НИЗ ВЕТЕР

| 1 март, 2024

Само Америка има страв од корупција во Македонија.

1 Предизборната кампања почна со сеење страв.

СДСМ нѐ плаши дека ќе ни се врати ВМРО. ВМРО нѐ плаши дека ќе ни остане СДСМ. ДУИ не гледа внатрешен непријател, па затоа нѐ плаши со Русија.

Сите нешто нѐ плашат. Само никој од нив не нѐ плаши со корупција. Корупцијата не е изборна тема. Затоа што во Македонија никој не се плаши од корупција. Само Америка има страв од корупција во Македонија.

2 Кога СДСМ ја презеде власта во 2017, првиот потег ѝ беше да го укине владиното рекламирање во телевизиите. Речиси седум години подоцна, здружено, со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ изгласаа закон со кој го вратија владиното рекламирањето на телевизиите со пари од државниот буџет. И тоа побрзаа, со европско знаменце ноќе го гласаа, да не случајно изгубат на избори, па ВМРО-ДПМНЕ да остане без можноста пак да троши државни пари за партиска пропаганда.

Просто е неверојатно како на крајот на мандатот власта ѝ ја враќа на ВМРО-ДПМНЕ најсилната алатка со која нѐ газеше 11 години – пропагандата платена со државни пари. Како во владејачката СДСМ да си се најголеми непријатели на својата партија. Чиниш, ВМРО-ДПМНЕ ги плаќа сдсмовците да работат против себе. И, како што наближуваат изборите, ги засилуваат активностите сами да си се саботираат: „Еве ти Мицкоски бакшиш од нас, уште еден закон, да ти биде полесно владеењето“.

Како да им било убаво кога ВМРО-ДПМНЕ ги плукаше по телевизии, кога не им даваа ни минута да се појават на вести, кога ги тепаа во Собрание, ама телевизиите не објавуваа, кога не им известуваа од пресовите на кои Зоран Заев ги пушташе „бомбите“ со прислушкуваните разговори, кога организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 беше „најмирољубивиот напад на Собрание“ и „немил настан“, во дебатни емисии им лепеа клинци на лицата, ги поклопуваа со надгробни плочи… За да си купат љубов со наши пари, им се умилкуваат на истите газди на телевизии што им ја гасеа струјата. Да се чуди човек како можеш за само седум години од тоа трауматично искуство да добиеш амнезија.

Ај да речеме, дека во СДСМ не ни помислуваат на изборен пораз, оти лидерот Димитар Ковачевски ги храбри со трескање по говорница и извици „Победа, победа…!“ Ама еве, дури и да победат, што кажува враќањето на владиното рекламирање во приватните телевизии за нивното идно владеење? Значи, милионите се тука, дај сега да ги потрошиме за пропаганда како што ги трошеше ВМРО-ДПМНЕ. Да ги повториме 11-те години зло, за кое Заев викаше дека нема никогаш да се повтори.

Сѐ направија за да му олеснат на ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде пак на власт, да си се врати во целосен сјај, исчистен од сите гнасотии што ни ги правеше. Прво им го легализираа „Скопје 2014“. Па изгласаа закон за да ги намалат казните на вмровските функционери и им ги застарија делата за да ги ослободат од гонење. Им го олеснија животот за да може да се концентрираат во партиските активности за враќање на власт. И на крај, им го вратија законот со кој ќе им ослободат пари од буџетот за да може уште поефикасно да ги дотолчат.

Чиниш СДСМ ѝ се извинува на ВМРО-ДПМНЕ дека извесно време биле малку растревожени, ама еве сега целиот пакет за неказниво владеење ѝ го враќаат назад. Уште да му се извинат и на Никола Груевски дека не успеаја да го вратат како што им беше планот и да завршиме со оваа епизода од нашите животи – како седум години ни отидоа во ветер.

3 Скраја било, не сакам ни да помислам, ама понекогаш и тоа ми доаѓа на ум: гледаат дека тонат, па баш им е гајле дека прават поголема штета за државата. Зошто? Што сме им згрешиле ние, граѓаните? Не сме ни толку наивни, ама веројатно сме биле безнадежно очајни што сме верувале дека после тоа систематско 11-годишно урнисување и заробување на државата од ВМРО-ДПМНЕ, во СДСМ природно израснал некој способен да направи промена со нови норми и нови вредности. Имаа граѓанска сила и ентузијазам, меѓународна поддршка, а имаа и прогресивна граѓанска платформа за напредок на државата што требаше само да ја следат. Ама, таа граѓанска платформа што бараше коренити промени во практикувањето на власта, во СДСМ ја киднапираа и ја уништија.

Значи, да се разбереме. Да го повторам по стоти пат тоа што во партиите не можат да го сфатат затоа што тие од луѓето не очекуваат мислење, туку послушност. Тука не станува збор за очекувања на луѓе што биле симпатизери на СДСМ, или нивни сопартијци. Станува збор за граѓани кои верувале дека полошо од тоа што било не смее да биде. Не  – не може да биле. Туку – не смее да биде.

И затоа, како и на секои избори, и овојпат треба добро да се внимава што ќе правиме со гласот што си го имаме в рака.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST