КАФЕТО НА ОРБАН

| 15 декември, 2023

Најстрашно е што наместо да направи саглам држава, власта нѐ доведе до дереџе иднината на државата да ни зависи од некоја промена на Устав за некоја замислена иднина во ЕУ.

1 Значи, Украина што е во војна со Русија и Молдавија што нема контрола на целата територија може да почне безусловни преговори со ЕУ, ама Македонија без Бугари во Устав не може. Не дека им завидувам на Украинците и на Молдавците. Скраја било. Фино ни е нам вака, со закочени преговори, само нека нема војна.

Ама, што убава порака испрати Европската унија до македонската јавност: Кога ве теравме да го смените името, ве излажавме дека ќе ги почнете преговорите. Ама не сме ви ние криви што ни верувавте. А уште помалку сме ви криви дека имате власт што најпонизно прифати услов за почеток на преговори да биде нешто за што не беше сигурна дека ќе го исполни – уште една промена на Устав. Па сега уште и ни викаат: Сами си го поставивте условот. Подобра преговарачка рамка нема да добиете. Вашата власт си ја потпиша.

И така е. Значи, можело да се изгласа едногласна одлука и кога некоја земја се заканува со вето. Ете, овој пат во Брисел можело Шолц да му каже на Орбан, ај сега оди ти надвор да пиеш кафе, за другите 26 земји  едногласно да изгласаме преговори за Украина. Ама нашиве власти никому не дадоа шанса да му каже на Радев да излезе да испие кафе. Сами побрзаа да си се зафркнат со понижување. Леле, леле, немој да ни се налутат Бугарите. Леле, леле, немој да го навредиме Макрон. А дома што нѐ изналутија, баш им беше гајле. А дома што нѐ изнавредија, баш им беше гајле. Сите што им викаа уште од првиот ден дека францускиот предлог едноставно е  неспроведлив, беа обележани како антиевропејци.

Не ни е ЕУ виновна што си имаме власт што се фати за тоа што мислеше дека ќе  ѝ биде најлесна работа – ќе збориме за ЕУ, ќе ветуваме ЕУ иднина, ќе си раскажуваме бајки по трибини, ќе се сликаме во Брисел, ќе поткупуваме пратеници, ќе оцрнуваме противници, а за потешката работа не ни мислела да се фати. На пример, да се бори против корупција. Не само што не се фати. Туку далдиса од крадење.

Власта играше само на картата на ЕУ и внесувањето на Бугарите во Уставот. И сега? Што правиме? Седум години поминаа и уште не се освестени дека ја пропуштија шансата што им ја дадовме да направат нормална држава. Додека зборуваа за европски вредности мислеа само на европските пари и пресметуваа провизии. И ај сега, ќе бараме непријатели. Мрачни сили.

Им дадовме седум години од нашите животи да направат саглам држава која нема да зависи од тоа дали Бугарија ќе стави вето, или не. Најстрашно е што нѐ доведоа до дереџе иднината на државата да ни зависи од некоја промена на Устав за некоја замислена иднина во ЕУ.

А тоа што во Брисел од 2005 година ни кажуваат гачки дека дали ќе нѐ примеле во ЕУ зависело само од нас, нека им го раскажуваат на овие поновиве ЕУ кандидатки, додека уште ги држи ентузијазмот. Дали ќе нѐ примат во ЕУ не зависи од нас. Зависи од 27 земји со 27 интереси. Среќа што Велика Британија излезе од ЕУ, инаку ќе беа 28. Ама, дали ќе направиме нормална држава зависи од нас. Држава во која ќе се цени чесност, способност, држава која дава еднакви можности за секого, без разлика на етничка, партиска или непартиска припадност и држава која неселективно казнува за криминал и корупција. Само тоа треба.

ЕУ си ја заврши работата со кафето на Орбан. Нашата власт дома не си ја заврши работата.

2 Искрено, по 30 години мечтаење за ЕУ, пишувања за ЕУ и разочарувања од ЕУ, мене ЕУ веќе не ме загрижува. Вистинската грижа ми е како политичарите не си ги сфаќаат сериозно граѓаните.  Што ќе биде темата на изборите напролет? Европски фронт, наспроти руски фронт? Едните ќе зборуваат за мрачни сили, другите за предавници?

Тоа е обично продавање магла. Бегање од вистинската тема. А вистинската тема е дијагноза – епидемија на корупција, како што ја даде американската амбасадорка Анџела Агелер.

Димензиите на таа епидимија станаа животозагрозувачки за државата. Тоа го покажува и последниот случај со уривањето во Старата скопска чаршија, од злосторничко здружение создадено за уништување културно наследство за пари. Не се тоа обични партиски војници, лепачи на плакати унапредени во референти за што и да е, ставени само за да земаат плата и да му бидат лојални на лидерот. Тоа се луѓе со професија. Осомничени се еден сегашен и тројца бивши директори на институции. И тоа не на било кои институции, туку на Конзерваторски центар, Управа за заштита на културното наследство, Катастар и Претпријатието за државен деловен и станбен имот. Ние сме им давале плата да ни го заштитат културното наследство. А тие за екстра профит, го уништувале културното наследство.

Власта наместо да ја заузда епидемијата, уште и ја разгори со промените на Кривичниот законик со кој се намалија казните на функционерите и побрзо им застаруваат делата. А сега во Собранието е предложен и нов закон за уште едно легализирање на сите, ама баш на сите дивоградби во последните 11 години.

Оваа епидемија на корупција добива размери на зомби апокалипса.

3 Во земја што е пред зомби апокалипса од корупција, има и бизарни примери на демократија.

Дванаесет дена пред да ја убие 14-годишната Вања, Љупчо Палевски-Палчо како претседател на неговата партија Десна поднел иницијатива во Собранието за некаков си референдум. На иницијативата се потпишани и двајца сопартијци што се во притвор како соучесници во убиствата за кои е осомничен Палчо.

Пратениците ќе расправаат за иницијатавата на Палчо на 22 декември. И така, правилото „Сѐ по закон, шефе“ сврти цел круг.

AUDIO PODCAST – АУДИО ВЕРЗИЈА