени се единствениот виновник кога не се сака да се откријат коруптивните спреги за хаотичното градење. Еден пороен дожд од неполн половина час во главниот град покажа колку голема лага е терминот „инвеститори“ во градежништвото чии интереси ги брани секоја локална, а и државна власт од 1991 досега. Последиците од нивните „инвестиции“ ги чувствуваме секој ден со намалување на квалитетот на живот, ама овој пат брутално со потоп ги почувствувавме последиците од коруптивната спрега на „инвеститорите“ со секоја локална власт.

Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски вели дека „град без градба е мртов град“. Во право е градоначалалникот, иако не се изрази прецизно. Град со корумпирана градба е мртов град. А негова работа е како градоначалник да не го убива градот. Негова работа е да осигура дека урбанистичките планови ќе се носат исклучиво за јавен интерес и за подобрување на квалитетот на живот. Ако се гради само за интересот на „инвеститорите“ и на тие што им ја одобруваат градбата, без да водат грижа кој ќе остане да живее во нивните „инвестиции“, градоначалникот ќе биде тој што од градот ќе направи мртов град. Или, ајде да не бидеме толку сурови, ќе направи хаотичен град со нервозни и несреќни граѓани.

Така што, се согласувам со градоначалниците дека е важно да се гради. Никој не е против градење. Ама не да се гради така што некој ќе се наполни со пари и ќе избега, а сите ние да се давиме од пороен дожд.

4 На 30 август, Претседателот Стево Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Украина Лариса Дир.

Земја која што шест месеци, брутално нападната од Русија е во војна, најде време и најде за сходно, откако на претходната амбасадорка ѝ заврши мандатот да именува амбасадор во една многу мала и не толку значајна земја како што е Македонија. А Македонија, земја-членка на НАТО, кандидат за членка во ЕУ, која живее во слобода и демократија, четири-пет години не може да именува амбасадори во големите светски центри. Затоа што и дипломатијата е сведена на политичко пазарење и желботека.

5 Не знам како започна школската година во Украина. Кај нас на 1 септември државата нема отпечатено учебници за децата. Исто како што на 10 јуни немаше отпечатено свидетелства.

Владата топ не ја бие. Туку, да ни се живи и здрави децата.