ЧЕТВРТА РЕПУБЛИКА

| 2 август, 2024

Борбата трае, во празничен говор. Ама, во реалноста нашите млади ја продолжуваат борбата во држави кои им даваат шанса за подобар живот.

1 Празниците се за празнични говори. Вообичаено, тие отсликуваат некоја замислена иднина. Ќе биде, ќе направиме, ќе смислиме, ќе оствариме… Помалку или повеќе, на овој или оној начин, 33 години ги слушаме истите фрази во говорите на државното раководство.

Всушност, реалноста не е баш толку фина како тоа што ни го кажуваат политичарите во празничните честитки. Мотото на годинашната прослава на Илинден е „Борбата трае“. Кога ќе видиш каква ни е државата, од година в година овие 33 години од прогласувањето независност, сѐ ми се чини како нешто да грешиме во таа борба. Се бориме со самите себе. И, досега, дебело губиме.

Деновиве, бев на една забава во Охрид. Фини луѓе, весели, расположени, опуштени, собрани од три генерации, баби, дедовци, родители и деца. Во еден момент, сфатив дека само десетмина од нас живеат тука, во Македонија. Од децата ниту едно, а некои од децата, кои тинејџери, кои студенти, меѓусебно си разговараа на англиски јазик.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во својот прв илинденски говор рече дека „битката за младите е битка за четвртата македонска република“.

Борбата трае, во празничен говор. Ама, во реалноста нашите млади ја продолжуваат борбата во држави кои им даваат шанса за подобар живот. Дома, каде што шансата ја добиваат само партиските послушници и медиокритети, нема смисла да се троши енергијата.

2 Можеме да спориме со Сиљановска-Давкова колку се остварливи нејзините заложби за „битка за знаењето наспроти незнаењето, извонредноста наспроти просечноста, креативноста наспроти деструктивноста“. Може да спориме и дали и колку партијата со чија поддршка беше избрана за претседателка ќе ѝ овозможи да ги остварува тие цели. Но, за разлика од нејзиниот претседателски говор што барем ги согледа целите на четвртата република, остана нејасно дали Христијан Мицкоски на најголемиот државен празник имаше предизборен говор на партиски митинг во Крушево, или сепак како премиер, даваше отчет за 30 дена Влада и ја напаѓаше опозицијата колку лоша држава му оставила. Има огромно мнозинство во Собранието, секој ден може тоа да го зборува. Барем за празникот да се воздржеше, да си ги задржеше гневот во себе. Како уште да не ги има добиено изборите.  Готово е. Дојдовте на власт, ај сега малку со подржавнички муабети.

Кои млади ќе се вратат во државата по овој прв Илинденски говор на Мицкоски како премиер, како во време на најлошите традиции на Никола Груевски кој сите 11 години додека беше на власт ги користеше празничните говори да се кара со сите и да се заканува? И при крај на говорот, како и сега Мицкоски од Мечкин Камен, и Груевски повикуваше на единство и дијалог, ама според негови услови.

Борбата ќе заврши со победа само тогаш кога најголемиот државен празник ќе го испочитуваат заедно и власта и опозицијата. Тоа е вистински патриотизам.

3 И додека слушаме празнични пораки дека ќе ја европеизираме државата, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов испраќа апели до граѓаните: Не палете скара на Илинден. Во европеизираната држава, само во јули сме имале 765 пожари на отворено.

Стојанче Ангелов во подкаст за САКАМДАКАЖАМ.МК пред неколку месеци рече дека палењето стрништа е во културата, обичај на нашиот народ и тешко ќе се искорени.

И како ќе им ја објасниш оваа култура на оние дестина земји што се покренаа да испраќаат пожарникари, авиони и хеликоптери да ни помагаат да ги гаснеме пожарите? Знаете, кај нас и палењето скара во ек на сезона на пожари, во досега невиден обем е дел од традицијата на нашиот народ. А и палење на трските и шумите е дел од традицијата за грабање градежно земјиште.

Културата и традицијата за палење стрништа се менува со строги закони што важат за сите. Ама над таа традиција има уште посилна традиција – неказнивоста за потпалувачите.

4 Коалицијата „Вреди“, која е дел од Владата, соопшти дека почнала постапка за формирање Академија на Албанците за наука и уметност во Северна Македонија. Лидерот на „Вреди“ Арбен Таравари објави на Фејсбук дека е особено горд оти „ние сме еден од најстарите народи на Балканот и во нашата ДНК има интелигенција и цивилизација на античка култура“.

Ич не ми е пријатно кога во мојата држава во 21 век некој политичар, министер за здравство, па уште и лекар ми споменува ДНК. За разлика од Таравари, вицепремиерот Изет Меџити си беше конкретен па си кажа: „Има тројца-четворица академици, но нема ниту еден вработен во МАНУ, ни кафекувар нема. Не може некој да ме убеди дека нема Албанци што може да работат во МАНУ“.

А, никој од челниците на „Вреди“ не ни знае дека еден од двајцата актуелни потпретседатели на МАНУ е Албанец – академик Алајдин Абази.

Е па, ај тогаш да отвориме Албанска академија на науките за да има каде да се вработи кафекуварката од „Вреди“. Оти овие „три-четворица академици“, не се толку важни за „Вреди“ колку кафекуварката. Да беа важни, Меџити ќе им ги знаеше имињата. А и којзнае што ДНК имаат. Дали се вредни за „Вреди“.

Тетово не може вода да им обезбеди на своите граѓани, ама ќе им обезбеди академија на науките. Единствен град е без ниту еден парк, ама не му треба. Ќе се собираат по лаборатории и по читални, на наука ќе го губат времето, немаат време за опуштање.

Слушајќи ги овие будалаштини на „Вреди“, што се натпреварува со ДУИ кој ќе биде поголем националист, прво што ми падна на памет беше тоа дека ја имав честа и привилегијата лично да го познавам академикот и писател Луан Старова. Каков господин човек беше тоа. Кој него го перцепирал како Албанец или неалбанец? Кој неговите над 200 дела ги вреднувал со ДНК на еден од најстарите народи на Балканот? Професор, амабасадор, почесен член и на Албанската академија на науките, ама онаа во Тирана, не оваа Тетовската на Таравари и на Меџити. Ех, да беше жив професорот Старова, па да го прашавме дали послатко ќе му беше кафето зготвено од  вработена со врски од „Вреди“ или од ВМРО-ДПМНЕ, или од ДУИ или од СДСМ. Оти и кафеготвачка не се станува така лесно. И за тоа треба партиска книшка.

Сега засега, толку од темата за четвртата република и визијата на претседателката Сиљановска-Давкова за републиката што ќе биде „грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите“.

5 Додека терам празник во Охрид, заедно со син ми решивме во предвечерието на Илинден да го развееме државното знаме. Додека го закачувавме на еден импровизиран јарбол покрај оградата од дворот, помина една туристка од Холандија и застана да ни помогне без да побараме помош. Стоеше насмеана до нас и го придржуваше знамето да не летне на ветрот додека ние го прицврстувавме. Од другата страна на улицата еден нашинец ни дофри: „Не е тоа нашето знаме!“.

Сакав да му вратам, да му одговорам нешто, ама останав без зборови. Вреди ли да се расправаш?

Борбата трае.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST