1 Безнадежно е кога врховен судија и член на Советот на јавни обвинители земале мито од 15.000 евра од обвинет за да му наместат судски случај. А уште побезнадежно е што кога ги фатиле во заедничката ујдурма, нивните колеги им пресудија најмала можна казна затоа што двајцата признале вина.
Врховниот судија Наќе Георгиев, наместо максималната казна затвор од 10 години доби 3 години, а членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети доби условна казна од една година ако три години не направи кривично дело. Три години нема да смеат да бараат мито.
Наќе Георгиев е врховен судија. Врховен. Како што кажува самото име. Тој одлучува по жалбите за сите пресуди во пониските судови. Иџет Мемети е член на Советот на јавни обвинители. Тој ги избира и ги разрешува обвинителите. Претходно, во два мандата, 16 години беше Народен правобранител. Го бранел правото на граѓаните. Во две влади, во онаа на Љубчо Георгиевски и на Хари Костов, беше министер за правда.
Значи, и двајцата не се обични функционери фатени како примаат мито. Тие го уривале правниот систем. Се заколнале ли пред судот дека ова им е е првпат да земат мито? Испитале ли нивните колеги, јавни обвинители и судии дали ова им е првпат? И конечно, каква порака праќа ваквата судско-обвинителска пракса кон останатите судии, кон обвинителите, кон функционерите… Крадете, ако ве фатат ќе признаете вина и ќе куртулите од голема казна.
2 Изгледа дека премиерот Христијан Мицкоски продолжува со терапијата за амнезија. Па за последните скандали во правосудството изјавува дека „едни тефтерчиња од минатото се заменети со други од Струмица, Бихаќка и Мала Речица“. Од кое минато? Од некое далечно минато од 1903? Или од минатото од 2006 до 2017 кога тефтерчињата се правеа во Скопје, белата палата и Мала Речица во Владата на Никола Груевски, кога Мицкоски исто така имаше висока функција?
Од која потсвест му се појавија тефтерчињата на Мицкоски? Па како фраза, тефтерчињата се одомаќинија во политичкиот речник, а и во колективната меморија, кога ги слушнавме во прислушуваните разговори од времето на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски. Ги слушавме како ги избираат и како ги поставуваат судиите, ја слушавме тогашната претседателка на Судскиот совет како ѝ ги диктира имињата на кандидатите за судии на секретарката на премиерот и како министерката за внатрешни работи ги штиклираше во тефтерчето.
Мицкоски е во право кога вели дека треба да се реформира судскиот систем. И воопшто не ми е гајле дали ќе ги распушти постоечкиот Судски совет и Советот на јавни обвинители. Ама и покрај сиот оптимизам, што го немам, и покрај временската дистанца од седум години, уште ги паметам судските практики од 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. И искрено, се плашам дека целисходноста на распуштањето на Советите што го предлага Мицкоски не е смена на системот. Туку замена на луѓето. Тие се судиите и обвинителите, знаеме како се поставувани и во нивно време, не се паднати од небо. Наша банда да дојде на местото на вашата банда. Не само за судии и обвинители. За сè што е на платен список од буџетот.
Оти, кај нас со промена на власта нема политичка волја да се менува системот. Само се заменуваат луѓето на државни позиции со други имиња. Тефтерчиња, мефтерчиња.
3 Како да веруваш дека ќе нема само замена на тефтерчињата, кога министерот за здравство Арбен Таравари на својот фејсбук профил прво напиша дека „работат да го ослободат“ Блерим Рамадани од Косово, кој беше уапсен и во екстрадиционен притвор оти беше на листата на Интерпол по барање на Србија како осомничен за воени злосторства како војник на ОВК? А потоа, откако беше ослободен од притвор и испратен во куќен притвор на гости кај роднини, Таравари напиша: „Го поздравувам ослободувањето на поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани! Неговото ослободување беше мисија што ја исполнивме и неговата слобода нѐ прави сите среќни!“ И Рамадани, во духот на народната мудрост „На секој гостин, три дена му е доста“, си замина од „гостинскиот притвор“ дома, во Косово.
Одлуката да се пушти Рамадани беше на судијата од Кривичниот суд во Скопје Пајазит Пајазити.
Истиот судија Пајазит Пајазити одлучи да ја прифати спогодбата на Обвинителството со Иџет Мемети, за тој да добие една година условна казна затвор за посредување за примање мито.
Истиот судија Пајазит Пајазити не го прифати предлогот на Обвинителството да му одреди притвор на шефот на чаирскиот огранок на ДУИ Беким Незири и уште седумина силеџии, кои на 4 јануари годинава упаднаа во Контролната кула на Скопскиот аеродром и натепаа контролор на летање оти се беше солидаризирал со колегите од Синдикатот против партиски вработувања.
Што тука не е јасно?
4И името на банкарската службеничка Афрона Вервизоли, која Владата ја постави за главен ревизор на ИПА фондовите за помошта од ЕУ, излезе од некое партиско тефтерче. Откако се откри дека Вервизоли ги нема потребните квалификации да биде главен ревизор како се трошат ЕУ парите, Владата по три-четири дена ја разреши и именуваше друг кадар, за в. д. директор.
Не беше навредливо тоа што Владата на клучна позиција поставила партиски кадар што е недораснат и некадарен за функцијата. Вервизоли не е ни првата, ни последната што е така поставена на одговорна позиција. Но, навредливо беше тоа што Коалицијата „Вреди“, од чие тефтерче се појави нејзиното име, соопшти дека „таа е привремено заменета со друг кадар од нашите редови“. Ни срам ни перде. Во поделбата на пленот тоа место е договорено да биде „наше“. Ја бивало, не ја бивало, ќе ја чекаме Вервизоли да доучи и тоа место мора да биде „наше“.
Е па, ајде да го смениме Уставот. Во Устав да биде запишано дека ако сакаш да напредуваш во кариерата во државна служба, мора да имаш партиска книшка, без оглед на образование, професионализам и способности. Да не се држат во заблуда останатите граѓани што не сакаат партиски да се врзуваат. Така, присвојувањето државни позиции од неписмени копуци од партиските тефтерчиња ќе стане нивно уставно загарантирано право. Ионака, само тие им се битни на партиите.
5 Собранието го усвои ребалансот на Буџетот. Иако за расправа за Буџет се предвидени три дена, гласањето се случи брзо откако од опозициската СДСМ на говорница се појави само поранешниот премиер и поранешен лидер на партијата Димитар Ковачевски. Тој кажа дека нема да гласаат за Буџетот, ама и дека нема да ја одолговлекуваат расправата.
Значи, браво. Ваква опозиција би посакала секоја власт. Да имаш три дена да зборуваш колку што сакаш, да дебатираш и за Буџет и за сѐ што сакаш и да се откажеш од дебата. Три дена да имаш отворен микрофон и говорница и да немаш што да кажеш. Па, во 2012 ВМРО-ДПМНЕ кога беше на власт, баш кога се носеше буџетот, на клоци ги извади пратениците на СДСМ од Собрание.
Од осумнаесет пратеници на СДСМ, толку ли никој немаше што да каже за ребалансот? Од Левица со шест пратеници, петмина излегоа на говорница. Да се изнервираа барем од нешто од нивните сектори. Толку ли немаше никаква забелешка за Буџетот доскорешниот вицепремиер за економија Фатмир Битиќи? Доскорешната директорка на УЈП Сања Лукаревска? Јованка Тренчовска која беше министерка за труд и социјала? Доскорешната министерка за култура Бисера Костадинова-Стојчевска? А Венко Филипче? Да го видевме, барем, на собраниска говорница новиот лидер на СДСМ.
Или уште се навредени дека ги изгубија изборите па си викаат: Што има воопшто да го читаме ребалансот на Буџетот, кога ионака ќе го изгласаат? За кој народ да ги читаме? За оние што нѐ казнија на избори? Нека видат сега како е со ВМРО.
Таа малодушност делува многу охрабрувачки и за оние малку гласачи што им останаа верни. А за сите други – и со СДСМ и без СДСМ ќе се преживее.
АУДИО ВЕРЗИЈА