ЗНАЕМЕ КАКО ОДИ ТОА

| 30 август, 2024

Ако немате автобус, возете се со такси

1Како оди нудење и примање мито? Не знаете? Е како така, кога сите знаат. Така вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој изјави дека му нуделе мито за да помине тендерот за пругата кон Бугарија. Не кажа кој и како сакал да го поткупи, ама рече: „Знаеме како оди тоа преку канали“.

Како тоа знаеме? Сите знаеме, оти секој ден нудиме мито и ни нудат мито? Или знаат само тие што се партиски лидери и партиски директори на државни фирми? Кој не знае, нека се јави кај премиерот, ем даскал, па нека нѐ образува „како оди тоа преку канали“.

Од Обвинителството велат дека не добиле пријава оти некој сакал да го поткупи премиерот. Така што, сега би требало да отворат истрага по допрен глас. А, ако Мицкоски не соработува со нив да го гонат за попречување на правдата. Или да го држат одговорен за јавно изречениот збор, па да го гонат за лажна пријава.

Арно ама, бидејќи тој е премиер нема што да пријавува во Обвинителство. Па вели: „Јас одлучив со јавност да се борам со криминалот и корупцијата, и затоа ја дадов таа изјава и тоа е пораката дека времето за криминалците во политиката заврши“.

Оти, да пријавиш криминал во обвинителство не е доволно јавно. А не е ни некоја борба. Со изјави на прес-конференција ќе се бори.

2 Веројатно и овие секојдневни прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ за хулахопките и мечето на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се дел од таа борба против корупцијата со помош на јавноста. Ќе си наддаваат двете партии, што е поскапо, вечерата и изнајмениот стан во Виена на поранешната министерка на која авиокомпанијата ѝ го изгубила багажот, или картата за бизнис класа во авион за Америка на премиерот кого го болат колената.  Оти, немаме институции што треба со тоа да се занимаваат, па на прес-конференции ќе се вадат сметките од јајца од потполошка. Еве, објавија дека на таа вмровската директорка на која СДСМ пред пет-шест години ѝ ги вадеше сметките со јајцата од потполошка, сега пак ѝ дале функција. Ама вашите хулахопки се поскапи од нашите јајца.

И Зоран Заев кога беше премиер помпезно претставуваше план за борба против корупцијата. Дури и позиција вицепремиер за борба против корупција постави, па со Љупчо Николовски во март 2021 на прес-конференција ги повикуваа граѓаните да пријават корупција, исто како што сега Мицкоски ќе отвара посебна линија за пријавување корупција. Заев најавуваше дека секоја државна институција ќе има лице за прием на пријави од укажувачи. Љупчо Николовски, на првата прес-конференција во септември 2020, велеше дека „ништо нема да им фали на функционерите ако не користат службена картичка“, а Мицкоски сега ги предупредува неговите дека ако крадат ќе го срамат и него лично, ама и организацијата.

Така што, еве ние не знаеме „како оди тоа“ со нудење и примање мито. Ама многу добро знаеме „како оди тоа“ со борбата против корупција. Прво, ќе се занимаваш со тоа што правела претходната власт. После, евентуално ќе фатиш некој и од своите. Па после баш ќе ти биде гајле и ќе товариш што може повеќе додека дојдат нови избори. Така некако оди борбата против корупцијата и во „вашите“ и во „нашите редови“.

3 Мицкоски секој ден излегува на телевизија и ни кажува „ќе победиме“, „ќе се исправиме“, „ќе се бориме“, „видете што ни оставија“, „утре ќе кажеме, задутре ќе кажеме, утре ќе направиме, задутре ќе направиме“, уште го „боли и пече Северна пред Македонија“… Уште го турка инерцијата од погонот што го движеше претходните седум години додека беше опозиција.

Кого ќе победите? Победивте.

Не знам колку е утешно за тие што ти верувале дека ќе им го зголемиш платите и те гласале, ако им кажеш да се стрпат до некои подобри времиња, оти сте нашле 700 фунти потрошени на службена картичка. Не знам дали тие што ти дале глас оти ти верувале ќе имаат разбирање ако ги обвиниш синдикатите дека се под контрола на СДСМ. Филипче уште не може да фати контрола ни во зградата на партијата, а не пак да ги контролира синдикатите.

Кога си во опозиција можеш да кажеш што сакаш, ама кога ќе дојдеш на власт треба да најдеш пари да го обезбедиш тоа што си го ветувал. Мицкоски не е веќе лидер на опозициона партија на предизборен митинг, туку претседател на Влада со суперстабилно мнозинство во Собранието. А стоте дена од Владата на Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ неумоливо истекуваат.

4 Како што можеше и да се предвиди, за двата инцидента кои ги предизвика претседателот на Собранието Африм Гаши виновна е полицијата.

За свадбарската поворка, кога покрај неговата службена, поминале уште пет коли, што службени, што приватни без да бидат проверени на границата кон Косово, виновен е шефот на смена. Гаши рече дека „не може тој да застане на пасошка контрола и да контролира“. А за инцидентот со неговото обезбедување, што мафташе со пиштол на Скопскиот аеродром оти косовската претседателка Вјоса Османи одбивала да ѝ биде ставен на скенер личниот багаж, рече дека тој не го бира обезбедувањето, туку МВР.

Вели дека му се јавила косовската претседателка со растреперен глас, во заднината слушал како плачеле деца, божем била заробена, а таа рутинска контрола требало да помине, па го пратил оној со репетираниот пиштол да ја ослободи. Гаши бил зафатен, инаку тој ќе отишол да ја спаси од аеродромската контрола. Да не бил зафатен, тој ли ќе отишол да мафта со пиштол?

Африм Гаши е можеби подобар од Талат Џафери, како што вели премиерот Христијан Мицкоски. Не го знаеме каков е како човек. Можеби е фин, домаќин, услужлив, трпелив, скромен… Ама, дај нека не нѐ прават недоветни. Не се брани нешто што е неодбранливо.

Ќе си играме држава. Та ние, та Косово. Со приказната од Западниот Балкан. За суетната претседателка со растреперен глас и исплашени деца и за добриот спикер на кого му подметнале лош полицаец.

5 ВМРО-ДПМНЕ ја прекрсти пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска во Бисера Антоанета.

Марија Антоанета била австриска принцеза и кралица на Франција што завршила на гилотина во Париз во 1793 година за време на Француската револуција. Фразата „Ако народот нема леб, дајте му колачи“ ѝ се припишува како нејзина, иако историчарите не се согласни дали баш тоа била нејзина изјава.

На ВМРО-ДПМНЕ им текнало како да ѝ смислат име на поранешната министерка Бисера, оти и тие се водат по логиката на Марија Антоанета во кавгата со нивната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска. Па, за решавање на проблемот со јавниот превоз викаат: Ако немате автобуси, возете се со такси.

Кој нема за такси, нека се стрпи до некои подобри времиња. Нека оди пасионирано – пешки.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ може да ја активира Илинденската коњица од Лисиче да ги превезува скопјани од Драчево до Ѓорче Петров. И од Клиничкиот центар до Бутел.

А на следните избори пак нека понудат бесплатен јавен превоз. Само, проблем ќе им биде да најдат некоја помалку способна менаџерка. За гласачи да најдат – нема проблем.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST