НЕШТО МАТАТ

| 21 април, 2023

Безбедноста ли ќе се наруши ако се разбере колкава ќе биде провизијата. И кој ќе ја земе?

1 Кој прашува за „Бехтел и Енка“? Кога прашуваме како ќе се потрошат милијарда и триста милиони евра за изградба на четири автопатски делници во нашата држава, не е тема на муабетот градежната компанија, туку нашата Влада што треба да ја плати изградбата. Не е тема на муабетот ни Америка. „Бехтел и Енка“ е приватна компанија. Може да е и „Кока кола“, „Тесла“ или „Амазон“. Нас не нè интересира бизнисот на приватни компании. Ние имаме прашање кое е многу разумно. Како ќе се потрошат нашите пари? А не се малку пари. Толку нè интересира.  Особено што Владата ни вика дека договорот со приватната градежна компанија е тајна, а ние сме запнале баш да дознаеме како со тајност ќе го заштити јавниот интерес. Не знам што тука не е јасно.

Џабе власта ги пушта „куририте“ кои на секое прашање како се трошат парите на даночните обврзници праќаат пораки: „Нè карате со Америка!“. Што? Да не ни се налути американската компанија па да не сака да ги земе тие 1,3 милијарди евра!?

Не, бре. Не ве караме со Америка. Вие се карате со нас. Никој не го спори стратешкото партерство со САД. Ама не сме ве бирале да ги штитите американските интереси. Сме ве избрале да ги штитите интересите на македонските граѓани и на македонската држава. Не знам и тука што не е јасно.

Начинот на кој власта ја води целата постапка само долева дополнителна недоверба кон институциите на државата, во кои ионака малкумина веруваат. Еве, сега смислија и дека договорот кој содржи тајни клаузули ќе можат да го видат само пратениците што имаат безбедносни сертификати. Безбедноста ли ќе се наруши ако се разбере колкава ќе биде провизијата? И кој ќе ја земе.

Извесно е дека во Собранието ќе се донесат законите што ги побарала „Бехтел и Енка“. Верувам дека патиштата ќе бидат изградени. Од нив ќар ќе имаат сите граѓани. Ама, ќе остане тајна кои граѓани ќе имаат поголем ќар од другите. Власта и досега не покажа дека заслужила да ѝ се верува. Па токму тој Вашингтон, со кој сега им се закануваат на тие што имаат сомнежи дека Владата нетранспарентно ги троши парите на даночните обврзници, им прави списоци на корумпирани политичари и секој ден ги потсетува колку не ги бива да се справат со корупцијата и неказнивоста на високопрофилниот криминал.

Не знаеме дали е сè чисто, оти велат дека е тајна. Ама перцепцијата на јавноста е дека нешто матат. И притоа, бесрамно се кријат зад Америка.

2 Сè тргна некаде околу 2000-та, на почетокот на 21 век, кога политичарите почнаа да се сликаат во цркви и џамии за време на верски служби, ама не даваа изјави. Како што навлегувавме во новиов милениум, стана многу важно што имаат да изјават политичарите за раѓањето на Христос,  воскреснувањето, бајрами, ифтарски вечери , постења и други господови настани. Синким верниците не знаат, па чекаат министрите и градоначалниците да им кажат колку е значаен тој и тој ден и дека треба да си имаат мир и спокој. А ако пак, не дај боже, генерален секретар на партија заборави да честита Велигден или Бајрам, исто како верскиот празник да не се случил, па нема да има ни мир ни спокој.

И така, во секуларнава држава го дочекавме денот кога благодатниот оган од Ерусалим за Велигден го донесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, двајцата од левичарската СДСМ. А премиерот на левичарската влада Димитар Ковачевски се спотера до аеродром да го пречека огнот, кој слета од Тел Авив со владиното авионче. И тоа го претстави како историски настан.

Што ќе биде следната промена на Уставот? Ќе го бришеме членот во кој државата е одвоена од верата? Кога веќе политичарите им кажуваат на верниците како да слават верски празници, тогаш ајде попови и оџи нека ни кажуваат како да живееме.

3 Според најновиот извештај на УНИЦЕФ, Македонија е на второ место во светот по бројот на невакцинирани деца со ниту една вакцина.  Е тоа е чудо. Каде сме биле, а до каде стасавме. Поголемо чудо од чудото на благодатниот оган на Велика сабота.

4 Случајот со тетовскиот анестезиолог, кој ги снимал пациентките со мобилен и вулгарно ги коментирал на социјалните мрежи, по којзнае кој пат ни покажа како политичарите ни ги загрозуваат животите. Комисијата на скопскиот Медицински факултет, што два пати одбивала на лекарот да му ја нострифицира специјализацијата што ја завршил во Приштина, се жалела дека им бил вршен политички притисок да потпишат. Баш ме интересира, тој што се јавувал од партија, дали би фатил врски во болница баш овој лекар да му ја дозира анестезијата? Или да му ја слика ќерката на ТикТок?

Пред половина година, со јавувања од партија се обидоа да изберат и контролори на летање. Разбирам врски, влијанија, пријателства, роднини, поткуп… Ама па, ако се многу важни во партија не мора и да нè убиваат. Дај им таму во канцеларија нека грешат изводи во матично, барем не се опасни по живот. Ако толку ја задолжиле партијата, смисли им директорско место, дај им возач, секретарка, нека кршат глава, кога веќе мора да ги плаќаме.

Мала е Македонија. Се знаеме. И кој што учел, и колку го бива, и за што го бива. Еве, на пример, колегите на анестезиолот-тиктокер ништо ли не знаеле за него? Во Тетовската болница не можеле ни да го казнат оти не постоела ни институцијата дисциплинска комисија.

Си заминувале луѓето во странство!? И стручните ни бегале!? Па нормално дека си заминуваат, баш поради вакви случаи. Што им нудиш да се вратат? Тајвански инвестиции во зоните? Да си купат стан над гасоводот во Лисиче или во „наполитанките“ во Треска? Или во кулите кај Холидеј ин на плацот на МПЦ, големата градежна корпорација во земјава и сериозен конкурент на „Бехтел и Енка“. И редовно да плаќаат даноци и придонеси, ама да не прашуваат што ќе добијат за тие пари.

Младите оделе да студираат во Словенија, а летово ќе работат во Хрватска. Лекарите и медицинските сестри чекаат ред за Германија. Компјутерџиите се веќе во Холандија.

Море, од оваа партократија крај на светот ќе фатат.

5 Токму овие денови, ама пред 6 години, во 2017,  една недела пред организираниот напад на Собранието, сум пишувал за случајот на гинеколог што ги лажел жените дека се бремени, а колегите молчеле. Лекарот сменил неколку приватни болници и на крај завршил на државна клиника. Сите знаеле дека лажел, ама излегоа виновни жените што му верувале.

Во 2017, по повод овој случај сум напишал: „Ова е веќе психопатолошка состојба на духот на општеството. Живееме во држава во која пациентот е виновен оти му верува на лекарот, а не е виновен лекарот кој свесно го лаже пациентот“.

Тоа беа деновите кога не беше виновен претседателот Ѓорѓе Иванов кој свесно го кршеше Уставот, туку ние што му кажувавме дека го крши. Не беа виновни политичарите од коалиционата влада на Груевски на ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ што свесно нè краделе 11 години, туку ние што баравме да одат в затвор и да ни ги вратат парите што ни ги украле.

Шест години подоцна, излезе дека не се виновни ни тие што наредиле нелегално прислушување, туку ние што ги слушавме снимките. И не се виновни тие што ветуваа дека ќе донесат правда и мир, и дека тоа зло нема да се повтори, туку ние што ги предупредуваме дека тоа зло еве,  почна да се повторува.

Во 2017 сум пишал дека „насилството, простотилакот и неказнивоста стануваат мерка на нашите животи“.

Што се промени од тогаш до сега?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST