АЛО, БУДАЛО

| 30 јуни, 2023

Левичарска власт од црквата направи политички фактор. 

1 Секоја седница на Судскиот совет личи на епизода од сапунска серија и станува сè понапната, со добри изгледи дека кога ќе заврши оваа сезона доживувањата на главните ликови ќе продолжиме да ги гледаме и во следната сезона. Нема крај на серијата „Сите патишта водат кон Судскиот совет“. Па, ликовите во серијата еднаш се во улога на судии против кои се водат претставки за разрешување, а веќе во наредната епизода истите судии стануваат членови на Судскиот совет.

На местото на двајцата членови на Судскиот совет кои си поднесоа оставка сега се пријавени тројца кандидати. За еден од нив, во истиот Судски совет има иницијатива за разрешување од судија. А за другиот во Судскиот совет стасал допис од обвинители со докази за оштетена странка во процес што тој го водел.

Но, тоа не е сè. Во оваа епизода се појавува и трет лик – членка на Судскиот совет што го држи во фиока предметот против еден од судиите, доволно долго за да дојде време тој ист судија да може да стане член на Судскиот совет. Истата таа членка на Судскиот совет, во истата епизода, се вклучила на состанокот на вибер, ама кога дошла на ред точката за разрешување на судијата што го држел предметот против Мијалков за масовното прислушување доволно долго за да застари, виберот ѝ се исклучил. Па ја барале и на отворена линија, на обичен мобилен, ама белја работа, снемало мрежа. Баш на таа точка. Ни Интернет, ни телефон, мртва линија, претплатникот не е достапен. Ало, ало…  И на крај – ало, будало!

Па така е. Будали сме ние што уште веруваме дека тие би имале срам за ова што го прават. Образот – ѓон. Да се случува ова во вистинска сапунска опера, ќе си речеш, ехеееј, малку претерал сценаристов со приказнава. Ама, ова не е филм. Да немаат срам им е природна предиспозиција за да бидат на тоа место.

Па уште и се чудиме како не им е срам што рекол холандскиот амбасадор, што рекол австрискиот амбасадор. Тие не се срамат од нас што ги плаќаме, а ќе се срамеле од странски даночни обврзници. Срам да ни е на нас што очекуваме од нив да се засрамат.

2 Најголемиот пораз за СДСМ е кога пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на пратенички прашања во Собранието ќе го прашаат премиерот Димитар Ковачевски зошто не презема ништо против ДУИ и кога ќе се заканат дека кога тие ќе дојдат на власт ќе ги апсат криминалците од сегашната власт.

Па зарем овој Али Ахмети, чијшто внук сега купува трговски центри низ Скопје на 25-годишна возраст, не е истиот Али Ахмети со когошто владееше Груевски: Ееееј, ВМРО да те обвинува за криминал. Што дочека СДСМ!? Партијата што 11 години со истото тоа ДУИ ја искраде државата до најмалата општина, ги зароби државните институции, нелегално прислушуваше илјадници граѓани и на крај насилно го нападна Собранието и никогаш не се извини за тоа, сега да им се заканува на СДСМ дека кога ќе доје на власт ќе ги апси.

И згора на тоа, ќе се појави Артан Груби на телевизија и во контекст на ставањето на Рамис Мерко на црната листа на САД поради корупција ќе рече: „Антикорупциската комисија не ја бива. Немаат ниту еден единствен успешен случај и се надевам дека идниот состав ќе бидат поуспешни“.

Ова не е цинизам. Ова е баш онаа ситуација кога ти се чудиш како на соговорникот не му срам тоа што ти го зборува, а тој те гледа во очи и ти вика: Ало, будало!

Исто како што власта нè прави будали кога вика дека „институциите треба да постапуваат во случајот со струшкиот градоначалник Рамис Мерко и со внукот на Али Ахмети, Дритон“.

Кои институции? Па тоа сè е измешано, вујковци, чичковци, браќа, сестри, ќерки, синови, снаи, баџанци… Кој во Судски совет, кој во Врховен суд, кој во Обвинителство, кој во Академија за судии, кој претприемач, кој имал идеи за бизнис… Не знаеш кој чиј брат е, на која мајка која ѝ е сестра… Единствено се знае кој од чие партиско тефтерче се нашол во тие институции.

3 Воопшто не е важно на која тема беше организиран протестот на Црквата. Како што протестираа против законите за родова еднаквост и матична евиденција, можеа да протестираат и за садење пиперки и домати. Но важно е дека се создаде општествена клима во која ѝ се дава легитимитет на религиозна институција во секуларна држава да дебатира кој смее, а кој не смее да има права во демократска земја. Притоа, свештенството пропагира нетолеранција и омраза.

Не би ме чудело ова да се случува во време кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ. Ама, се случува за време на владеење на левичарска коалиција. Прво, ѝ овозможија на црквата да окрупнува државни парцели за да гради станбени згради и да продава станови. Па сега уште и политика ќе ни водат, па ќе слушаме свештеници како да живееме во секуларна држава. Попови и оџи нека ни пишуваат закони. Па и Уставот тие нека го менуваат. Левичарска власт од црквата направи политички фактор.

Откако е на власт, СДСМ здушно се труди да ги разочара тие што ѝ помогнаа да го смени Груевски во тие ужасни услови во 2016. Тоа се луѓето кои веруваа во прогрес, правда и ослободување на државата од партиите и дека со СДСМ барем „тоа зло нема да се повтори“. И откако ниту една од понудите за добро владеење не испорачаа, им остана уште да ни ја понудат вербата во Бога. Понудата  им се сведе на богобојажливо левичарење. Зошто? Од чист популизам. Упорно ги одбиваат од себе потенцијалните гласачи за да ги придобијат оние што ни во лудило не би гласале за нив.

Но пострашно од тоа е што ги загрозуваат темелите на секуларната држава.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST