АПСУРДЕН ПРЕСВРТ

| 22 март, 2024

Граѓаните не се важни.

1 Стејт департментот на САД го стави градоначалникот на Карпош и кандидат за претседател на државата Стевчо Јакимовски на црната листа, затоа што „бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.  А тој, пак, поднесе кривична пријава против непознат сторител кој го кодошел кај Американците за политички да му наштети.

Американската амбасадорка Анџела Агелер по којзнае кој пат повтори дека „ако можеле во Вашингтон да најдат докази за корупција, тогаш добар обвинител би можел да ги најде и тука“.

Според македонскиот закон, не е виновен само тој што прима, туку и тој што дава мито. И кога веќе Американците ни кажуваат кој го примил митото, тогаш и не мора да е којзнае колку добар обвинител што би можел да открие и кој го дал митото. Барем во случајот на градоначалникот на Карпош, тие згради што ја уништуваат скопската општина со неговото мешање во урбанистичкото планирање, како што велат Американците „за корист лично за него и за неговите соработници“, не се изградиле сами од себе. Има тука сомнежи за злосторничка мрежа на повеќе нивоа – кој гласал во Општината, кој потпишал едно одобрение, друго одобрение, технички прием, кој купил стан во тие згради и под какви услови, дали е владин функционер, од која партија е, дали градежникот е донатор на партијата на угледните станари…

Арно ама, сега Стевчо  му отвори дополнителна работа на Обвинителството.  Наместо нашето правосудство да се занимава со кредибилните информации на Стејт департментот за неговата корумпираност и корумпираноста на неговите партнери, сега ќе  треба да открива дали некој го кодошел и зошто го кодошел.

И така, смислата на американската црна листа во Македонија доби апсурден пресврт.

2 Ова е држава во која стандардна процедура за да завршиш работа во јавна служба е давањето  мито. Ова е држава во која граѓанинот плаќа најмалку двапати, еднаш за платата за државниот или општинскиот службеник, а потоа по системот „искеширај, па ќе завршиме работа“. Затоа, сите предизборни ветувања на партиите што немаат врска со ветувања за одлучна борба со корупцијата се сосема безвредни. Притоа, да не нѐ замајуваат со празни зборови за борба против корупција, па макар ветиле дека ќе постават не еден, туку два вицепремиера за добро владеење.

Јас сум убеден за кого нема да гласам. Ама, не гледам дека некој може да ме убеди за кого да гласам. Едниве ги гледам какви се на власт. Другите ги гледам какви се во опозиција, многу добро ги паметам какви беа кога беа на власт, а и сега ги гледам како владеат во некои општини.

За да направиш избор треба да имаш понуда. Барем засега – понуда нема.

Кампањата официјално не е почната, ама барем тоа што го гледаме досега е само – видете колку се лоши другите. А вие, колку сте добри вие?

3 Не гледам дека некој решил конечно да ја разбие мрежата од партиски крлежи што ѝ ја цицаат крвта на државата. Напротив, партиите се здружија уште повеќе да го зајакнат монополот на владеење со државата. Тие се најважни, со нивните послушници. Граѓаните не се важни.

Додека се занимававаме со пасошка криза, промена на регистарски таблички, американски црни листи и кој што му рекол на политичкиот противник, речиси незабележано помина најголемиот удар врз демократијата во текот на владеењето на коалицијата на СДСМ и ДУИ. Пратениците на владејачките СДСМ и ДУИ и опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, сложно, во една ноќ, по итна постапка го сменија Изборниот законик и го зголемија прагот за собирање потписи за граѓански листи на изборите. Првиот пат кога пробаа, пред две години, се дигна врева, па не им помина. Ама сега, искористувајќи ја кризата со важноста на личните карти за гласање, најподло и најрасипано го прошверцуваа и овој член со кој речиси сосема ќе го елиминираат гласот на граѓанството што не сака да се врзува за ниту една партија.

Ќе си речеш, не работи Собранието. Море, гледаш како работи кога сакаат да се отарасат од тоа што им е најголема болка – никој да не им се меша во нивното „на ти го, дај ми го“.

На локалните избори во 2021 учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини. Вкупно собраа 56 илјади гласови. Излегоа како четврта политичка сила. Повеќе гласови  од нив имаа само ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Сите други партии беа зад нив.

Сега тие потенцијални 56.000 гласови се задушени. Полесно е да собереш 1.000 потписи за да регистрираш партија, отколку 3.000-4.000 потписи за да учествуваш на избори како непартиски.

Станува многу тешко да си граѓанин во оваа земја кој сака да потроши дел од своето време и знаење, без да очекува некој да му ветува вработување, само за да направи нешто добро за заедницата. Едноставно, не вреди.

Најлесно е – влези во партија, дај си го газот под кирија, кревај раце кај што треба и кога треба, има плата, ама ќе има и за мито, партијата ќе те заштити.

Во времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ имаше многу брутални напади на демократијата. Ама, во СДСМ заборавија дека дојдоа на власт токму со поддршката на гласовите на граѓаните што им веруваа дека „ова зло никогаш нема да се повтори“.  Како што се самобендисани и далдисани од моќта и стравот дека таа моќ ќе ја изгубат, не верувам ни дека се свесни каква историска шанса пропуштија.

4 Општина Тетово испрати инспекција во Музејот на тетовскиот крај, каде во во дворот на Меморијалниот комплекс на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) по 19 години беа поставени бистите на народните херои од антифашистичката борба Тодор Циповски-Меџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче. Овие бисти до 2005 година беа поставени на градскиот Плоштад, но кога почна неговото реновирање беа отстранети со ветување дека кога ќе биде завршена реконструкцијата ќе бидат вратени. Поминаа 19 години, се сменија градоначалници од ДУИ, ДПА и од Беса, ама бистите на антифашистите не се вратија на Тетовскиот плоштад.

Во градот познат по стотици дивоградби, во градот кој се задушува во ѓубре и диви депонии, во кој нема редовно снабдување со вода, диво се сече шумата на Шар Планина, Пена се излева од надојдени води од неисчистените канали, на Попова Шапка секојдневно никнуваат дивоградби, општинската власт испрати дури петмина инспектори да се занимаваат со бистите на народните херои од Втората светска војна.

Зошто? Им пречат ли бистите на антифашистите? Зошто? Затоа што во 1944 година биле убиени од балистите?

Повеќе ништо не треба да нѐ изненадува во оваа чудесна Македонија. Во земја во која бугарските фашисти станаа администратори, зошто и балистичките фашисти да не бидат прогласени за борци за слобода?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST