1 Македонија до сега успешно изгради добри меѓунационални односи и во принцип не би требало да има проблем да се внесат и Бугарите во Уставот, како што ќе се внесат и Хрватите и Црногорците. Ама, проблемите што ни ги прави Бугарија нема да престанат со промената на Преамбулата. Затоа што Бугарија едноставно не сака ни да ја види Македонија, а особено не сака да ја види рамноправна со неа во ЕУ.
На ЕУ и на САД веројатно тоа уште не им е јасно. Ама, со целата драма што ја направи Софија по охридскиот кафеански инцидент со претепување на секретарот на бугарскиот клуб именуван по царот што бил фашистички окупатор во Втората светска војна, се надевам дека тоа сознание ѝ станува појасно на власта. И десет пати да го смениме Уставот и сите Бугари по име и презиме да ги наредиме во Преамбулата, Бугарија нема да престане да го кочи нашиот напредок кон ЕУ. Со тоа сознание треба да се живее и да се бара чаре. Да се менува стратегија за зачленување во ЕУ. Оти понижувањата што ќе ги трпиме од Бугарија ќе немаат крај.
2 Многу лековерни излеговме. Француски предлог, не е баш добар, ама добар е, ајде да побрзаме оти на ЕУ ѝ се брза, ајде тоа е најдоброто што можеме да го добиеме, нередниот предлог ќе биде полош, ајде да не ја одвојат Албанија, ајде војна во Украина, брзо, брзо, прифаќај што и да е, па макар тоа предизвикало внатрешна дестабилизација. И сега – тоа е што е.
Смачено ми е веќе да дебатирам на прашањето: А имаме ли алтернатива? Не. Немаме. Нашата цел е ЕУ. И не е прашањето дали имаме алтернатива. Туку како да стасаме до целта. Оти, очигледно е дека овој пат што го одбрала власта не дава резултати. Треба да се менува пристапот. Треба упорно да бараме помош од вистинските пријатели. И треба да се искористат сите домашни умови, а не секој што го критикува овој снисходлив пристап да се обвинува дека е антиевропеец. Во секој случај, алтернативата не може да значи себепонижување.
Уште сега се гледа дека и по промената на Уставот ќе има ново бугарско вето. Тоа ќе го симне СДСМ од власт, ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе се натпреваруваат со популизам и кој потврд национализам ќе пропагира, а ДУИ и останатите партии на Албанците ќе се вратат на воинствената реторика од 2001.
ЕУ ќе добие нестабилна Македонија со засилено проруско влијание. Тоа ли ѝ треба на ЕУ?
3 Не можам да го сфатам сериозно ЕУ амбасадарот Дејвид Гир, а и другите амбасадори на земји членки на ЕУ во земјава, кога ни кажуваат „Од вас зависи дали ќе станете членка на ЕУ“. Не е така. Рековте дека од нас зависи кога го сменивме името, па после излезе дека не зависело од нас.
Ич не си го трошете муабетот. Се виде дека не зависи од нас. Зависи од вас. Тоа се виде дека кога сакате да завршите работа знаете и Румен Радев како да го прескокнете за тајно да се испрати бугарска воена помош за Украина.
Кај сме жртва на моќен непријателски сосед кој не го признава ни македонскиот народ, ни македонскиот јазик, кај уште и ние кабает за тоа ќе излеземе. Исто како што Путин зборува за Украина како братска земја, а не го признава украинскиот народ и украинскиот јазик.
Што зависи од нас, кога ЕУ прифати официјална политика на земја-членка која вели македонски народ не постои, македонски јазик не постои?
4 Па и амбасадата на САД во изјава за 360 Степени, осудувајќи ја изјавата на бугарскиот европратеник Александар Џамбаски, повика на „деескалација на секој агресивен јазик на двете страни на границата“.
Каде видоа Американците „агресивен јазик“ од оваа страна на границата? Сите државни институции и функционери го осудија нападот, болницата го згрижи натепаниот, полицијата го фати тепачот, обвинителството побара притвор, државата го пушти осомничениот за поседување кокаин да се лекува во странство… Бујар Османи ли беше агресивен кога отиде во Софија да го посети претепаниот охриѓанец? Претседателот Пендаровски ли беше агресивен кога не го ни спомена името на европратеникот за кој предложил да се прогласи за персона нон грата? Премиерот Ковачевски ли беше агресивен со некоја изјава, толку атрактивна, што ни цитат за вест не можеш да извадиш? Вицепремиерот Маричиќ ли беше агресивен кога се јави од скринингот во Брисел со фразите за европските вредности?
Додека од оваа страна на границата најљубезно се одговораше на агресивноста на Бугарија, тие го повикаа амбасадорот на консултации како божем да сме излегле со тенкови на граница, а државниот врв се заканува со ново вето. Ако Ангел Џамбаски, кој најавува атентат врз престедателот Стево Пендаровски, и во Бугарија го сметаат за будалетинка, како ли го избрале за пратеник во Европскиот парламент? Случаен човек ли е Костадин Костадинов, лидерот на Преродба со 27 пратеници, кои кога се гласаше Францускиот предлог во Парламентот носеа транспаренти „Македонија е Бугарија“? Слави Трифонов, неважен лидер ли е на партијата што ја урна Владата на Кирил Петков гордо изјавувајќи дека ја урива „поради Македонија“, па сега не треба да се сфаќа сериозно кога вика: „Единствен начин да ги натераме Македонците да нè слушаат, е да се врати ветото за ЕУ“?.
Ало, Софија! Кои сте бе, вие да ве слушаме? Членството во Европска унија ли ви дава за право да давате изјави небаре е 1941, па Хитлер ви дозволил фашистичката чизма на војската на Цар Борис Трети да ја гази Македонија?
Нема тука „агресивни изјави од двете страни на границата“. Има брутална агресија на Бугарија, земја-членка на ЕУ што го негира постоењето на Македонците и македонскиот јазик врз Македонија што сака да стане членка на ЕУ, која недоветно се брани од агресијата по цена на своја штета. Па не може и овој народ вечно да се тормози – ај сменете знаме, ај сменете име, ај сега и етничкииот состав сменете го.
Да ги натераме Македонците да нè слушаат бе!?