ГОСПОДИН ЧОВЕК

| 6 септември, 2024

Во 2024 година треба да се вратиме 33 години. На првата лекција за основна пристојност.

1 Во пресрет на Денот на независноста 8 Септември, се потсетив на едно интервју што за нашата редакција го даде покојната Ратка Димитрова во 2016, кога славевме 25 години од прогласувањето независна македонска држава. Госпоѓата Димитрова беше координаторка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во првиот состав на Собранието на независна Република Македонија од 1991 до 1994. Потсетувајќи нѐ на тие возбудливи години, таа интервјуто го заврши со зборовите: „Жалам поради тоа што сега не постои човек кој искрено од говорница ќе каже на некого од опозицијата: Па јас татко ти го знам, вие сте наши деца, а и не се разликуваме толку многу во ставовите“.

На оваа емотивна забелешка на почитуваната госпоѓа Димитрова се присетив кога слушнав на кој начин премиерот Христијан Мицкоски му се заблагодари на поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи при промоцијата на нова странска инвестиција. Договорот со германската фирма за литиумски батерии го потпишал сдсмовецот Битиќи во септември минатата година, а еве, овој септември му падна честа на вмровецот Мицкоски да го стави камен-темелникот. При што, Мицкоски рече: „Фатмир Битиќи кажа тој е тој којшто ја донел, па еве јас од мое име да му се заблагодарам затоа што процесот го водел до каде што го водел, жалам што не успеал да го заврши до крај“. И, наместо да заврши тука, продолжи: „Претпоставувам не успеал да ги убеди граѓаните како што еве ги убедувал неговите сопартијци на осми мај, па доживеа дебакл каков што доживеа“.

Е што благодарност беше тоа? Толку ли Мицкоски не може да се издигне над ситуацијата, па мораше и благодарноста за една инвестиција да ја претвори во потсмев? Од каде му извира потребата постојано да го повторува тоа дека победил?  Уште ли не може да си поверува дека е премиер?

Па ако е за честитање, честитај. Ако е за благодарност, заблагодари се, не се потсмевај. Биди господин. Ако е за фалење, пофали. Така ќе оставиш простор утре и тебе да те пофалат. Господин човек.

2 Тие сме, де. Толку сме. Толкава ни е државата. Малку сме. И сѐ помалку сме. Додека лидерите на политичките партии ги фаворизираат неспособните за да гласаат за нив, способните си одат. Политичкиве лидери не се во одминати години па баш да им е гајле каква држава прават. Имаат по четириесетина години. Сами си ја копаат дупката во која и тие ќе потонат заедно со нас. Ако продолжат вака, за дваесет години нема да има кој да им организира ни во болница да ги згрижи.

„А и не се разликуваме толку во ставовите“, ми одѕвонуваат во ушите зборовите на Ратка Димитрова, првата координаторка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од 1991 година, кога не знаевме ни дали ќе нѐ биде како држава, кога бевме блокирани од сите страни и кога секое утро се будевме во страв дека и кај нас ќе зататнат топовите што веќе ги разоруваа Хрватска и Босна и Херцеговина, а нашите војници гинеа во туѓа војна и не знаевме како да си ги вратиме дома.

И од каде сега, 33 години подоцна, толкава омраза меѓу партиите? Чиниш, тие се пред војна.

Кој и да е на власт, образование мора да има, здравство мора да има, полиција мора да има, театри мора да има, патишта, железници мора да има, градинки мора да има, струја мора да има, ѓубрето мора да се собира, тревата мора да се одржува….

Ако збориме за цивилизирани луѓе, тогаш разликите меѓу нив би биле во даночната политика и во прераспределбата дали повеќе пари ќе одат за социјала, култура, одбрана, безбедност… Ама, ако збориме за разгоропадени дивјаци, тогаш навистина треба да се плашиме кога некому не му се почитува ни професионализмот, ни знаењето, ни искуството, затоа што изразил симпатии за една или друга партија. А можеби и не изразил, само имал поинакво мислење.

Кај нас меѓупартиската битка нема врска со идеологија. Конзервативците им се додворуваат на сиромашните, социјалдемократите кокетираат со богатите, час се националисти, час се екологисти… Таа битка е брутална и нетолерантна, оти е тепачка за пари. Толку се очајни во идеолошката понуда што единствената понуда за избори им е зголемување на платите на јавната администрација и зголемување на пензиите, и чат-пат јуначење со македонштината и албанштината. А тие што треба да им ги обезбедат тие плати и пензии ги делат на „овакви“ или „онакви“ фирми, па согласно на „инаквоста“ се во немилост на една или на друга страна.

Политичката култура е водена само од мотивот кој ќе го земе ќарот. Во 2024 година треба да се вратиме 33 години. На првата лекција за основна пристојност.

3 Затоа и не сум нешто премногу изненаден дека поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска со службената картичка купувала мечиња, куфери и хулахопки.

Не е важно дали е мече, евтина или скапа бижутерија, изнајмен стан, луксузен хотел, брза храна или скапа вечера, платена авионска карта, 2 евра или 2.000 евра, 5 милиони евра или „пет од целото“… Односот кон службената картичка го покажува односот на политичарите спрема јавната  функција. Ме ставиле министер, ќе си правам што сакам. Ми паднала картичка в рака, има да ја трошам. Ќе си купам што си сакам.

Бисера е само добар пример на разоткривање на начинот како се трошат наште пари. Ех, да е само Бисера. И да е само до куферите и вечерите. Колку пати само медиумите бележеле злоупотреби на службени коли за приватни цели. Ама тоа се премолчува оти не го ни есапат за злоупотреба. А и тоа е прашање на почитувањето закони.

Ќе врати ли некој пари во касата? Еве, не мора в затвор да завршат, ама барем со камата што ја пресметува  УЈП за задоцнето плаќање на обичните смртници, и овие забеганите нека ни ги вратат парите.

Џабе муабетот. На крајот, сѐ ќе се сведе на сеир. Што туку нѐ замајуваат и зошто прават нервоза кај луѓето ако ни овие случаи немаат завршница?

Партиите на власт се менуваат. Ама навиките – не.

Што не е причина да не си го прославиме Денот на независноста со радост оти ја имаме привилегијата што ја немале нашите претци – да живеат во македонска држава.

Да сте ми живи и здрави. Нека ни е за многу години празникот.

П. С. Интервјуто со Ратка Димитрова објавено на 6 септември 2016 го има на линкот ТУКА.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST