БИТКА ЗА РЕФУС

| 29 март, 2024

Рингишпилот пак доаѓа сретсело. Порано се возбудувавме, сега не го есапиме.

1 Не знам дали е до тоа што Македонија е мала, па сите на некој начин се познаваме, дали е до заморот од веќе тридецениската транзиција и разочараноста дека многу тешко мрдаме, или едноставно е до годините, ама искрено, мене овие избори ми се многу здодевни. Еден пријател ми вели дека му се како рингишпил што дошол сретсело. Порано му се радувавме, сега веќе не го ни забележуваме.

Сѐ е веќе видено, па и  ова престројување на малите партии кои досега биле во коалиција со власта. Сега, кога гледаат дека опозицијата има изгледи да победи, ѝ се закачуваат да ги стави на некоја листа за пратеници, па после, здравје боже, може и некое место за заменик-министер ќе се најде, директор на некое претпријатие, што да е.

Ги викаат сателитски партии. Ама пак, сателит е сериозна работа. Треба на ракета да се качи. Зарем која било  од овие големите партии ви личи на ракета во држава во која две и пол години се реконструира автопат од пет-шест километри од Петровец до Катланово? Значи, еве не зборуваме за Охрид-Кичево, оти и тоа е веќе здодевно. За пругата кон Бугарија, пак, ич муабет не правиме. Еве, за прав пат зборуваме. Во нива, на рамно, без мостови, без тунели, без ништо. Ма, какви сателити? Тоа се рефус партии. Носат неколку стотини гласови, па на големите им требаат за да не им се растураат. Се знае како е купувањето рефус на пазар. Дај топтан, па еве ти еден пратеник.

Тука нема визија, нема програма, нема ентузијазам, желба да се направи нешто за државата. Ова е најобична битка за вработувања со плата на товар на даночните обврзници. Некој ќе добие директорско место, а некого ќе го вработат да ниша врата. Едниот ќе мести тенедри, ќе има службена кола, ќе тргува со влијание, ќе зема дневници, ќе патува за Брисел да учи што е ЕУ, друг пак, ќе се спаси од сиромаштија со солидна државна плата, гарантиран одмор, слободни денови и празници. Така што, ова не е битка за гласови. Рефусот нема идеологија. Ова е битка за пари.

2 Повеќе од 33 години ја пишувам колумната и честопати се навраќам на старите за сегашноста да ја погледнам од „историска перспектива“. Да видам дали времето само тече, или нешто се менува. Си ги препрочитувам моите стари колумни. Се обидувам да направам споредба на слични ситуации во минатото.

Прочачкав низ архивата од 2006 година. Кога Никола Груевски го обои ВМРО-ДПМНЕ во портокалово и ни ветуваше „Преродба во 100 чекори“. Па го слушам сега Христијан Мицкоски со „Платформа од 1.198 проекти“, како ни ветува промена. Егзактни се. Не се 1.200, да не преувеличуваме. Ќе баталат и саботи, и недели, и Велигдени и Бајрами, по еден проект дневно за четири години ќе остваруваат. Со истите луѓе што нѐ отепаа со преродбата и без ниту едно извинување за сите зла што ѝ го приредија на државата за време на 11-годишното преродување додека „реформите победуваа“.

Ја најдов во архивите и изјавата на тогашниот премиер Владимир Бучковски од СДСМ, дека „проширувањето на ЕУ е нејзин проблем, а не наш“. Па сфаќам дека и тогаш СДСМ се фатила за ЕУ како пијан за плот, исто како сега што се фатиле Димитар Ковачевски и Бојан Маричиќ. Им фалат уште некои Португалци, кои тогаш во предизбортната кампања промовираа хотел во Отешево не со пет, туку со шест ѕвезди. Си игравме мајтап дека шестата звезда е затоа што „и Сонцето ќе стане ѕвезда“ во знамето на ЕУ.  Ама, од многу брзање на патот кон ЕУ, нѐ казнија за брзо возење.

На 10 јуни 2006 година сум го запишал и ова: „Пред избори, покрај пари се делат и вработувања во државната администрација. Пред четири години примаа ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, сега примаат СДСМ и ДУИ. Не знам само уште колку луѓе може да примат на државни јасли. Има ли место за сите? На крај ќе мора да дојде некој да ја купи Македонија и да ги избрка сите од работа како од приватна фирма. Разликата во вработувањата од пред четири години и овие сега се што СДСМ не смее да му каже ‘не’ на ДУИ. Па на сите конкурси мора да се примаат Албанци. Македонците поднесуваат документи, ама џабе им е. За нив повеќе нема место за државна служба. Во некоја нормална држава ова што сега се случува со конкурсите би се нарекувало – дискриминација. Ама кај нас дискриминацијата има друг збор. Таа се вика ‘соодветна и правична застапеност’”.

И уште нешто: Се потсетив дека тогаш во жестока кавга биле Али Ахмети од ДУИ и покојниот Арбен Џафери од ДПА. Имало и некакви пукања, па тогашната амбасадорка на САД Џилијан Миловановиќ и амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере одеа по селата да им укажуваат на локалните водачи дека е подобро за нив да не користат оружје. Ама, пак, сум си рекол: „Што да ги жалам.Тие сами си ги созадоа овие албански лидери, сами нека си се справуваат со нивните бели“. Али Ахмети тогаш имаше изјавено дека дека „инцидентите се лоши за Албанците, но и за финалниот статус на Косово”.

„Ни луѓето на Али Ахмети, ни луѓето на Арбен Џафери не сме ги виделе дека веат македонски знамиња. И кога протестираат за човекови права и кога се тепаат со пиштоли меѓу себе, во секоја прилика си го веат албанското знаме заедно со знамињата на САД и ЕУ. Каде е Македонија во нивната приказна?“. Ова е објавено на 1 јули 2006.

После изборите, кога Никола Груевски не сакаше да ја земе ДУИ во Владата, Али Ахмети се закани: „Ако ДУИ не биде дел од власта, односно ако не се испочитува волјата на мнозинството, кое гласаше за коалицијата ДУИ-ПДП, идната влада ќе има проблеми со албанскиот народ”. Ова е објавено на 22 јули 2006.

А на 29 јули истата година сум го забележал и ова: „Бугарија направи скандал кога се закани дека нема безусловно да ја поддржува Македонија за ЕУ и НАТО ако продолжи агресивно да се меша во историјата и нацијата“.

Децата што се родени таа 2006 година сега полнат 18 години. И би гласале. Уште само државата да им беше способна да им обезбеди лична карта.

Ех, кога би паметеле повеќе… Можеби во Македонија ќе беше подобро.

АУДИО ПОДКАСТ