КЛУБ АКАДЕМИЈА

| 18 октомври, 2024

Премиере, власт си, седни и напиши го писмото до ЕУ. И завери го во Собранието пред да го испратиш.

1 И сега, што? Премиерот Мицкоски вели дека има дилема дали воопшто да праќа писмо до Европската унија со неговите предлози за откочување на преговарачкиот процес. Беше во Берлин, таму се видел со германскиот канцелар Олаф Шолц, плус и некој министер од Франција му пренел и лична порака од Макрон, па и со други некои европски лидери претходно се имаше сретнато и сега вели:  „Имам лична дилема, бидејќи таму имав можност сите да ги запознаам со најголемиот дел од содржината на писмото“. А и Урсула фон дер Лајен идната недела ќе доаѓа во Скопје па и на неа лично ќе ѝ кажел.

Зошто се откажува од писмо? Писмото е документ и остава пишана трага, а муабетите по европските престолнини се ветер во магла. Синким, тие таму само Мицкоски го имаат на ум и ќе памтат што им кажал. Башка што ни Шолц, ни министерот на Макрон, а ни другите со кои премиерот имал „квалитетни, плодни и содржајни средби“, не се вечни. Утре ќе бидат заменети со други политичари. Или, писмото со предлогот внесувањето на Бугарите во Уставот да биде веднаш, ама да важи откако Бугарија ќе го потпише пристапот на Македонија во ЕУ, е наменето за општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ, а не за Брисел.

Мицкоски на домашната јавност ќе ѝ кажува „Не виткаме кичма“, а ваму нема храброст да свитка хартија и едно писмо да напише. Наместо да фрла досетки „само опозицијата ќе биде разочарана што тој ќе ги штити националните интереси“, нека го викне Венко Филипче заедно да го напишат писмото. И вмровци и сдсмовци и сите други сме заглавени  во истава европска дупка, од каде тоа дека некој ќе се разочара, а некој ќе се гордее? Бугарите се отепаа од пишување резолуции за Македонија, дури во Собранието изгласаа и дека Македонците и македонскиот јазик не постојат и со тој документ мавтаат во Брисел, а ние не можеме едно писмо да напишеме, и да кажеме кои сме, што сме, што бараме, што ќе направиме и кои ни се стравовите од Бугарија.

Така што, премиере, власт си, седни и напиши го писмото. И завери го во Собранието пред да го испратиш. Што можеме да изгубиме повеќе од времето што веќе сме го изгубиле на патот кон ЕУ?

2 Искрено, не знам на што Мицкоски го темели оптимизмот, оти додека тој ни раскажуваше како си поминал во Берлин, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на прес-конференција со македонскиот министер Тимчо Муцунски изјави дека сè додека во ЕУ се одлучува едногласно, Македонија мора да ги почитува компромисите и да ги вметне Бугарите во Уставот за да ги почне преговорите со ЕУ. Рече и дека „сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“.

Значи, тоа е тоа. Не се 14 пресуди на Судот за човекови права во Стразбур, па да не мора да се почитуваат. Ова е преговарачка рамка за ЕУ, нешто како камен паднат од универзумот и вечно ќе остане таква. Така што, нам ни остануваат две опции: Или да го смениме Уставот. Или да чекаме ЕУ да си ги смени правилата на одлучување. Не знам само кому повеќе му се исплати чекањето.

Во меѓувреме, премиерот Мицкоски ќе може да го прошири списокот на неправди кои им ги раскажува на странските соговорници. Моравме да смениме име, моравме да смениме знаме, моравме неколкупати да го менуваме Уставот, моравме да смениме банкноти… А некои високи функционери од власта мораа да сменат и пасош. Не им се исплатело чекањето Европа да ги смени правилата.

3 Во Бугарија Македонците не можат да регистрираат ни здружение на граѓани, а кај нас некое здружение на граѓани во Тетово решило да стане Академија на науки и уметности на Албанците. Се снашле луѓето како да си обезбедат пари за проекти и патувања. Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир на прес-конференција се договориле академијата да се финансира од општински пари додека таа не добие државна поддршка. Тројца од здружението беа претставени како идни академици.

Имаше еден ноќен клуб во раните 1990-ти во куќата пред Влада, се викаше „Клуб Академија“. Што чудо академици излегуваа од таму, особено во рани зори, брееј… И јас сум имал обиди да станам академик. Баш беше елитно местото, не можеше секој да влезе во Академија. Мораше пристапна беседа да имаш за да те пуштат на врата. Башка не баравме од никого да ни ја плаќаат киријата и патните трошоци како овие новиве тетовски академици. Сами си ја плаќавме и пијачката.

Ако Општините Тетово, Гостивар, Желино и Чаир  сметаат дека со тоа решаваат еден врвен приоритет на граѓаните, особено на албанските интелектуалци – супер. Нека си ги финансираат.

4 Вака-така ќе се прави и пругата кон Бугарија, ама премиерот уште сега ни кажа дека ќе нѐ чини повеќе од што е предвидено. Математичарот, во интервју за ТВ Сител, пресмета вака: „Моментално, буџетот за реализација на тој проект е 550 милиони евра од коишто 350 милиони се кредит, а 200 милиони се грант. 350 милиони ние ќе ги враќаме. Со тоа што изведувачот има право на пенали и клејмови. Моето скромно инженерско искуство вели дека најмалку уште 200 милиони ќе бидат потребни. Така што од тие 350 ќе дојдеме до половина милијарда пари коишто ние ќе треба да ги платиме“.

А моето уште поскромно инженерско искуство, пак, прашува: А зошто на изведувачот да му се плаќаат пенали и „клејмови“? И од каде баш 200 милиони евра, а не помалку или уште повеќе? Прашањата се од нашето скромно инженерско искуство – „Миле ми текна!“, „Да не е многу?“,„Ич не си дил ориентид“ и „процент за жутите“ – што го стекнавме кога ги слушавме прислушуваните разговори за автопатот Кичево-Охрид.

Мицкоски кон крајот на август изјави дека му нуделе мито за да помине тендерот за пругата кон Бугарија. Не кажа кој и колку сакал да го поткупи, ама рече: „Знаеме како оди тоа преку канали“.

Во Обвинителството уште не добиле пријава дека некој сакал да го поткупи премиерот. Не знаеме „како оди тоа“. Ама еве знаеме колкава е сумата. 200 милиони евра.

А знаеме и дека премиерот смета оти корупцијата е природна состојба.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST