О, ДУШО МОЈА

| 26 април, 2024

Истрошија и европска идеја и вредности со глупостите што ги повторуваат божем во име на ЕУ.

1 По катастрофалниот резултат на СДСМ во првиот круг на претседателските избори, каде што разликата меѓу Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски е 180.000 гласови, најдобро е СДСМ овие десетина дена до вториот круг и до парламентарните избори да прекине со муабетите за Европската унија. Оти, од муабети очигледно нема фајде. Требало да се фати работа…

Што и да кажат за ЕУ е бесмислено и не ѝ помага на европската идеја. Дури ни предупредувањата на Димитар Ковачевски дека ако победи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде загрозена европската перспектива.  Тоа што секој ден по сто пати ја споменуваат ЕУ не ги прави повеќе Европејци од оние што на овие избори не им дадоа глас.

Не може европската перспектива што ни ја нуди СДСМ да се сведе само на внесување на Бугарите во Уставот. Кој ги спречуваше да спроведуваат европска практика на владеење и работа и без почнати преговори со ЕУ? Колку работи можеа да направат и без поддршка на ЕУ? Колку работи не смееја да направат и без почнати преговори со ЕУ? Тие барем знаат како функционира ЕУ. Шетани се. Секој ден се сликаат во Брисел.

Ама, вака им беше најлесно. Ќе им ветиме на странците дека ќе смениме Устав и ќе ги решиме сите проблеми. ЕУ ќе ја заврши работата за нас. САД нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт. А ние ќе си седиме по кафеани, кај другарчињата што го узурпираа јавниот простор со нелегалните тераси за пушење, и ќе се жалиме на глупавите граѓани што не сфаќаат геополитика, политичките противници ќе ги обвиниме дека се проруски антиевропејци, а тие што нѐ критикуваат ќе ги плашиме дека ќе им се врати ВМРО.

Е па, не било баш така едноставно.

2Македонците можеби и ќе ѝ го простеа на власта тој несреќен француски предлог што го прифати без да биде сигурна дека ќе го реализира, ако практикуваше европски вредности и европски начин на работа дома. Да беа успешни и чесно да владееја можеби ќе проголтавме и уште едно менување на Устав. Еве, да речеме и да не успеаја сосема да ја сузбијат корупцијата, ќе имавме разбирање. Ама, барем тие не мораше да бидат корумпирани. Требаше само да ги почитуваат законите, од кои голем број веќе ни се усогласени со европското законодавство. Да имаше малку повеќе ред во државните институции и да не царуваше неказнивоста, или селективната правда, прашањето дали една или друга етничка група од 3-4.000 луѓе ќе се споменат во Преамбулата на Уставот ќе беше маргинално.

Ама, за кого збориме? Платите си ги зголемија за 70 отсто на помалку од година дена пред избори. Ги амнестираа криминалците. Си обезбедија и тие да бидат амнестирани во иднина, ако ги фатат дека краделе. И сето тоа го правеа во име на ЕУ со носење закони во Собранието по брза постапка, со европско знаменце. Во меѓувреме, пропаѓаат судски процеси за висока корупција и криминал, распродажбата на државното земјиште не прекинува, урбаниот хаос не само што не го средуваат, туку го прават уште поголем, местат тендери, вработуваат по партиска заслуга…

И сега, што правиме? Е сега, проблем била европската перспектива. Не помага ни поезијата на Бојан Маричиќ: „Срцето на Македонија е црвено и социјалдемократски борбено, со таа европска душа одиме на победа“.

О, душо моја, црвена. Истрошија и европска идеја и вредности со глупостите што ги повторуваат божем во име на ЕУ.

И – „ја примивме пораката, не се откажуваме од иднината“. Па од иднината не можеш да се откажеш. Иднината секако ќе дојде. Со тебе или без тебе. Прашање е само дали ќе биде добра или лоша, тука евентуално може да интервенираш.

Ни нудат европска иднина, без ништо да сторат за европската сегашност.

3 Така што, Христијан Мицкоски може да намали со чаламот дека „цунамито се крена и на 8 мај ќе ги потопи целосно“. Барем во првиот круг од претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ горе-долу ги доби гласовите што редовно си ги добива. Не е ВМРО-ДПМНЕ толку заслужно за резултатите од овие избори, колку што е тоа заслуга на СДСМ. Не е цунами. Но, вистина е потоп на СДСМ, оти досега не им се случило да освојат помалку од 200.000 гласа. Ама, тој потоп не е предизвикан од цунамито на ВМРО-ДПМНЕ, туку од одлевањето на гласови од СДСМ. Тече на сите страни.

Вечерта по првиот круг од претседателските избори, Мицкоски им се заблагодари на тие што гласаа за Сиљановска-Давкова, ги повика да гласаат тие што не гласале за никого, ама им се обрати и на „оние кои излегоа и гласаа за власта, сакам да знаете дека нема да има освета кон било кој“.

Сакам да верувам дека споменувањето на зборот „освета“ му се откачи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ како последица на  фројдовска грешка, што му излезе од потсвеста од 11-годишното црно време на владеењето на МВРО-ВМРО кога знаеја кој како гласал, инаку „пиштење, вриштење ќе има“.

Навистина утешно за тие што гласале за Стево Пендаровски и за тие што ќе гласаат за власта на 8 мај.

4 И – како цреша на шлагот на тортата, за свечено одбележување на светлата европска перспектива се појави Али Ахмети на централниот митинг на Европскиот фронт на ДУИ за нивниот кандидат за претседател на државата Бујар Османи на Плоштадот Македонија во Скопје да извикува од говорница: „УЧК, УЧК“, а илјадници мажи во толпата да му скандираат, без ниту едно државно знаме, веејќи само албански знамиња и чат-пат по некое американско.

Навистина, нема откажување од иднината.

АУДИО ПОДКАСТ