ДОПРЕН ГЛАС

| 13 декември, 2024

Па, овие тука не умеат сами ни ѓубрето да си го исчистат. И буквално. И фигуративно.

1 Како рече американската амбасадорка Анџела Агелер, откако американскиот Стејт департмент ги означи поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети за вмешаност во значителна корупција? Ако ние можеме да ги собереме доказите, верувам дека и македонските власти можат.

Можат. Ама не сакаат. Секогаш кога на американската црна листа ќе осамне ново име на македонски граѓанин, се отвара истата дебата која одново и одново буди дополнителни фрустрации. Затоа што зборуваме за сомнежи за кривични дела евидентирани од странска држава. А нашата држава не сака да ги гледа. Си имаме ние и полиција и финансиска полиција и финансиско разузнавање и обвинителство и судии… Си имаме ние и допрени гласови за сомневања за кривични дела. Па, само судијата Беџети беше вест во медиумите кога ги одлагаше процесите против Сашо Мијалков неброено пати, ама нашите гласови се безначајни. Дури откако гласот допре од Вашингтон, Обвинителството отвори предмет. А Здружението на судии се јави дека „ставањето кој било судија на црната листа на САД е сериозен удар врз честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт“.

Ние кога пишувавме за сите ујдурми во Судскиот совет како да се спаси баш „конкретниот“ Беџети, на судиите баш им беше гајле за чест и углед. „Допрениот глас“ тогаш не доаѓаше до ушите на Обвинителството. Не ги фатија тие што зеле мито, а сега се фалат дека ќе ги фателе и тие што го давале митото.

Море, батали угледот, најважно е да не се налутат тие што те штиклирале во партиското тефтерче. Така што, и оваа возбуда околу дополнувањето на американската црна листа наскоро ќе се смири. Артан Груби надвор од ДУИ сега е веќе обичен граѓанин. Што може да изгуби? Нема да може да оди на одмор во Америка. А судијата Беџети во иднина нема да оди на обуки низ американските држави.

Амбасадорката Агелер рече дека САД потрошиле половина милијарда на обуки за правосудството и дека 85 отсто од македонските судии и обвинителите најмалку еднаш биле однесени во САД на обука. Им се погоди инвестицијата. Дупло голо. И за нив. И за нас. Во Америка се обучувале по трговски центри. А дома станаа експерти како ефикасно да ги застаруваат делата во судските случаи.

2 Артан Груби и во писмото со кое се прости од политиката напиша дека сѐ што правел, правел со стратешките партнери од САД. Не е проблем што правел со нивно знаење, туку што правел без нивно знаење. И веројатно сметал на нивната поддршка сликајќи се со американските знамиња. Не верувам дека Американците не ги имале собрано доказите за него и додека беше вицепремиер. И тоа – прв вицепремиер. Сега не е на власт, па му дојде и нему редот да им се придружи на останатите означени звучни имиња од македонската политичка и бизнис елита.

Заштитата, која Груби ја злоупотребуваше, демек Американците се со мене, падна кога и тој падна од власт. Искрено, би сакал да верувам дека со ставањето на црна листа на висок функционер  на ДУИ, и тоа особено влијателен како што е Груби, американската администрација испраќа порака и дека политичките лидери на Албанците во Македонија не треба да сметаат на бланко поддршка, колку и да ги вејат американските знамиња.

Амбасадорката Агелер рече дека означувањето на Груби и Беџети од Стејт департментот е доказ дека политичкото влијание во судството не може и нема да се толерира. Значи – рацете подалеку од судството. Па, судство е и Уставниот суд пред кој ДУИ по којзнае кој пат го започна процесот на закани со војна ако се расправа за законот за јазиците. Во која држава Уставен суд не разгледува уставност на закони? И каква е таа будалаштина дека Уставниот суд не смее моноетнички да одлучува за прашања што ги засегаат Албанците? Тие луѓе што седат таму, уставни судии ли се, или се Македонци и Албанци? Што расправаат? Дали нешто е уставно или противуставно или за личните чувства си расправаат, кој е голем Македонец и кој е голем Албанец? Значи, малку ни се посебни универзитети, школи и градинки, ај сега и посебни судови за Албанци да направиме. Што е следното? Посебни болници?

Ако не, па ајде да го укинеме Уставниот суд и да го оставиме само Али Ахмети таму во шаторот, бидејќи тој најдобро знае што е уставно.

Малку, малку, штом ДУИ не е на власт, одма со војна се закануваат, одма чизмите од таван ги вадат, ножевите ги острат, пушките ги чистат… За волја на вистината, и ВМРО-ДПМНЕ убаво си се храни со тие закани. Од првиот ден откако стана премиер, Христијан Мицкоски не престана да зборува за дестабилизација. Позната ни е таа ситуација. ДУИ се заканува. А ВМРО-ДПМНЕ нѐ плаши со заканите на ДУИ и ни се фали дека ќе нѐ брани.

Туку, дај да не отвораме стари рани, од типот на Диво Насеље. Уште не се залечени. И уште болат.

3 Скопскиот Аквадукт, споменик на културата од 6. век кој е од особено значење и белег на главниот град, ќе биде реставриран со грант од 205.000 долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков го посети акавадуктот заедно со американската амбасадорка Анџела Агелер.

Арно ама, на сликите што ги видовме, околу Аквадуктот имаше купишта ѓубре.

Е тоа сме ние. Доаѓаат странци да ти дадат илјадници долари за да си го заштитиш своето историско и културно наследство и ти ги пречекуваш со – ѓубре. Дури ни еден министер, во случајов за култура и туризам, не е моќен да го покрене системот, барем да го подготви теренот за на чисто да го прифати подарокот од некои даночни обврзници на некоја друга земја.

Можеби требаше прво шведската амбасадорка со тимот од амбасадата, како што правеа порано, да оди лично да го собере ѓубрето околу споменикот, па после министерот да оди со американската амбасадорка да прими 205.000 долари.

И што си вика американската амбасадорка кога го гледа ѓубрето околу споменикот?

Леле мајко, во каква дупка ни одат парите. Исто како парите за обуките на судиите и обвинителите.  Па, овие тука не умеат сами ни ѓубрето да си го исчистат. И буквално. И фигуративно.

АУДИО ПОДКАСТ