1 Не е далеку Србија. Не е далеку ни Америка. Еве ја, тука е.
Ќе се вознемириме кога ќе чуеме за незамисливо злосторство, како она во белградското основно училиште каде што 13-годишник со пиштол уби осуммина соученици, ќе се вџашиме дека слично злосторство се повтори само еден ден подоцна во близина на Белград и – ќе си продолжиме да си живееме со нашите испуштени вредности. Најлесно е сега да се мудрува за социјални мрежи, компјутерски игрички и отуѓени деца. Полна ни е устата со национални стратегии, медиумски совети, регулаторни тела, закони за антидискриминација, почитување на различности, закони донесени по брзи постапки… Стотици институции, а институциите не функционираат. Стотици закони, а законите важат за едни, не важат за други. Казни за едни, неказнивост за други. Сè е регулирано, а ништо не е во ред.
Не е до децата. До општеството е. Од основната клетка, семејството во кое се учи домашно воспитување дека се вика „Добар ден“, па сè до највисоката законодавна, извршна и судска власт. Кои се вредностите кои ги промовираме – почнувајќи од градинките, преку школите, сè до факултетите? Кои се нашите херои? Тепачи на жени, силеџии, силиконски убавици што не знаат да сврзат реченица со подмет и прирок и корумпирани сервилни политичари. На кој тон родителите зборуваат со професорите на родителски средби? Како студентите ги омаловажуваат професорите? На што личат расправите во Собранието? Какви се изјавите на политичарите? Какви се прес-конференциите?
Толку гнев, лутина, презир, нескриена омраза и агресија има во целото општество, ние сме темпирана бомба што само што не експлодирала.
Не е далеку Србија. А ако оружје може да е толку лесно достапно за деца, тогаш не е до децата кога ќе се случи масакр.
2 Што ќе им го береме гајлето на комшиите, кога кај нас дома, беззаконието го институционализираат токму тие што треба не само да го штитат законот, туку да го промовираат. Членовите на највисокото судско тело, Судскиот совет што избира и разрешува судии, се заклучија и тајно си ја повлекоа незаконски донесената одлука за разрешување на претседателката Весна Дамева. Повторно ја разрешија, ама сега демек законски и за нов претседател го избраа судијата Сашко Георгиев. На прашањето зошто седницата била затворена за јавноста, новиот претседател рече дека „некои работи не треба да излегуваат во јавност“. Се разбира. Испорачувањето на нарачките се прави во кругот на најблиските. Јавноста не треба да види дали судијата што ги чувал предметите во фиока во Апелација ќе го унапредат во Врховен суд. За таму да ги чува предметите. Таму подолго се чуваат до застарување на делата.
Новиот претседател на Судскиот совет минатата недела учествуваше во незаконското разрешување на претседателката. Си призна дека било незаконско, ама рече дека верува во Господ. Бог да чува! Кај што кршат закони, па уште и богохулие прават. Каква врска има тоа што судијата верува во Господ, ако не верува во право и правдина? Па судиите што ги избира највисокото судско тело, Судскиот совет, не се избрани за да делат божја правда. Белким ги бираат да делат правда според Уставот и законите.
Од ова институционализирање на безаконието ни Господ не помага. Судиите си ги добија зголемените плати и си молчат. Што е само уште еден показател дека зголемените плати не водат кон поголема независност, туку до уште поголема сервилност кон власта и моќниците во бизнисот.
Што е најтрагично, со ова однесување на највисокото судско тело, членовите не пропагираа само незаконитост. Пропагираа и неморал. Да имаа совест барем три проценти, колку што имаат доверба граѓаните во судството, тие досега ќе се самоукинеа. Може да прават штета колку сакаат и кому сакаат. Оти, нели, само Господ е над нив.
3 Поранешен директор на „Комунална хигиена“ од Скопје станал организациски директор на Клиниката за кардиологија. За поставувањето на новата функција, на Фејсбук јавно им се заблагодари на пријателите и „особено за довербата на господинот Али Ахмети“.
Не сакам да грешам душа. Можеби овој доверлив кадар на ДУИ ќе се покаже како способен директор на Клиниката за кардиологија и успешно ќе менаџира набавка на стентови и распоред на дежурства на кардиолози и анестезиолози, како што претходно успешно го менаџирал чистењето на главниот град. Ама кога ќе постигнеш некој професионален успех, логично е да се заблагодариш на родителите што те школувале и воспитувале, на семејството што се жртвува за твојата кариера. Не се заблагодаруваш на некој господин лидер на партија.
Ќе дебатираме и ќе плачеме зошто лекарите и сестрите го напуштаат јавното здравство, одат по приватни болници и се селат во Германија, а ваму некој што е заслужен член на владејачка партија не се ни срами, кога ќе го постават за директор на тие лекари што се чувствуваат понижено баш поради вакви партиски местенки, да му се заблагодари на „господинот“. Дека не напредува во кариерата благодарение на своите способности, образование, вештини, туку затоа што добро се изгребал кај партискиот лидер.
Што поинтензивно гребење кај лидерот, толку повисока функција. Највисока – прв заменик премиер. Или, врати се на точката број 2 – Божјиот Судски совет.
4 Министерот за здравство Фатмир Меџити во Штипската болница на новинарите им изјави: Ако ме прашате дали би сакал да се лекувам во вакви услови, ќе кажам – не!
Браво за министерот. Реално го согледал проблемот. Министерот ја даде изјавата при примопредавањето на 24 болнички кревети што ги донираше Чешката Република. Значи Чешка, како странска држава видела што ѝ фали на Штипската болница и го нашла лекот. А министерот како лекар, даде точна дијагноза. Ама лек не даде.
Кој да го даде лекот? Министерот Меџити е од скоро во Владата. Неговата партија Алијанса пушти орелски нокти за да влезе во Владата. Уценуваа, се караа, се пазареа за министерски места. Зошто? Дека само со уставни измени ќе одат во Европа?
Еве, министерот нека се договори во партијата, пратеничката група на Алијанса да предложи закон со кој ќе се укинат организационите директори во клиниките кои се само за партиски вдомувања. Годишната плата на еден организационен директор ќе се пренамени за многу повеќе од 24 болнички кревети. Платите на секретарката и на возачот ќе се пренаменат за реновирање на нужниците. Службените коли ќе се заменат со амбулантни возила. Така ќе се создадат услови и министерот да не се плаши дека како пациент ќе заглави во Штипската болница, а како лекар-специјалист со ќеф ќе оди таму на работа.
Најдобар попис за потребите на македонското јавно здравство имаат амбасадите на Јапонија, Швајцарија, САД, Германија, Холандија, Шведска….Тие имаат список на сè што нивните даночни обврзници треба да му овозможат на македонското општество. Нашите министри си имаат други списоци. Тие се дојдени со списоци за вработувања. И тоа не колку лекари и сестри треба да се примат, туку колку од нив да бидат Македонци и колку Албанци и кој е од едната, а кој од другата владејачка партија.
Само тие списоци ги интересираат.