ОД ЌОСЕТО – ДО ЌОСЕТО

| 7 април, 2023

Зошто само да се радуваме? Треба и да им аплаудираме. Оти, кај што нè крадат уште и ни се смеат в лице.

1 Го слушам вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ како зборува дека „Владата има мисија на граѓаните да им ги приближи европските вредности“ и се прашувам: Се слушаат ли овие од Владата што зборуваат? Веруваат ли во тоа што го слушаат?

На какви европски вредности ќе нè учи Владата? Во која земја на ЕУ, туку-така ќе поминеше веста дека жената на премиерот ќе купува државно земјиште со одлука на Владата за да тера бизнис, а тоа да не предизвикаше барем владина криза? Франција пред 5-6 години носеше закон со кој функционерите можат да заглават в затвор до три години, ако вработат некој близок од семејството додека се на функција. Поранешната германска Влада на Ангела Меркел и нејзината партија ЦДУ ја тресеше скандал, оти за време на ковид кризата министерот за здравство без тендер купил медицински маски од фирмата во која бил вработен неговиот сопруг. Во Шведска, министерки си даваа оставки затоа што не им плаќале персонален данок на дадилките, и тоа кога не биле на функција.

Кај нас, во нашата ЕУ Македонија, сопругата на премиерот отвора фирма за бизнис со струја со намера да гради фотоволтаична централа во Радовишко. Откако јавноста дозна, фирмата го повлекла барањето за изградба на централата, ама за секој случај обезбедила одлука на Владата за откуп на државно земјиште со која може да си ја окрупни парцелата.

Сè е по закон. И ништо не е спорно. Дури, за сè да биде чисто и одлуката за продажбата на државното земјиште не ја потпишал мажот ѝ – премиерот, туку вицепремиерот Артан Груби. Впрочем, кој вика дека сопругата на премиерот не треба да работи? Кој вика дека не смее да тера приватен бизнис? Никој нејзе не ѝ го спори работното место и претприемаштвото. Ама ете, не може да се стрпи, па додека мажот ѝ е премиер, отвара бизнис на кој мажот ѝ може да има директно влијание со владините политики. А тоа што фирмата во која таа е еден од сопствениците, за да си подготви инфраструктура го користи законот кој го донесе ВМРО-ДПМНЕ за грабеж на државното земјиште, а СДСМ не го смени, е башка муабет.

Не дека во ЕУ нема корупција, тргување со политичко влијание и непотизам. Ама таму, има обвинителство, има судство, а конечно, има и јавност. Кај нас, во нашата ЕУ Македонија, нема механизам да се казнат пратениците за злоупотреба на парите за патни трошоци. Нема механизам да се казни полагање правосуден испит пред дипломирање. Нема механизам да се казни министер што користи службена кола за приватни и партиски цели.

Зошто? Затоа што, како што викаше Гордана Јанкулоска во сега веќе безначајните прислушувани разговори – „сè е според Уставот и законите“. Затоа што многу од законите, особено оние што се однесуваат за јавни набавки, урбанизам, државно земјиште, ВМРО-ДПМНЕ ги менуваше сто пати, а СДСМ за шест години не се ни обиде да ги смени. Затоа што законите на ВМРО-ДПМНЕ им се погодија. Тие не се правени за општо добро и за граѓаните. Правени се за политичките партиски елити и нивните блиски.

Дефиницијата за јавна служба беше и остана – Заграби колку можеш и додека можеш.

2 Апелациониот суд ја турна пресудата за организацијата на нападот на Собранието на 27 април 2017. На Мијалков му застаре уште едно дело во низата. А Владата организираше настан на кој ја покани и американската амбасадорка Анџела Агелер, а на новинарите им забрани да поставуваат прашања.

Така, Агелер во една недела уште еднаш,овој пат и на терен сфати како се трошат силните милиони долари што 30 години на Македонија ѝ ги даваат американските даночни обрзници за судство, добро владеење, отчетност, транспарентност, конкурентност…

На свечената промоција на изградбата на четири автопатски делници од Коридорот 8, новинарите беа викнати само како декор. Тоа не беше обична промоција на табла. Тоа е промоција на, во моментов, најголемата државна инвестиција од 1,3 милијарди евра, и нормално е дека ќе има прашања како ќе се трошат нашите заеднички пари. Особено што медиумите веќе објавија сомнежи како е избрана фирмата за надзор. И особено што Обвинителството, по допрен глас веќе отвори истрага за можна корупција. И како Владата го решава проблемот со сомнежите дали чесно ни ги троши парите? Така што на новинарите ќе им забрани да прашуваат. А за да си го покрие образот, ќе се скрие зад американската амбасадорка која на настанот си дојде да си го испочитува успехот на американската компанија и најголема американска бизнис зделка во државава.

На новинарите што беа дојдени да прашаат како македонската Влада ќе ги потроши државните пари, вицепремиерот Артан Груби им рече: „Не прашувајте! Радувајте се!“ Е па, ај да се радуваме. Оти ќе ни ги трошат парите, ама нема да ни кажат како. Зошто само да се радуваме? Треба и да им аплаудираме. Оти, кај што нè крадат уште и ни се смеат в лице. Оти им се може.

3 Еве, многу се радуваме колку е ефикасна администрацијата кога треба да се покачат платите на државните функционери.

Уставниот суд на 21 март укина член што им ги замрзнуваше платите. На 23 март тој член веќе почна да се применува. И веќе на 5 април, пратениците во Собрнието добија зголемени плати.

Кога ли се мобилизираа, како ли успеаја толку брзо да им ги пресметаат платите? Пробај сега да побараш пресметка во Пензиско колку би ти била пензијата, со месеци ќе се изначекаш, десетина документи ќе ти побараат, ќе ти фали стаж, ќе ти го згрешат матичниот број, адресата, името…

За промена на регистарските таблички со НМК допрва ќе прават пресметки. Ќе разгледуваат опции, колку ќе чинела налепница, колку да плаќале граѓаните, ќе виделе, ќе седнеле, ќе правеле математика… Кога е нивен личен интерес во прашање, тогаш може да бидат и брзи и ефикасни. Ама кога треба јавен интерес да се штити, допрва ќе размислуваат. На крај, пак математиката ќе покаже минус за граѓаните.

4 Уште една епизода од серијалот „Сè по закон шефе“ е случајот од Куманово, кога Царината им запленила стари грамофонски плочи на српски колекционери кои дошле на фестивал, со образложение дека немаат документи за продажба. Ги привела полиција, платиле казна од 150 евра, а плочите им се привремено одземени и предадени во Агенцијата за управување со одземен имот до целосно завршување на постапката.

Верувам дека тие што се занимаваат со колекционерство на стари плочи во Македонија и си ги разменуваат по вакви фестивали со други колекционери од странство не ни знаат дека во нивните животи постојат некои си Димитар Ковачевски, Артан Груби, Оливер Спасовски, Бујар Османи, Фатмир Бесими, Бојан Маричиќ… Вака научија дека постојат. Сигурно си викаат, леле какви политичари имаме, види како ја средиле државата, алал да им е, колку има ред и поредок, европски закони имаме, нема мрдање…

Ова е отприлика толку голем успех на Царината, како успехот на државното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор дека ги исчистило катните гаражи што ги стопанисува. На Фејсбук се пофалија дека „залагањата на Друштвото се секогаш во насока на навремено реагирање и одржување на хигиената на гаражите и на останатите простори со коишто стопанисува“. Какво навремено? Излегоа да чистат дури откако претходно глумицата Ирена Ристиќ со екипата од „Не биди ѓубре“ ги избрука и им го собра ѓубрето. А тие наместо да се скријат од срам, уште и се пофалија дека го сработиле тоа што им е работа.

Исто како што и скопското јавно претпријатие „Градски паркинг“ се пофали дека ставило настрешници на наплатните куќички во Клиничкиот центар и кај што се плаќа казна за Пајакот, со фејсбук објава дека „секојдневно работи на подобрување на условите на граѓаните“. Божем подобрувањето на условите на граѓаните не им е секојдневна обврска, па кога ќе го сработат тоа што им е работа, треба да се пофалат.

5 Како капак на сета регресија, бележиме иницијатива за враќање на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето, кој од пред Судот го отстрани Скопската локална власт додека градоначалник беше Петре Шилегов. Го бара градоначалничката Данела Арсовска. Ама бидејќи општина Центар не ѝ дозволи да го врати на старото место и ја упати дозвола да бара од Собранието, се јави Левица од Општина Аеродром и заедно со ВМРО-ДПМНЕ изгласаа иницијатива да си го постават Ќосето во Аеродром. Сега таа иницијатива ќе оди во Собранието.

Власта на СДСМ, успеа да тргне само еден споменик од стотиците што ги нарача Груевки, ама ни тој немаше храброст да го стопи.  Да го снема. Да не постои Ќосето, да не му текнува никому да го бара. Бевме оптимисти дека ќе го урнат барем она чудовиште што Груевски заедно со Субрата Рој го промовираше како споменик на Мајка Тереза, што го блокира излезот од Плоштадот Македонија, не е безбедно и е најочебијна дивоградба, а тие ни една галија не успеаја да отстранат.

Како да сме пак во 2013. Сега ќе го бараме Ќосето, како тогаш што ги баравме спомениците што преку ноќ ги истураа низ центарот на Скопје, трагавме од каде ќе ги донесат, во кои депоа се кријат, каде се лијат. Десет години поминаа од тоа лудило. Каде бевме, каде дојдовме. Од Ќосето – до Ќосето.

Важно, ќе држиме трибини и ќе мудруваме како да се вратат Македонците што студираат во Словенија. За што да се вратат? На Ќосето ли да му се радуваат? За Ќосето ли да се вратат?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST