1Дали памтите барем еднаш да било, школската година да завршила нормално и да немало компликации со матурантите? Ту некој бојкотира, ту некој штрајкува, ту нема испечатени свидетелства…
Штрајкот на Државниот испитен центар по три недели е ставен во мирување. Но, самата одлука на Центарот што ја спроведува државната матура да штрајкува на еден месец пред закажаниот датум за матурски испит е вистинска лекција за матурантите. Добредојдовте во светот на возрасните. Да си знаете каде живеете. Погледнете што ве чека во животот во државата на која ѝ требате.
Што да помислиш за државата која на испитот на зрелоста те жртвува за гласови?
Не е спорно правото на вработените во Државниот испитен центар да штрајкуваат. Не е спорно правото да бараат повисоки плати. Спорно е дека решија да штрајкуваат на месец дена пред матурскиот испит. Свесно ќе ги малтретираме 20.000 деца што треба да полагаат државна матура, оти малку се малтретирани. Свесно ќе им го загорчиме животот на 20.000 матуранти кои со ништо не ја предизвикале оваа ситуација за да преживуваат стресови. Свесно ќе жртвуваме уште една генерација која штотуку влегува во светот на возрасните.
Според анализите на Сојузот на средношколци, од секоја генерација завршени матуранти, околу 12 проценти заминуваат на студии во странство. Тоа се деца кои сакаме да ни се вратат дома, оти ни требаат. Тоа се деца кои полагале испити за познавање странски јазици и дополнително се образувале. Година и пол однапред си го планирале животот. И како ќе биде награден нивниот ентузијазам и извонредност? Ќе ги примат на некој престижен универзитет во странство, а дома ќе им го загорчи животот некој службеник кој баш во мај, пред крај на учебната година, решил да бара поголема плата. Сега му е мајката! Да ги испрчиме децата како штитови на барикадите.
Па после, УНИЦЕФ ќе ни прави истражувања дека децата ни биле под стрес поради лажните најави за бомби во училиштата. Не, бре. Тоа отсуство од настава е ништо во однос на стресовите што допрва им претстојат кога ќе се соочат со уписите, пријавувањето испити, непотизмот на факултетите, корупцијата, партиските списоци за студентски домови и стипендии, неорганизираниот јавен превоз, партизираните професори, партизираната студентска администрација…
Вистински испит на зрелоста е кога ќе се погледне матурското табло на средното училиште во Македонски Брод, на кое со фотографии се претставени 8 матуранти од гимназија и тројца од смерот за угостителство и туризам. Вкупно 11 матуранти на сликата. И 23 професори.
Тоа табло нека си го закачат во Државниот испитен центар. Како потсетник за вработените дека тие постојат заради децата. Ако ги нема децата, ни тие нема да постојат.
2 Ај што вработените во испитниот центар решија да штрајкуваат за поголеми плати и свесно ги искористија децата за уцена, туку и двете министерства – за финансии и за образование свесно ги жртвуваа децата затоа што три недели ги игнорираа барањата на штрајкувачите.
Ама па, зошто власта би се вознемирувала за 20.000 деца на кои им се искомплицирале животните планови и за дваесетина наставници кои бараат поголеми плати? Нивните министерски плати се веќе зголемени за 78 насто.
Единствен немир им предизвикуваат новинарите кога ги прашуваат колкави им се сега платите, по покачувањето за кое ете, и тие не се среќни дека го добиле, ама морале да го почитуваат Уставниот суд. Инфлацијата е двоцифрена, со месеци ни кажуваат дека сме во криза, замрзнуваат, одмрзнуваат цени, па пак ги замрзнуваат… Еј, грав нема во продавница, на црно се продава, а тие си земаа 78 насто повисоки плати, сами си ја поттикнуваат инфлацијата и – мува не ги лази.
А и зошто би ги лазела? Не само што си ги дигнаа платите, туку и не знаат колкави им се. Еден министер одговара дека му ги украле кредитните картички па не може да провери состојба, друг вели дека не знае математика, трет нема увид во банкарската сметка… Кој вработен човек не знае колкава му е платата?
И што да каже на ова некој матурант? Испит на зрелоста е кога ќе сфатиш дека треба да фатиш џаде што побрзо можеш. Море не првиот авион, пешки ако треба ќе си го фатиш патот.
3 Премиерот Димитар Ковачевски во Вашингтон се сретна со државниот секретар Ентони Блинкен. Уште не беа стигнати соопштенијата на Стејт департментот и на Кабинетот на премиерот, кога стаса соопштение од Кабинетот на вицепремиерот Артан Груби. Соопштението има наслов: „Став на Првиот потпретседател на Владата во врска со средбата Ковачевски – Блинкен“.
Кога го видов насловот, си помислив готово, паѓа владата, се скараа во коалицијата за стратешкиот партнер. Зарем, вицепремиерот има различен став од премиерот за средбата во Стејт департментот?
Божем во Вашингтон не бил премиерот на Македонија, туку на некоја друга држава, па вицепремиерот на Македонија има став за таа посета. Божем Ковачевски е во една влада, а Груби во друга.
Отишол премиерот во САД и се сретнал со Блинкен. Ама да знаете дека има и Прв вицепремиер. И дека и тој има став.
4 Случајно се погодив да бидам во Сараево на 9 Мај, Денот на Европа. На главната улица во центарот на градот што уште го носи името на Тито, тамошната Делегација на Европската унија организираше прослава, со европско знаме, со концерт, со рефлектори, со дронови, со сè како што треба. Настанот беше најавен како „Прва прослава на Денот на Европа во Босна и Херцеговина откако лани стана кандидат за членство на ЕУ“.
Не би сакал да ги разочарувам моите сараевски пријатели, ама ќе имаат тие уште многу години за славење. А и Европската комисија уште отсега нека им одвои пари во буџетот за прослави на Денот на Европа. Еве, ние се изнаславивме веќе 18 години. Децата што се родени во 2005, кога Македонија го доби кандидатскиот статус за ЕУ, оваа година стануваат полнолетни. Некои од нив веќе и ќе гласаат во некоја земја на ЕУ, ако нивните родители подобро го процениле времето на чекање па навреме заминале од Македонија. Тие пак, на чиишто родители прославите на Денот на Европа им давале надеж дека Македонија нема вечно да биде кандидат, имаат шанса, сега по матурата, да го коригираат оптимизмот на нивните родители и да си заминат. Па да си го слават Денот на Европа во ЕУ.
Ние ајвар ќе им праќаме. Да почастат.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST