БАШ МИ Е ГАЈЛЕ

| 10 февруари, 2023

Чуму ти се Бугарите во Уставот ако не можеш да спасиш 130 болни луѓе?

1 Oвој ќе бил министер за ова, а оној ќе бил министер за она, министерското место за тоа ќе ѝ припаднело на оваа партија, а заменичкото на онаа партија, па после директорските места ќе ги поделеле овие со оние… Вести од рубриката „Баш ми е гајле“.

Стварно, дали на власта ѝ е јасно дека веќе баш ни е гајле кој ќе биде нов министер? Небаре е многу важно која партија ќе го земе, еве да речеме, Министерството за правда, кога ионака нема правда. Божем е многу важно кој ќе го земе Министерството за здравство, кога нема јавно здравство.

Баш ни е гајле за нивниот пазар.

Зошто? Затоа што не ни треба премиер кој ќе покаже гнев и разочарување дека не функционира системот кога некој ќе почине затоа што државата не му обезбедила лек, и ќе каже дека тоа не смее да се повтори. Ни треба премиер кој ќе каже: направив ова и ова, направив вака и вака, и тоа веќе нема да се повтори.

Не ни треба министер за здравство кој после години и години протести, средби и молби на 130 болни од цистична фиброза ќе каже дека „ги детектиравме членовите на три закони кои треба да се изменат“. Што направи министерот освен што ги детектирал членовите на законите? Ги седна ли стручните служби, напишаа ли нешто, предложија ли измени, ги ставија ли во владина и собраниска процедура измените? Па самото Министерство детектирало дека од тие 130 болни од цистична фиброза осуммина се критични. Како што кажува самиот збор – критични се, немаат време за чекање.

Не ни требаат ни пратеници кои, дури и да дојдеа законите во Собрание немаше да се соберат да ги изгласаат. Ќе се надмудруваа, ќе се пребројуваа, соберете се ако имате мнозинство, за инает не ви се појавуваме во салата… Ќе требаше во секој член од законот што треба да се изгласа да им се додаде уште една реченица со која ќе им се дадат нови привилегии, па само така пратениците ќе се собереа на работа. Забележувате, нели, дека ние не ни имаме Собрание. Џабе ги плаќаме. Се сеќавате ли кога се собрале пратениците? Ни за седница за пратенички прашања веќе не се појавуваат – толку ги мрзи да работат.

А СДСМ со цел капацитет се фрлени на пазарење. Цел месец – Таравари, маравари, Централен одбор, Извршна канцеларија, овој се сретнал, оној се сретнал, овој ќе влезел, оној ќе излезел, а ако некој не ги добие бараните места ќе била загрозена европската перспектива на Македонија. Драма од европски, а богами и евроатлантски размери.

Новото мнозинство ќе било „за реформи, економски политики и интеграции во ЕУ“. Повеќе време потрошија да го смислат името на пазарот, отколку што седнаа нешто да сработат.

На крајот на краиштата, ако пазарот е за ЕУ, дали ќе има лекови? Чуму ти се Бугарите во Уставот ако не можеш да спасиш 130 болни луѓе?

2 Кога излегувавме на гласање, избиравме некој да владее, а не да се пазари.

Добро утро за Димитар Ковачевски, кој по една година како премиер кажува дека „така функционира нашата држава, поточно, така не функционира нашата држава“, критикувајќи ја „бирократијата која стравотно размислува зошто нешто не може да се направи, која речиси никогаш не размислува зошто нешто треба да се направи, која нема ништо против да почека луѓето да страдаат“.

Ништо не ни значи неговото признание дека „бирократијата не се луѓе од друга планета, бирократија сме сите ние и редно време е да се соочиме со тоа“.

Кој да се соочи? Оние 130 болни од цистична фиброза кои со години молат државата да им го обезбеди лекот за да преживеат? Болните од рак, за кои нема лекови по хемотерапијата, секојдневно се соочуваат со тоа на Клиниката за онкологија.  Сите ние, секој ден, на овој или оној начин, во ваква или во друга прилика, се соочуваме со неодговорната бирократија.

Ама, бирократија не сме сите ние. Вие сте бирократија.

Речиси осум години се поминати од првиот протест на кој се бараше правда. Не излегувавме „секој ден во 6“ за по осум години власт премиерот да ни каже „вака веќе не оди“. Секој ден одевме на протести, за повеќе да нема владеење со кое ни се загрозува животот.

Нека се потсетат тогашните револуционери кои добија одговорни раководни места во власта како тогаш прашуваа „кој ќе ја преземе одговорноста“ и ветуваа дека „не смее да се дозволи вакво нешто да се повтори“. Многумина од нив кои тогаш се бореа за правда сега се во позиција да сменат нешто. Со години седат во институции кои требаше да ги направат промените: Собрание, Влада, министерства, општински совети, јавни претпријатија, агенции, државни фирми, регулаторни тела… Па, тие се луѓето што секогаш бараат оправдување зошто нешто не може да се направи, наместо да го направат.

Ама, што е сменето во секојдневната живеачка, освен тоа дека премиерот се налутил?

3 Добро, има уште една многу значајна промена – зборовите „бугарски“ и „фашистички“ не смеат да стојат заедно во иста реченица, затоа што не се во согласност со евроинтеграциите, реформите и економските политики.

Па така, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одбележувајќи ја 79-годишнината од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош, на Фејсбук напиша дека „во еден студен февруарски ден 1944 Карпош загинува од фашистичкиот куршум на непријателот“.

Тоа доволно поетски звучи за да биде во духот на добрососедството. Кој бил фашистички непријател на македонските партизани во 1944? Од каде дошол куршумот од кој загинал Карпош? Прецизно кажано, во еден студен февруарски ден 1944, Хитлер правел ергенска вечер во некој дворец во Баварија и од што се веселел дека ќе ја земе Ева Браун за жена, се опијанил, земал шмајзер и неконтролирано пукал во воздух. Од пукотниците на Хитлер еден заскитан куршум го погодил Карпош и ете белја – сега и тој безначаен инцидент може да се појави како пречка за интеграциите во ЕУ. А богами, и за реформите и за економските политики на новото парламентарно мнозинство.

4 Но, од напорите на патот кон ЕУ, немој случајно да ја заборавиме и Америка.  Владата, го утврди Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог со САД. Од списокот на стратешки желби, министерот Бујар Османи потенцираше дека „ќе се заложиме за воспоставување директна авиолинија Скопје-Њујорк“. Ама, мене повеќе од тоа што ќе летнеме во Америка ме возбуди неговата изјава дека ќе ги достигнеме критериумите што треба да резултира и со укинување на американските визи.

Прилично реален список на желби на Влада на земја во која американската администрација испраќа специјални тимови од Вашингтон за истражување корупција, а американската амбасадорка секој ден се заканува со црни листи на корумпирани функционери.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST