1 Дали политичките партии толку ги потценуваат гласачите, или гласачите сами себеси се потценуваат ако во предизборна кампања паѓаат на маички, капчиња и тефтерчиња што во некои ќесички им ги делат министрите и високите функционери на владејачката партија и партиските функционери од опозицијата?
Па тие поклончиња се купени со наши пари. Тоа се пари од државниот буџет што партиите ги добиваат за избори кои ние сме им ги обезбедиле уредно плаќајќи си даноци и придонеси. Значи, ни даваат подароци кои сами сме си ги купиле. Сами сме си ги платиле, дури и преплатиле. Оти којзнае колку некој партиски се офајдил за да ги наполни ќесичките со пенкалца и запалки.
Независната кандидатка за градоначалничка на Битола Габриела Илиевска вели дека „не може во 2025 година уште да нѐ лажат со стила и чакмаци“.
Е како не може? Мислам дека станува збор за двострано самозалажување. Политичките партии нѐ лажат дека нешто ни даваат. А ние, кога ќе им го примиме ќесичето со дребулии се лажеме дека нешто сме им зеле. Ако ништо друго, барем да си ја дополниме колекцијата на пенкалца од претходните избори.
Сепак, мислам дека во 2025 година граѓаните се свесни оти партиите ги лажат. Ама си ги прифаќаат подароците. Работава е – дај што ќе дадеш. Кога не сте ми ги закрпиле дупките на улицата и не сте ми го собрале ѓубрето, барем пенкалце и тефтерче сте ми купиле од моите пари.
Ќесичката брендирана со името на партијата е единственото нешто опипливо и конкретно што ќе го добиеме на овие избори за сопствените пари.
2 Занесени од чакмаците и стилата, сме заборавиле што ни ветуваа истиве градоначалници во 2021 година и нивните лидери пред само петнаесет месеци. Па, лани гласавме. Имаат ли нешто ново да ни кажат? Оти снимиле нов спот? И нов билборд испечатиле?
Да не ги завршија проектите што ни ги ветуваа пред четири години, па сега ни ветуваат нови?
Еве на пример, има ли некој кандидат за градоначалник на Скопје, кој откако живееме во повеќепартиски систем, повеќе од триесет години нема ветено дека ќе го врати сјајот на скопската Стара чаршија? И со секои избори, Чаршијата не само што го губи сјајот, туку ја губи автентичноста. Уште отсега сум уверен дека и во 2029 година кандидатите за градоначалник на Скопје ќе ветуваат враќање на сјајот на Чаршијата.
Изборниве кампањи се како партиите да се пуштени на автопилот. Наполни автобусите, прошетај ги истите луѓе, подели им знаменца да мафтаат и аплаудираат, подели некој сендвич и пенкалца и ветувај паркови, градинки, клупи, базени, велосипедски патеки… Колку паркови ветија, нема да има место каде да ги сместат. Оти ги ветуваа и на минатите избори, ама во меѓувреме таму згради изникнаа. И градинки ветуваа, ама во меѓувреме родителите и на неродените деца се отселија.
Пробај само да слушаш што ветуваат и овојпат, ама да не гледаш кој зборува. Ќе ти се чини како да слушаш една долга реклама од иста партија.
Е како тогаш, кога само во нијанси се разликуваат во изборните ветувања, излезе толку голема омраза? На локални избори ќе одиме, а тие за живот или смрт се расправаат, се пукаат по улици, се тепаат по паркинзи, а на еден кандидат за советник во Виница од иста коалициона листа дури и главата му ја скршија.
Вистинско чудо е како во предизборие толку се мразат, ама кога ќе седнат во општинските Совети си се засакуваат. Штом почнат да го делат изборниот плен, забораваат сѐ што ветувале за општо добро.
3 Болните од рак на мозок по два месеца чекаат резултати од магнетна резонанца на државната Клиника за радиологија.
Онколошките пациенти час имаат, час немаат терапија. Се повторуваат истите тажни приказни: има лек, нема лек, распишан е тендерот, не е завршен тендерот, тече рок за жалби, има замена, нема замена…
Зошто е сѐ исто? Нели ветуваа промени? Каде се промените? Мислевме дека кога ветуваа промени знаат како да ги направат. Поминаа 15 месеци. Ќе поминат и овие избори. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека кога ќе се видат резултатите од Локалните избори, можеби ќе размислува за предвремени Парламентарни избори. Пак пенкалца, пак тефтерчиња, маички, капи, и уште десетици милиони евра фрлени на празни зборови. И дополнително изгубено време за макар малку да почне да се оправа растуренава држава.
Нека прошетаат малку министрите и директорите на јавните институции по болниците. Ама не меѓу лекарите коишто во работно време му аплаудираат на некој кандидат за градоначалник дека ќе им санирал потпорен ѕид зад Клиничкиот центар, туку меѓу пациентите што чекаат по ходниците. Да ги прашаат дали ним им е дојдено до пенкалце и запалка. Наместо ќесички, нека им делат ваучери со термини за преглед.
4 Ај да се кладиме уште отсега: Дали Данела Арсовска ќе се појави на примопредавање на функцијата кога ќе се избере новиот градоначалник на Скопје?
AUDIO PODCAST